Нема љубов за работниците

07.09.2013 10:58
Нема љубов за работниците

Ова не се сведуваше отсекогаш на виршли. Првобитно, верувале или не, Денот на трудот имал некаква врска со покажување почит кон работниците.

Еве како тоа се одиграло. Во 1894 година работниците од Пулман, откако им се намалени платите поради финансиската криза, започнале штрајк - и Гровер Кливленд испратил 12.000 војници да го разбијат синдикатот. Успеал, но употребата на вооружени сили за заштита на интересот на капиталот била толку дрска, што дури и луѓето од Златното доба биле шокирани. Така Конгресот, во млакиот обид за помирување, едногласно го прогласи овој ден за национален празник во чест на американските работници.

Денес ова е тешко замисливо. Не оној дел за финансиската криза и намалувањето на платите - тоа се случува насекаде околу нас. Ниту делот за државата која работи во интерес на богатите - погледнете кој е избавен а кој не во последната верзија на „паниката од 1893“. Не, денес е незамисливо Конгресот да покаже макар и симболичен гест на поддршка на работничкото достоинство. Бидејќи, факт е дека многу денешни политичари не можат дури ни да се натераат да одглумат почит за обичните работни луѓе во Америка.

Сетете се, на пример, како водачот на пратеничкото мнозинство во Конгресот, Ерик Кантор, го одбележа Денот на трудот минатата година: со порака на Твитер која гласи „Денес ги славиме оние кои презедоа ризик, работеа вредно, ги изградија фирмите и го заработија својот успех“. За него Денот на трудот беше прилика да им оддаде почест на газдите.

Инаку, сетете се на сè пошироките дефиниции на оние кои конзервативците ги сметаат за паразити. Некогаш беснееја поради неранимајковците кои живеат од социјална помош. Но дури и на врвот на таа програма, бројот на Американци на „социјална помош“ - Помош за семејства со издржувани деца - никогаш не надминуваше 5% од населението. А многу помалку дарежливиот наследник на таа програма, Привремената поддршка за загрозените семејства, опфаќа помалку од 2% од Американците.

Меѓутоа, дури и додека опаѓа бројот на Американци на она што некогаш го сметавме за социјална помош, бројот на граѓани кои десницата ги смета за „земачи“ наместо да бидат „создавачи“ - луѓето од кои Мит Ромни се жалеше велејќи: „Никогаш нема да ги убедам дека треба да преземат лична одговорност и да се грижат за себе“ - порасна на речиси половина популација. А големо мнозинство од оваа новодефинирана армија гребатори е сочинето од работничките семејства, кои не плаќаат данок на доход, но плаќаат данок на платна листа (повеќето од останатите се постари).

Како некој кој живее од својот труд може да се смета за морален еквивалент на неранимајко на социјална помош? Па, дел од одговорот се крие во тоа што многу десничари се служат со реторички трикови: зборуваат како некој не плаќа данок на доход и се надеваат дека нивната публика нема да го забележи зборот „доход“ и дека ќе ги заборави сите останати даноци кои работните луѓе во Америка ги плаќаат.

Меѓутоа, вистина е и тоа дека денешна Америка, која практично ја елиминираше традиционалната социјална помош, навистина има други програми за помош на сиромашните - пред сè негативниот данок на личен доход, бонови за храна и Medicaid. Повеќето корисници на овие програми се деца, постари или работници - тоа по дефиниција важи за негативниот данок, кој само го дополнува заработениот доход, а практично е точно и за останатите програми. Значи, ако некој кој работи вредно обидувајќи се да сврзе крај со крај, но притоа добива некаква помош од државата, го сметате за „земач“, тоа значи дека презирате огромен број американски работници и нивните семејства.

Да, почекајте допрва да започне здравствената програма на Обама, кога милиони американски работници ќе почнат да примаат субвенции за плаќање на здравственото осигурување.

Можеби ќе се запрашате зошто би им давале каква било помош на вработени луѓе - на крајот на краиштата, тие не живеат во крајна беда. Но, факт е дека економската нееднаквост во минатите неколку децении вртоглаво порасна и додека еден грст луѓе имаат стратосферски приходи, многу повеќе Американци сфаќаат дека, колку и да се жртвуваат на работа, не можат да заработат за основните животни потреби - конкретно за здравствено осигурување, иако дури и храната може да биде проблем. Ако кажеме дека помошта би им дошла добро, тоа не значи дека треба да ги омаловажуваме и тоа секако не би требало да ја намали почитта кон секој што работи вредно и игра според правилата.

Но, очигледно сите не мислат така. Конкретно, изгледа дека има многу богати луѓе во Америка кои секој што не е богат го сметаат за губитник - и тој став очигледно се зацврсти како што се ширеше расчекорот помеѓу едниот процент и сите останати. А таквите луѓе имаат многу пријатели во Вашингтон.

Значи, дали овој пат ќе чуеме нешто од господинот Кантор и неговите колеги за почитта кон луѓето кои со труд заработуваат за живот? Можеби. Но можеме да бидеме сигурни дека тие не веруваат во тоа.

Извор: The New York Times

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото