Жените се збир од секси делови на телото – мажите се личности?

10.09.2013 07:30
Жените се збир од секси делови на телото – мажите се личности?

Насловни страни на списанија, билборди, реклами, плакати за филмови, музички спотови... Не е спорно дека женското тело, голо или полуголо, доминира во сите овие контексти. Спорот постои околу следното прашање: Дали тоа е знак дека жените ги набљудуваме како објекти?

Добра или лоша, веста гласи дека место за расправија нема. Жените се предмет на објектификација. И не само тоа; Филип Бернар, социјален психолог од Универзитетот во Брисел и Сара Џервајс, негова колешка од Универзитетот во Небраска, експериментално докажале дека, за разлика од машкото, „сексуализираното“ женско тело често го набљудуваме како објект.

На група од 78 студенти (41 маж и 37 девојки), секому одделно им бил презентиран сет од 48 фотографии. На половината од нив била прикажана целокупната машка, а на другата половина целокупната женска фигура. „Сексуализираноста“ се состоела во тоа што фотографираните мажи и жени на себе имале долна облека или костум за капење. Експерименталниот трик се состоел во следното: на половина од фотографиите од двата сета (12 машки и 12 женски фотографии) на испитаниците им биле прикажувани наопаку.

Личност или објект

Трикот со фотографиите завртени наопаку не е случаен. Имено, проучувајќи ја перцепцијата, когнитивните психолози откриле дека препознавањето на објектите и луѓето се базира на дистинктивните перцептивни механизми.

Набљудувано од аголот на формата, сите човечки лица се слични: сферски објект и во рамката околу него две очи, нос и уста. Наспроти тоа, неверојатно сме успешни во нивното препознавање и само исклучително ни се случува лицето да го поврземе со погрешната личност. „Тајната“ на овој успех лежи во механизмот кој когнитивните психолози го нарекуваат „конфигурациска обработка на информациите“.

Во средбата со човечкото лице, нашиот мозок вчудоневидувачки брзо и прецизно ја детектира неговата конфигурација, т.е односите меѓу неговите составни делови, генерирајќи готова перцепција на лицето како целина. Наспроти тоа, визуелната перцепција и препознавањето на објектите/предметите се одвива „аналитички“. Со други зборови, објектите лесно ги препознаваме според изолираните елементи, без „пресметување“ на конфигуралните односи.

Со оглед на тоа дека се базира на специфични перцептивни механизми, препознавањето на човечкото лице е почувствително на ефектот на инверзија, во споредба со перцепцијата на предметите. Познат и како ефектот Тачер, ефектот на фацијалната инверзија се изразува преку отежната идентификација на наопаку прикажаното лице. Освен тоа што ни треба повеќе време за да го идентификуваме и тоа што сме повеќе склони кон грешки, кога човечкото лице ни е претставено наопаку, не сме во состојба да забележиме ниту дали и деловите од лицето – очите и устата – се исто така инвертирани; на нормално презентираното лице, завртените елементи буквално бодат очи.

Жената како секси парче

Експериментот спроведен од страна на Бернар и Џервајс е заснован на едноставна логика: Доколку жените навистина ги забележуваме како сексуални објекти, тогаш визуелната перцепција на нивните сексуализирани прикази ќе ги води когнитивните механизми карактеристични за препознавање на објектите, а визуелната перцепција на сексуализираните појави на мажите – перцептивните процеси кои се специфични за препознавањето на лицата.

Експериментот, исто така, бил едноставен. На секој испитаник одделно, сите 48 фотографии од стимулансите му биле прикажани една по една. Презентацијата на поединечните фотографии, во траење од 250 милисекунди, ја следела пауза во траење од една секунда, а за тоа време субјектот гледал празен, затемнет екран. Потоа, на мониторот се појавуваат две фотографии, една до друга. Задачата на испитаникот е да одлучи која од нив ја прикажува истата личност што е прикажана на поединечната фотографија, презентирана непосредно пред затемнувањето на екранот. Резултатите се следни:

Во просек, идентификацијата била успешна во 85 проценти од случаите. Меѓутоа, ефектот на инверзија е забележан само во случајот на фотографиите на мажите. Во случајот на приказот што се прикажува наопаку, машките испитаници успешно идентификуваат во помалку од 70 проценти од случаите. Кога станува збор за женските фотографии, и покрај инверзниот приказ, препознавањето е успешно во повеќе од 85 проценти од случаите.

Жената како збир од делови – мажот како целина

Откако ги објавиле резултатите од својот експеримент во списанието Psychological Science, Бернар и Џервајс се соочиле со критиката дека на добиените наоди може да им се припише ефектот на сексуализација. Со други зборови, доколку не се работи за безмалку голи тела во предизвикувачки пози, резултатите би биле поинакви, т.е објектификацијата на жената би изостанала. Како и да е, Џервајс осмислила нова студија.

Стимулансот во новиот експеримент е сочинет од 48 фотографии на спортски облечени девојки и момчиња студенти, прикажани од главата до колената, со неутрален израз на лицето и поглед насочен кон објективот. За разлика од претходниот експеримент, во овој, како тест за хипотезата за објектификацијата на жената е земен параметарот според кој перцепцијата на луѓето и предметите најмногу се разликува: глобалната наспроти локалната обработка на информациите.

Со речникот на когнитивната психологија, препознавањето на човечките лица и тела го одликува приматот во целина. Имено, додека објектите можеме релативно лесно да ги идентификуваме врз основа на нивните компоненти (куќата може да се препознае само според вратите, креветот само според покривачот итн.), перцепцијата на едното око, или само носот, или надлактиците не ни овозможува да го идентификуваме целото лице или тело.

Џервајс и соработниците тргнале од следната хипотеза: Доколку сме склони да ги набљудуваме жените како објекти, тогаш полесно, побрзо и поточно ќе ги идентификуваме деловите од нивното тело, отколку деловите од машкото тело. Со други зборови, когнитивната пристрасност во корист на целината ќе биде поизразена во случајот на машките, отколку во случајот на женските фотографии.

На субјектите во експериментот, истражувачите најпрвин им презентирале фотографија со девојка или момче, од главата до колената. По паузата од една секунда (затемнет екран), на екранот се појавувале две фотографии – исечоци на кои биле прикажувани градите или половината. Една од двете фотографии во целост одговарала на оригиналот, додека на другата, прикажаниот дел од телото бил малку модификуван. Главната варијација се состоела од следното: Во половина од приказите, модификуваните делови на телото биле интегрирани во оригиналната фотографија на целата фигура, додека другата половина од стимулансите се состоела во презентација на исечоци. Добиените резултати ја потврдуваат тенденцијата дека жените ги набљудуваме како сексуални објекти.

Генерално, испитаниците во перцепцијата и идентификацијата на машките тела се потпирале на механизмот на глобалната когнитивна обработка: Многу тешко успевале да разликуваат на кое тело му припаѓаат исечоците. Во случајот со фотографиите на женските тела, важел принципот на локалното когнитивно процесирање – перцептивниот механизам карактеристичен за индентификацијата на предметите. Имено, субјектите поуспешно ги поврзувале исечоците со соодветното женско тело, отколку што можеле да ја поврзат фотографијата на целото тело, со модификуваната половина или градите.

Зошто жените ги набљудуваме како објекти?

Откако Џервајс и соработниците ги објавиле резултатите од експериментот во списанието European Journal of Social Psychology, очекувано или не, првите реакции стигнале од конзервативните кругови, сугерирајќи приближно две нешта: (1) објектификацијата на жената е процес што се одвива несвесно, така што за тоа не можат да се обвинуваат ниту мажите ниту патријархалната култура; (2) станува збор за механизмот кој е вграден преку еволуцијата на стратегијата за избор на партнер.

За воља на вистината, навистина постојат барем две компетитивни објаснувања за објектификацијата на жената. Според едната, бујните гради, тенката половина и малку пошироките колкови, на нашите машки предци им биле показател за младоста и плодноста, врз чија основа тие ги избирале партнерките за репродукција. Како и да е, мажите кои биле подобри во забележувањето и одмерувањето на овие параметри, се стекнувале со предност во репродукцијата.

Барем во светлото на опишаните студии, таквата аргументација тешко може да опстане. Имено, во двата експерименти, судејќи според механизмите за перцепција, испитаниците од двата пола биле еднакво склони да ги перцепираат жените како сексуални објекти.

Другата теорија вели дека станува збор за когнитивна пристрасност од значително понов датум, која е производ на учењето. Со други зборови, во прашање е когнитивниот/невралниот процес/механизам кој варира од единка до единка и од култура до култура. Тоа би значело дека е релативно флексибилен или, како што велат когнитивните психолози, когнитивно пенетрабилен.

За ова објаснување има експериментални и опсервациски докази. Џулс Давидоф, професор по психологија на Лондонскиот универзитет, со студијата на намибиското племе Химба покажал дека неговите припадници не се само многу подобри во локалната обработка на визуелните стимуланси во однос на западњаците, туку и дека се служат со аналитичка обработка во задачите за перцепција и препознавање кои западњаците ги извршуваат потпирајќи се на глобалната обработка.

Американците имаат изрека која приближно вели дека таму каде што тие гледаат риби во аквариумот, Кинезите гледаат аквариум со риби. Студијата што ја спроведе тим од психолози од Националниот Универзитет во Австралија пред неколку години, потврдува дека во неа има вистина.

Во серијата едноставни когнитивни задачи, истражувачите ја споредувале способноста за глобална обработка на три групи испитаници: луѓе од азиските земји, Австралијци со европско потекло, Австралијци со азиско потекло, родени во Австралија. Резултатите ја потврдиле претходно воочената надмоќ на Азијците во глобалната когнитивна обработка во однос на Европјаните или луѓето со европско потекло. Во контекстот на објектификацијата интересен е следниот наод: Луѓето со азиско потекло родени во Австралија се помалку успешни во задачите кои бараат глобална когнитивна обработка, од луѓето со исто етничко потекло што пораснале на азискиот континент. Со други зборови, различната култура, различно го обликувала нивниот когнитивен, перцептивен стил.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/  

Слични содржини

Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото