Македонско чудо од дете: има 13 години, а веќе ја знае целата азбука!

10.09.2013 11:31
Македонско чудо од дете: има 13 години, а веќе ја знае целата азбука!

Скопје, 10 септември 2033

Младиот Македонец Тапомир Трупчевски од Скопје деновиве е хит на социјалните мрежи, но и во македонските и регионалните медиуми, како вистинско чудо од дете: има само 13 години, а веќе ја знае целата азбука!

Трупчевски штотуку тргна во седмо одделение, а веќе има забележано натпросечен напредок во своето образование - учејќи по неколку букви секоја година, Тапомир успеа да ја научи азбуката многу побрзо од своите врсници, кои треба да го направат тоа на крајот од осмо одделение.

Неговата класна Станка Врскаџиева има само пофални зборови за него.

„Тој покажа неверојатна љубопитност за учење и неуморно работеше на тоа да ги запамти сите букви. Со останатите наставници се шегувавме дека е роден со диплома“, вели Врскаџиева.

Иако сè уште не се определил професионално и не знае што сака да стане кога ќе порасне, на Тапомир, чудото од дете, блиските му предвидуваат блескава иднина и успешна карирера во Македонија, особено ако земе партиска книшка од владејачката партија.