Во подрумот на Јанкуловска - 80 саксии правда

09.09.2013 09:12
Во подрумот на Јанкуловска - 80 саксии правда

Скопје, 9 септември 2013

При претрес на подрумот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, специјалците на МВР пронашле 80 саксии во кои таа легално одгледувала правда и еднаквост, а биле пронајдени и неколку сандаци со семе за растението Ustavus zakonеа.

Иницијатор и своевиден нарачател на акцијата е самата Гордана Јанкуловска, која откако се посомневала дека во нејзиниот подрум се наоѓа нешто легално, имено праведност и чесност, ја повикала единицата за брзо распоредување пред камери (ЕБРПК) да изврши претрес.

„Акцијата беше изведена најпрофесионално. Припадниците на единицата не избрзуваа со дејствување и стрпливо чекаа скриени дури три часа да пристигнат камерите, за да може да почне акцијата. А министерката не даваше никаков отпор, дури самата ни ја покажа правдата“, вели Г.М. кој ја предводеше целата операција.

Јавноста беше шокирана од откривањето на легални материјали во подрумот на министерката за внатрешни работи, но повеќето граѓани се задоволни од фактот што никој не е над законот.

„Постапив како што би постапил секој чесен граѓанин. Веднаш штом се посомневав во себе се пријавив во полиција, а и самата помогнав во организирање на акцијата. Немам што да кријам. Еве, ексклузивно ќе откријам дека и во дворот на викендичката имам засадено десетина конзервативци“, изјави Гордана Јанкуловска за Пара вести.

Таа додаде дека следната акција на МВР ќе се одвива токму таму, а лично премиерот ќе биде фатен како ги полева конзервативците.