Зад идеите на топлес-феминистките од Фемен стои маж?

07.09.2013 12:32
Зад идеите на топлес-феминистките од Фемен стои маж?

Документарниот филм кој ќе ја има својата премиера на филмскиот фестивал во Венеција, зборува за една добро криена тајна: зад украинската феминистичка група Фемен, позната по протестите на убавите жени со разголени гради, стои маж.

„Украина не е бордел“ е името на филмот на 28-годишната австралиска режисерка Кити Грин, кој го разоткрива човекот по име Виктор Свјатски. Свјатски до сега беше познат само како советник на групата, а неодамна беше претепан во акција на украинските тајни служби против Фемен.

Грин во филмот тврди дека не е само поддржувач на движењето Фемен, туку и негов основач и идеен творец.

„Тој ги бира девојките за Фемен. Ги избира најубавите девојки, бидејќи тие продаваат најмногу весници. Најубавите девојки стигнуваат на насловните страници, а тоа стана нивен препознатлив знак, начинот на кој го продаваат брендот“, вели режисерката.

Во филмот се тврди дека Свјатски е оној кој ги испратил активистките на една од нивните најопасни мисии во Белорусија, каде се уапсени, понижувани, а потоа исфрлени во шума во близина на границата со Украина. Кити Грин ги следела активистките во Белорусија, но снимките од акцијата и насилството на белоруската полиција се украдени. Таа тврди дека се украдени од КГБ, кој ја привел и ја држел во притвор осум часа.

Австралиската режисерка поминала една година во Киев, живеејќи во стан со четири членки на Фемен и следејќи ги нивните активности, а дури по неколку месеци станала свесна дека Свјатски ги влече конците во групата.

„Тој е Фемен“, тврди Грин.

Кога по неколку одбивања најпосле се согласил да зборува за филмот, Свјатски се обидел да ја оправда својата улога во организацијата велејќи дека активистките се - слаби.

„Тие немаат карактерна сила. Немаат дури ни желба да бидат силни. Наместо тоа, покажуваат потчинетост, без’рбетништво и многу други особини кои ги спречуваат да станат политички активисти. Беше нужно да се научат во врска со овие особини“, вели Свјатски во филмот.

Меѓутоа, тој инсистира на тоа дека неговата улога во Фемен е само позитивна.

Извор: www.independent.co.uk

ОкоБоли главаВицФото