За Црвената Виена (и Црното Скопје)

10.09.2013 12:53
За Црвената Виена (и Црното Скопје)

На оние кои тогаш сеуште не биле родени ќе им биде тешко да поверуваат во тоа, но факт е дека дури и тогаш времето врвеше побрзо од камила во караван... Но, во она доба никој не знаеше во која насока тоа се движи. Како што никој не можеше да ја установи разликата помеѓу она што е горе и она што е долу, помеѓу она што се движи напред и она што оди наназад.

Роберт Музил, Човекот без особини

 

Во почетокот на 20 век Виена била фасцинантно место. Во тоа време таму живеат и творат повеќето од клучните интелектуални иноватори кои го одбележаа целиот бурен претстоен век - во музиката (Малер, Шенберг), филозофијата (Витгенштајн), литературата (Музил, Краус, Шницлер, Хофманстал), архитектурата (Лос, Вагнер, Зите), сликарството (Климт, Шиле, Кокошка) психоанализата (Фројд) итн. Денешниов текст зборува за Ото Бауер, член на неформалната група левичарски теоретичари кон која припаѓале некои од највлијателните политички мислители на 20 век.

Австромарксисти - така се викале младите луѓе кои уште како студенти започнале да се среќаваат во кафеаната Централ. (Гинтер Ненинг духовито забележува: „Во Виена тогаш преселбата во нова кафеана јасно укажуваше дека започнува нова ера“.) Подоцна некои од „австромарксистите“ станале значајни државници: Карл Ренер бил претседател на Првата австриска република, а по Втората светска војна станал претседател и на Втората австриска република.

Ото Бауер бил најживописниот лик меѓу виенските левичари. Не само што бил најоригинален марксистички теоретичар на национализмот, туку бил и водач на Социјалдемократската партија на Австрија и, во еден краток период, министер за надворешни работи.

Клучната социјалистичка идеја на Бауер приближно е оваа: Социјализмот не ѝ е спротиставен на етиката на национализмот и тој нема да ги избрише националните разлики туку, напротив, ќе ги нагласи бидејќи „масите прв пат ќе бидат обединети во национална културна заедница од која, во класното општество, отсекогаш биле исклучени. (Важна мала фуснота: впечаток е дека авнојските идеи за федеративна Југославија во значајна мера потекнуваат и од идеите на Бауер за решавањето на националните прашања. Тешко објаснивиот спој помеѓу социјализмот/комунизмот и национализмот можеби ќе биде поразбирлив ако подобро се познава времето во кое национализмот бил слободарска и еманципаторска општествена енергија.)

Бауер се прашувал: „Што знаат за Кант нашите работници? Нашите селани за Гете?“ Toj верувал дека само социјализмот може да донесе општо национално образование за конечно да создаде нови луѓе кои сите заедно ќе бидат и создавачи и потрошувачи на културата - прв пат во човечката историја. Иако Бауер бил убеден дека токму социјализмот на нацијата ќе ѝ ја обезбеди вистинската самостојност, тој истакнувал и дека претераниот национализам всушност е форма на прикриена класна омраза.

Во периодот меѓу двете светски војни австромарксистите биле мошне силни, и на теориски и на практичен организационен план. Во 20-ите години Бауер тврдел дека е воспоставена своевидна пат-позиција помеѓу Виена, која била во рацете на социјалистите, и другиот дел од земјата, кој останал селски и католички, политички мошне конзервативен. Тој ја разработил теоријата за „рамнотежа помеѓу класните сили“, според која моќта ќе ја делат прогресивистите и конзервативците, без меѓусебна надмоќ. Социјалистите на Бауер речиси целата енергија ја насочувале кон тоа од Виена да направат узор на пролетерската култура. Посебно внимание посветувале на социјалната заштита и образованието, што требало да послужи за развој на работникот како поединец, т.е. за „револуција на душите“, како што велел Бауер. Сепак, револуцијата на душите не напредувала доволно за да доведе до револуција на политичките институции - констатира Јан-Вернер Милер во својата книга „Оспорување на демократијата“ (од каде што главно ги црпам информацииве). Црвената Виена се претворила во своевидна тврдина опкружена со селскиот конзервативизам, а социјалистите станувале сè подефанзивни. Тогашната состојба совршено ја доловува сликата - токму: тврдина - на виенската населба Карл Маркс Хоф, направена од редови модерни згради со евтини станови за работниците.

Виктор Серж, жестокиот социјалист во текот на 20-ите (а подоцна остар критичар на комунистичките промашувања), го забележал своето гледање на тогашната ситуација:

„Австромарксизмот, како господар на Виена, организираше и имаше влијание врз барем еден милион пролетери... За неколку часа можеа да се мобилизираат 50.000 шуцбундери (Shutzbund - социјалистичка парамилитарна организација), униформирани во војнички блузи и (како што сите знаеја) пристојно вооружени... Беа предводени од најспособните светски теоретичари на работничката класа... Па сепак..., поради својата трезвеност, претпазливост и буржујска умереност - aвстромарксизмот не успеа да ја исполни својата судбинска задача.

„Црвената Виена“ траела од 1918 до 1934 година. Неуспехот и падот на Rotes Wien станал конечен на 12 февруари 1934 година кога австриската држава (во која парламентот, како во фашистичка Германија, практично бил укинат), предводена од канцеларот Енгелберт Долфус од Христијанската социјална партија, се судрила со остатоците од (тогаш веќе забранетиот) Шуцбунд. Бауер до самиот крај глупаво верувал дека може да соработува дури и со еден авторитарец како Долфус, сè со цел да се сочува парламентарната република. Крајот на тогашните австромарксисти се случил во жестоките борби околу Карл Маркс Хоф и други социјалистички упоришта, при што загинале повеќе стотици луѓе; некои работнички водачи биле линчувани, а речиси сите „најспособни светски теоретичари на работничката класа“ избегале од Виена. Серж опишува дека десетина години подоцна не можел да го препознае Бауер во Париз бидејќи „поразот сурово ги беше изобличил неговите црти, доскора обележани со благородни убедувања“. „Набрзо умре од срцев удар, но всушност поради поразот на работничката класа во Австрија.“

 

***

Не е лошо, во контекст на ова потсетување на раното доба на (борбата против) фашизмот, уште еднаш да обрнеме внимание на скорешната но сега веќе легендарна изјава на режисерот Љубиша Георгиевски. Карл Шмит, водечкиот правник на нацистичкиот режим, на сличен начин тврдел дека демократијата не мора да биде поврзана со идејата за парламент. Вистинската демократија, според Шмит - и според Љубиша Георгиевски, нашиот (само салонски?!) љубител на (само театралниот?!) националсоцијализам - е заснована врз поистоветувањето на владетелот и поданиците - врз основа на принципот дека волјата на народот може да се концентрира во еден човек.

Фашистичкиот филозоф Франц Нојман тврдел нешто слично: Führerprinzip i Rassenprinzip спаѓаат во „теоријата за транссупстанцијација“. Водачот има мистична врска со својот народ, а ја има зашто припаѓаат на ист „расен сој“.

Современиот теоретичар Цветан Тодоров во еден свој текст истакнува дека многу важен аспект на нацизмот (па и на сталинизмот) е џиновскиот спектакл на псевдодемократија: театралното врескање и парадите (слично како груевистичката перманентна пропаганда) служеле како доказ дека народот е директно присутен и дека ја потврдува својата вера во Хитлер. Водачот бил човек од народот и за народот (за разлика од царот или кралот), но бил и над него. Неговата волја не се потчинувала кон самостојната волја на толпата; наместо тоа, тој ги признавал непроменливите расни закони (стари „два милениуми“, како што ни објаснуваат новите ковачи на македонската раса), дејствувал во склад со нив и, согласно исправното толкување на тие закони, го обликувал колективното тело да трае во ново „илјадагодишно царство“.

Слики: Oskar Kokoschka

Извор за податоците: Jan-Werner Müller, Contesting Democracy: Political Ideas in Twentieth-Century Europe, Yale UP, 2011.

Текстови од Бауер на македонски

ОкоБоли главаВицФото