Очи со боја на чевли

09.09.2013 09:45
Очи со боја на чевли

3.

На почетокот Ема постојано правеше грешки. Грешките најчесто се јавуваа како последица на нејзиното невнимание. Еднаш, додека одеше накај Уметничкото училиште во кое работи, од дворот на католичката црква излезе еден маж кој беше облечен во свештеничка униформа, а на нозете носеше црни, со висок ѓон чевли. Чевлите беа толку внимателно исчистени што изгледаа поцрни дури и од мантијата на свештеникот. Ема веднаш тргна по него. Свештеникот чекореше брзо, како да прескокнува по една плочка на тротоарот. Во еден миг Ема толку многу се измори што нејзините чекори сè повеќе се успоруваа и почна да го губи од видикот. Одеднаш, свештеникот неочекувано влезе во една тесна улица и Ема сосема го изгуби. Ема продолжи да оди по патот. Кога влезе во улицата свештеникот го немаше. Ема постоја неколку мига на почетокот на улицата, а потоа кога се увери дека улицата излегува на Уметничкото училиште, продолжи по патот. Додека одеше по улицата некој од зад грб ја зграби за раката. Ема беше преплашена, не знаеше како да реагира, човекот што ја зграби се наведна до увото на Ема и ѝ шепна: „Мене ли ме бараш?“. Тоа беше свештеникот. Ема ја извлече својата рака од неговата и почна да трча по улицата. Кога се заврте да види дали свештеникот оди по неа, него го немаше.

Ема не престануваше да прави грешки иако себеси секогаш си ветуваше дека наредниот пат ќе биде повнимателна. Додека една вечер седеше во кинескиот ресторан, толку многу се загледа во чевлите на еден маж кој стоеше на вратата и си ја чекаше жената, па наместо чашата со вино да ја стави на масата, ја испушти и чашата толку силно тресна што сите погледнаа во неа. Во мигот кога ја испушти чашата мажот излегуваше, а неговата жена, малечка дебелка женичка, се сврте и ѝ се насмевна. На Ема не ѝ беше јасно дали жената ѝ се насмеа затоа што виде дека таа гледа во чевлите на мажот или од сочувство. И таман кога Ема помисли дека освен жената никој друг не забележал, келнерот, едно слабо и невообичаено високо момче, додека го метеше стаклото од чашата се наведна накај Ема и ѝ рече: „За половина час ми завршува смената, чекајте ме на задниот влез имам нешто за вас.“ Ема ја плати сметката и излезе најбрзо што можеше. Кога излезе надвор, некое време стоеше пред вратата мислејќи се дали да остане и да го чека момчето или да си замине. По долги колебања, се одлучи да го почека момчето иако и самата не знаеше зошто. По четириесет и пет минути момчето излезе и првин ѝ се извини што го чекала подолго одошто требало, а потоа ѝ рече да тргне по него. Ема одеше по него. Во еден миг помисли да се заврти и да си замине, но сепак нешто ја тераше да продолжи. За сето време додека одеа, владееше непријатна тишина, одвреме–навреме момчето ќе се насмееше. Двата предни заба му беа поголеми од другите заби, па кога ќе се насмееше наликуваше на зајак од цртан филм. Чевлите на момчето беа стари и нечисти. Чевелот на десната нога му беше одлепен од ѓонот, па кога ќе ја поткренеше ногата, Ема можеше да му ги види белите чорапи.

Најпосле момчето ѝ кажа дека стигнале. Момчето влезе во една зграда на „Рузвелтова“, а Ема побрза веднаш по него за да не ја види никој. Момчето се спушти во подрумот, Ема остана уште некое време на скалите и откако се увери дека нема никој во зградата и таа се спушти во подрумот. Момчето отклучуваше некаква врата. Во ходникот на подрумот немаше светло, па Ема не можеше да види каде точно ја води момчето. Кога најпосле момчето ја отклучи вратата, двајцата влегоа во подрумот кој беше преправен во соба. Внатре имаше еден кревет, маса со два стола, на другиот крај на собата стоеја два компјутера на импровизирана маса. Веднаш до импровизираната маса имаше неколку кутии полни со це-деа. Момчето ја праша дали сака да ѝ подготви кафе и пред да дочека одговор, тој се наведна над една од кутиите и почна да бара нешто, а подоцна се префрли во втората кутија за најпосле да извлече едно це-де. Момчето почна да зборува како тој студирал на Природно математичкиот факултет и како со келнерската плата не можел да ја плати ниту киријата за подрумот каде што живее, а камо ли да ги плаќа студиите. По долг и напорен вовед момчето најпосле ѝ кажа дека дополнително заработува со продавање це-деа со порнографска содржина. Ѝ го даде це-дето што го држеше во рака и притоа не испушти да додаде: „Овде го имате тоа што го барате“. Ема сакаше што побрзо да излезе од тој подрум, не го поднесуваше мирисот на влага, а уште помалку ситуацијата во која се најде. Извади неколку банкноти од џебот и му ги фрли на масата. Момчето погледна на масата и се насмеа, сигурно имало повеќе отколку што треба. Додека се качуваше по скалите, Ема го слушна момчето како дофрла: „Ќе ти направам и други це-деа, наврати пак, сега знаеш кај сум“. Кога излезе надвор Ема го фрли це-дето во тревникот и побрза кон автобуската постојка. Кога влезе во автобусот се сврте уште еднаш кон зградата. Пред влезот стоеше момчето и се смееше, а во рака го држеше це-дето што Ема го фрли. Двата заба сега ѝ изгледаа уште поголеми. Автобусот тргна, момчето и понатаму стоеше и се смееше.

По средбата со момчето, Ема долго време избегнуваше да следи мажи. Постојано имаше чувство дека момчето ќе излезе од некој агол. Едно попладне додека седеше во читалната во НУБ, помина еден маж на околу триесет години, во костум со вратоврска, а на нозете носеше кафени чевли. Ема не сакаше мажи со кафени чевли, но овие толку многу ја потсетуваа на чевлите на мажот од погребот. Мажот ѝ се чинеше сериозен и ѝ влеваше доверба. Ема не можеше да се воздржи, стана и тргна по мажот.

Мажот првин влезе во фотокопирница и остави една дебела книга за инсекти. На жената во фотокопирницата ѝ рече дека ќе се врати за четириесет минути, а потоа од гардеробата во библиотека зеде еден капут од чоја и префрлајќи го преку рака, излезе. Ема одеше на неколку чекори зад него. Мажот влезе во една продавница за чевли. Додека гледаше едни црни чевли кои на Ема ѝ се чинеа премногу груби, мажот одеднаш ги извлече врвките и набрзина ги пикна во џебот на капутот. Ема беше изненадена од тоа што го виде и пред да има време да сфати што всушност мажот прави, тој излезе од продавницата. Ема се упати по него. Мажот стоеше пред излогот на друга продавница за чевли. По пет минути влезе во продавницата. Ема не сакаше да влегува по него, остана да го гледа од излогот. Мажот првин направи неколку круга околу еден рафт со чевли, а потоа зеде еден чевел и откако го проба повторно го врати на рафтот. Мажот на продавачката ѝ кажа нешто. Продавачката се наведна кон еден куп со кутии за чевли и почна да бара. За тоа време, мажот зеде еден бел чевел и на брзина ги извлече и од него врвките, а потоа ги стави во другиот џеб на капутот. Продавачката му подаде еден пар чевли, тој ги зеде и ги спушти на подот, а потоа се сврте кон излогот и со показалецот покажа кон еден пар чевли кои стоеја точно до средината на брадата и почетокот на носот на Ема. Продавачката некое време гледаше во излогот, а потоа и таа го впери показалецот кон еден пар чевли. Ема беше преплашена, се чувствуваше како соучесник во кражба на врвки. Вперен во неа, показалецот на продавачката како да ѝ велеше: „Ти си виновна за сè!“. Ема посака да влезе и сè да ѝ раскаже на продавачката, но кога таа се доближи до излогот и ја испружи раката за да ги земе чевлите, Ема помисли дека раката ќе ја испружи преку стаклото на излогот, ќе ја фати за вратот и ќе почне да ја дави. Кога продавачката го зграби десниот чевел, Ема почна да чувствува како нешто ја стега во грлото. Се обидуваше да земе воздух, но раката уште посилно ја стегаше. Во еден миг на Ема сосем ѝ снема воздух, сè повеќе и повеќе се гушеше. Наеднаш почна во излогот да ѝ се стемнува. Темнината почна да се шири низ целата продавница, за најпосле целата продавница да исчезне во темнината.

Кога ги отвори очите, пред неа стоеше продавачката и ѝ подаваше чаша со вода. Овојпат рацете на продавачката изгледаа поинаку. Кога се поткрена, Ема виде дека се наоѓа во продавницата. Продавачката почна да ѝ раскажува како стоела пред излогот и наеднаш паднала на подот, па заедно со еден маж кој тогаш бил во продавницата ја внеле внатре. Ема со погледот го побара мажот, но освен продавачката во продавницата немаше никој друг.

Одломката е преземена од книгата „Очи со боја на чевли“ во издание на Кликер.

Слики: Ване Костуранов

ОкоБоли главаВицФото