Бомбардирање на Сирија со клишеа

10.09.2013 08:24
Бомбардирање на Сирија со клишеа

Проектилите можеби ќе уследат. Но, бомбардирањето со клишеа веќе започна - и доволно е бедно за никому да не наштети, освен можеби на господата кои ги изнесуваат. Навистина, кој му ги пишува овие говори на Кери? Имаше тука „фотелјашки изолационизам“. Зошто фотелјашки? И кого требаше да го погоди бизарната забелешка за американскиот изолационизам по Првата светска војна?

Дали тоа Кери се обидува да го претстави Обама како Рузвелт по „злогласниот ден“ во 1941 (што е оригинално не-клише на стариот Френклин Д)? Потоа го имавме нашиот стар познаник, „државно спонзорираниот тероризам“ од времето на Садам - не е ни чудо што еден британски министер ги помеша Асад и погубениот ирачки диктатор - од устата на Ерик Кантор, водач на пратеничкото мнозинство во Конгресот. А видете го сега ова, од Кери: „Не треба да бидеме пасивни набљудувачи на колежот. Ниту нашата држава ниту нашата сосвест не можат да си ја дозволат цената на молчење за тоа“. Да, тоа е алитерација народе (spectators/slaughter, country/conscience/cost).

И уште еднаш - има ли крај на ова тропање? - Кери смета дека може да ги спореди Асад и Хитлер. Тоа е урнебесно смешно. Можно е повеќе од сто илјади Сиријци да загинале во оваа ужасна војна. Но, Хитлер започна војна во која настрадаа можеби и 70 милиони луѓе. Дали Кери мисли дека Хитлер е сè уште жив? Покојниот израелски премиер Менахем Бегин мислеше така кога во писмото до Роналд Реган фантазираше како со инвазијата врз Либан во 1982 влегува во Берлин (Арафат беше човекот во бункер). Не толку одамна, сегашниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху ни рече дека полудениот ирански претседател (во тоа време Махмуд Ахмадинеџад) е „полош од Хитлер“. Па ајде да го повториме тоа уште еднаш: ХИТЛЕР Е МРТОВ.

А видете го сега ова. Обама не бара Америка да започне војна, туку да го „онеспособи и одврати Асад“ од употреба на хемиско оружје. Прв пат имавме „онеспособување“ во војната во Заливот во 1991, потоа повторно кога НАТО ги гаѓаше другарите на Милошевиќ во Србија (меѓу целите имаше, можеби се сеќавате, една телевизиска станица, еден воз и една болница). Па потоа, „цената на седењето мирен е поголема и пострашна“ од демократскиот претседател на комисијата во Сенатот, Роберт Менендез. Но, дали е тоа точно? Кога Садам употреби гас против Курдите во Халабџа, Америка не го сметаше тоа за „страшна цена“. Напротив, чекаше со години да го осуди тој напад, бидејќи Садам во тоа време беше другар.

Но ова трае и трае. Ненси Пелоси повторно зборува за онаа „црвена линија“ и нормално дека „сите опции се на маса“ - немам поим кој го измисли тоа ѓубре од идиом - но ниту блискоисточните моќници не се воздржуваат од расфрлање со клишеа. Го имавме самиот Асад кој шеснаесет пати предупреди дека во регионот ќе експлодира „буре барут“, дека ќе се прошири „хаосот и екстремизмот“. Осудата на „екстремизмот“ во последниве години се подразбира, и секако го квалификува Асад за американско државјанство.

Потоа се појавува - во Бејрут - претседателот на иранската парламентарна комисија за национална безбедност, Аледин Боруџеди, и објавува дека американскиот напад „би го запалил целиот регион“. Што, како што напишав претходно, не ја ослободува сириската влада од одговорноста за хемиските напади. Но, до сега моравме да се потпираме на оние славни „разузнувачки официјални лица“ за деталите, на истите оние момци и девојки кои нè известија за оружјето за масовно уништување во Ирак, но не ги забележаа јасните показатели кои им беа пред носот пред 12 години, дека Арапите планираат да удрат со авиони во њујоршките облакодери.

За сето тоа време над хоризонтот лебди оној мистериозен проектил кој Израел го испука над Медитеранот во вторник, во „заедничката вежба“ со САД. Секако, Русите ја открија таа приказна. Но, зошто тој проектил е испукан сега, токму во овој миг, кога сирискиот режим очекува да долетаат крстосувачки ракети? Испукан е за да ја тестира израелската антиракетна одбрана, како што тврди Пентагон. Но одбрана од кого? Хезболах? Хамас? Сирија? Иран? Па тоа докажува една работа. Ако Обама почне, ќе ги имаме Русите за коментатори. Но, ве молам, само без фрази.

Извор: The Independent