Последен поздрав од „леле што направивме!“

10.09.2013 09:06
Последен поздрав од „леле што направивме!“

За Македонија заврши уште едно ЕП во кошарка. Можеби прерано, можеби не. Со врела глава не може да се посочи главниот виновник за срамниот крај. Алеш Пипан испиша црна историја зад себе. „Нашиот“ Борче повеќе од сигурно нема да го гледаме во дресот на Македонија. Тука е крајот и за дедо Тоше, Владо и воедно делумен крај на таа златна генерација од Литванија. Некои ќе речат Пипан е виновен, некој ќе рече овој, некој оној, а јас ќе се обидам да извадам едно резиме од целото првенство.

1. Дедо Тоше

Повеќе од сигурно е дека беше физички најнеподготвен во нашата национална селекција. Можеби и не требаше да го прифати повикот на репрезентацијата, токму поради ова што го наведов во претходната реченица. Не го одигра првенството во својата препознатлива форма, а според мене главна причина беа неговите години.

2. Браќата Стојановски

Можеби едно од најголемите разочарувања на ова првенство. Дечките се млади и перспективни бекови кои можеби требаше да го понесат поголемиот дел од товарот со својата константна игра, ама тоа како да не функционираше на првенството. Војдан според мене беше далеку под своето ниво кое сите го очекувавме. Момчето ќе игра во АЛБА Берлин, ама со мизерна реализација и без продор во рекетот тешко би добил минутажа. Другиот пак се трудеше, работеше, ама како да не ја има научено лекцијата да не завлегува во проблеми со личните грешки, кои како да беа најголема причина за она што не одигра речиси ништо со исклучок на првиот меч против Црна Гора.

3. Предраг Самарџиски

Повеќе беше сметало во нападот со своите несмасни раце. Многуте лични во напад и безрезонските фаули во одбрана правеа многу лесно да примавме кошеви од слободни фрлања. Со своите 215 сантиметри Пеџа би требало да е доминантен во рекетот, ама како што годините си се бројат, тој никако да созрее и да одигра квалитетна одбрана два меча по ред.

4. Алеш Пипан

Селекторот секогаш е еден од најкритикуваните луѓе на една екипа/репрезентација. Можеби не ги познаваше доволно своите играчи (Брчков, Соколов, Костовски), па затоа и многу доцна им даде шанса - кога нашите веќе губеа или кога мечот не ни беше од големо значење. Ако не беше повредата на Чековски, не би рекол дека тие ќе добиеја дури и минимална шанса да одиграат барем една минута на терен. Тој е главниот човек што ја поставува одбраната, што кажува што ќе се игра во напад, ама јас би рекол дека е џабе што и да каже ако самите играчи се статични, непослушни и недисциплинирани. Затоа вината за неуспехот треба да се распореди рамномерно на сите страни.

5. Македонската кошаркарска федерација

Тие најмногу треба да го понесат товарот за овој неуспех, а вооедно и неуспехот од квалификациите за ОИ како пакет „два во еден“. Редно време е тие да си заминат и да остават други да ја водат МКФ, бидејќи од е доста од интересџии! Направија огромна грешка со Марин Докузовски и Врбица Стефанов, што се обидоа да ја прикријат со Пипан, ама тоа се покажа како неуспех.

Извор: sarkazamiironija.wordpress.com