Тајните служби ја дешифрирале веб енкрипцијата

11.09.2013 10:08
Тајните служби ја дешифрирале веб енкрипцијата

Според откритието на „свиркачот“ Едвард Сноуден, американската NSA и британската GCHQ ги хакирале клучните безбедносни протоколи на интернет. Во документот се наведува дека Јаху и Гугл биле меѓу провајдерите кои биле мета на службите.

Исто така, се вели дека NSA троши 250 милиони долари годишно на оваа строго тајна програма именувана како Bullrun, според борба од Американската граѓанска војна, објави Гардијан во соработка со весниците Њујорк Тајмс и ПроПублика.

Британската програма се вика Edgehill, според борбата со која е започната Првата англиска граѓанска војна, се вели во документот.

Извештајот вели дека Велика Британија и американските разузнувачки агенции се фокусираат на енкрипцијата која се користи за 4G телефоните од новата генерација, мејловите, купувањето на интернет и деловната комуникациска мрежа.

Во рамки на програмата Bullrun, NSA изградила моќни суперкомпјутери за да се обиде да ја дешифрира технологијата која ги собира и шифрира личните информации кога корисникот се логира преку пристап од различни интернет сервиси.

Документите покажуваат дека NSA и GCHQ во голема мера ги поништиле гаранциите што интернет компаниите им ги даваат на своите корисници, дека нивната комуникација, онлајн банкарството и медицинските извештаи нема да бидат дадени на увид на криминалците или владите.

Агенциите, откриваат документите, усвоиле бројни методи во нивниот континуиран и систематски напад на она што тие го сметаат за една од најголемите закани за нивниот стремеж да пристапат до огромни делови од интернет сообраќајот - „употребата на сеприсутната енкрипција преку интернет“, пишува Гардијан.

NSA исто така соработувала со неименувани технолошки компании на создавање на таканаречени „задни врати“ во нивните софтвери, што ќе овозможат пристап на владата до информациите пред да се шифрираат и да бидат испратени преку интернет.


Мрежен дијаграм од пилот програмата на GCHQ, кој покажува како агенцијата предложила систем за идентификација на шифрираниот сообраќај од своите интернет-кабелски програми за прислушкување и дешифрирање речиси во реално време

 

Освен суперкомпјутерите, методите кои се користат вклучуваат „технички трикови, судски налози, убедувања зад кулисите, сè со цел да се подријат главните алатки за заштита на приватноста на секојдневната комуникација“, известува Њујорк Тајмс.

Според новите откритија, САД инвестирале милијарди долари во програмата 2.000 по почетниот неуспех да инсталираат „задни врати“ во шифрираните системи.

Во текот на последната деценија, NSA почнала да користи компјутери за разбивање на енкрипцијата и почнала да соработува со технолошките компании во земјата и во странство за да ги постави влезните точки за сите нивни производи.

Во докумените кои на Гардијан му ги овозможи Сноуден, не се наведува за кои компании точно станува збор.

NSA исто така хакирала компјутери за да преземе одредени пораки пред да бидат шифрирани, и исто така го користела широкото влијание за да воведува слабости во енкрипциските стандарди кои ги следат програмерите ширум светот, пренесува Њујорк Тајмс.

Кога на британските аналитичари прв пат им е кажано за обемот на овие програми, тие биле „фрапирани“, се вели во една белешка од вкупно 50.000 документи.

Официјалните лица на NSA и понатаму продолжуваат да ја бранат акцијата на агенцијата, тврдејќи дека САД ќе бидат во голема опасност доколку пораките од терористите и шпионите не можат да се дешифрираат. Меѓутоа, бројни експерти велат дека таквите операции всушност ја загрозуваат националната безбедност, бидејќи дупките во шифрираните системи можат да бидат искористени од лица кои не се авторизирани од страна на владата.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото