Queer: последниот дисидент

11.11.2009 16:05
queer_space_logo.jpg

Колку пати сте го слушнале зборот Queer (квир), а и понатаму не знаете што значи. Па, не значи ништо. И значи сè. Како мисла, идеја, движење, квирот се јавува како противтежа на хетеронормативноста.

Токму оваа појава ја маргинализира и ја брише можноста за избор, а во центарот се става хетеросексуалноста како единствен „нормален“ и „природен“ избор.

Исто така, хeтеронормативноста ги дефинира само поимите машко и женско, со строги правила на изглед и однесување, каде секое отстапување се катогоризира како неприродно. Така се создаваат категориите „мажествени“ жени и „феминизирани“ мажи, со ненормални сексуални практики и неприроден животен стил. Откако некои луѓе се дрзнаа да прашаат кој е тој што пропишува што е природно а што не е, и ја следеа паролата “сè што е човечко не ми е туѓо“, се јави цела низа интелектуалци, уметници, активисти и други кои почнаа да се занимаваат со прашањето на идентитетот.

Закоравените филозофски кругови од 80-те години на минатиот век почнаа да се вознемируваат од зачетниците на queer теоријата, филозофот Мишел Фуко и неговата критичарка, феминистката Џудит Батлер. Заедно со уште неколку теоретичари, но и со големото интересирање на академската публика, доаѓа до создавање на queer теоријата. Таа најпрвин израснува од геј-лезбејските и феминистички студии, но не се стеснува да ги оспори. Оваа теорија денес е дел од хуманистичките науки, историјата, културните студии, книжевноста, филозофијата, правото, генетиката и биологијата. Како и во самиот почеток, queer теоријата жестоко го критикува општеството, па и теориските темели од кои настанала. Денес многу queer теоретичари сакаат во целост да ги потиснат геј-лезбејските студии бидејќи ги сметаат за конформистички, односно, тврдат дека ги копираат хетеросексуалните норми, на пример, во барањето право на истополов брак.

Зборот queer во англискиот јазик означува нешто чудно или настрано, и до 80-те години бил погрден назив за личностите со хомосексуална ориентација, додека денес има низа поинакви, позитивни значења. Пред сè, се користи да ја опише целокупната хомосексуална, бисексуална, трансексуална и интерсексуална заедница, но и хетеросексуалните личности кои живеат вон хетеронормативните рамки.

Но зборот queer се врзува и за активизмот, општественото движење, споменатиот теориски правец, како и за поединците кои не ги прифаќаат наметнатите општествени правила. Queer се однесува на испитувањето и одбивањето на наметнатите норми на патријахалната култура, овозможува самодефинирање и моментално претставува единствена радикална политика која ја гледа поврзаноста меѓу сите облици на угнетување. Queer значи фактот дека не постои само еден правилен начин да се биде геј, лезбејка, хетеро или трансексуална личност. Не е невозможно queer-от да се стави во одредени граници, но како идентитет queer-от бега од дефинициите зашто ги означува сите оние идентитети кои не се вклопуваат во она што се смета за вообичаено и општествено пожелно однесување. Тој претставува дисидентски став кон угнетувачките општествени норми.

Queer теоријата им се спротивставува на владејачките општествени норми, па секогаш постои опасноста и самата да наметне норма на неидентитет и така да стане парадокс на самата себе. Затоа во теоријата постои правилото дека queer-от не смее да се претвори во норма бидејќи во тој миг престанува да биде queer, па затоа тој претставува процес на постојано пореметување на системот.

Queer-от постојано предизвикува. За кратко теоретичарите помислија дека ја нашле специфичноста на queer-от и дека ја уловиле, но тогаш до израз доаѓа неговата флуидност и границите се шират. Еден од последните негови појавни облици е т.н. gender queer, профинет вид неидентитет кој уште повеќе ги провоцира родовите нормативи. Тој се однесува на личностите кои не се вклопуваат во традиционалната машко-женска поделба, кои за себе зборуваат во обата граматички рода и јавно дискутираат за сексуалните односи со обата конвенционални пола.

Благодарение на современите технологии во медицината, некои од овие личности се преобразуваат себе си, правејќи го своето тело супермускулесто, додека лицето максимално го поженствуваат.

Queer-от, во теорија или пракса, нема крај, бидејќи не ги ни постави своите граници. Во време кога сè може да ја понесе претставката „хипер-“ неопходно е да постои идентитет кој му се измолкнува на сè што е постоечко. Впрочем, секоја личност која е нурната во безбројните интернет страници со фетиши е по малку queer. Или не е? Со други зборови, да се биде queer значи да се биде сè и да се биде ништо – по сопствен избор.


Извор: B92

ОкоБоли главаВицФото