Конески: Кажувања (10)

12.11.2009 10:51
299.jpg

За циклусот „Проложни житија"

Прологот е книга со кратки житија на светителите за секој ден во годината. Проложни житија се кратки житија. Тоа се, значи, животописи на личности што добиле посебен статус во една традиција религиозна, црковна. Се работи за големи личности. Но, во животот, покрај нас, минат многу такви свети ликови, со невидливи ореоли. И никој не ги прогласува за маченици. Никој не ги прогласува за светци. Никој нивните морални вредности не ги истакнува, а често пати јас сум бил од тие вредности фасциниран. Така настана идејата да портретирам некои од обичните луѓе, од простите луѓе, што за мене носеле ознака на некакво величие. И почнав со она кратко житие на Бона. Неа ја нареков светица. Нели? А потоа портретирав уште некои други личности, што јас директно сум ги гледал, што ми направиле впечаток или за кои ми било раскажувано во мојата семејна традиција.

Околу житијата воопшто

Во овие мои житија треба да се има секогаш предвид и моделот, оти нешто е пренесено и од средновековниот модел. Но, се разбира, тоа се рамки многу широко поставени. Некаде тие доаѓаат повеќе до израз, некаде помалку. А сето друго е вживување во еден лик. Тоа е една форма, што ја викаат лирско- епска. Не е чисто лирска форма. И затоа таа дозволува, и дури бара, и ред подробности, животни реалии, за да биде како што треба и ситуацијата прикажана и ликот да биде окарактерисан. Без тоа не може. Тука е еден жанр на границата меѓу поезијата и прозата... Во тој стар модел изразот е прозен, но често пати е поетски интониран. А овде е обратно. Изразот е поетски, но има често пати нешто што нормално и’ припаѓа на прозата, а е потребно за оживување на ликот и на средината во која тој се движи. Овде мора да има и хумор и повеќе начини на искажување.

... Јас говорам за моиве житија. Во старите житија хуморот се брише поради тоа што се смета дека предметот е сакрален. Меѓутоа, самите тие житија средновековни, тие хагиографии, не се првпат тогаш изнајдени. Тие се базираат на античките житија. А во античките житија и уште колку има хумор. Да речеме, во оние портрети што ги прави Плутарх или други историчари. Па, ако ја следиме секуларната линија во хуманизмот и во ренесансата, кај оние што одат директно од античките житија, да речеме кај Бокачо, многу има елементи на хумор. Се сеќавам, ми направило впечаток неговото житие на Данте. Тоа е извонреден текст, пишуван во форма на античките животописи и со такви забележувања на хуморист, што одат до таму што дури без хумор не е минат ни моментот за идеалниот однос на Данте спрема Беатриче. (Се смее).

...Бидејќи јас , сепак, сум секуларен писател, не мора да водам сметка за тоа што религиозните текстови го бараат - сакралноста да не се наруши, дека сè треба да биде сериозно, сè треба да биде на некој висок стил изразено. Јас се враќам кон изворната традиција на секуларните житија, од кои, заправо, произлегуваат и ове хагиографии црковни, само со редуккција на доста елементи. Јас се враќам кон изворот, користејќи ги сите елементи што тој ми ги нуди. Меѓу другото и хуморот треба да биде присутен.

Дури, има моменти на пародија, визави на црковните житија. Да речеме, црковните кратки житија секогаш почнуваат со тоа деке светецот е рожба на благородни родители. И јас тоа го велам за Свети Спиридон Нови. Но, таму малку пародирам, дека стрини, тетки го изгледале и кога пораснал „се виде дека остана кус”. Тоа е веќе пародија на она што е задолжителен елемент во хагиографиите. И задолжителен почеток, така да кажеме, во тие хагиографии да се говори за тоа оти светителот потекнува од видна фамилија, оти е воспитан во религиозен дух, оти од својот почеток и’ бил потчинет на смерноста и на мудроста. Е, овде јас имам сега можност да варирам на еден пародичен начин.

... Секој од нас треба да се праша кој придонел за создавањето на она што го викаме наш духовен простор? Наш внатрешен интегритет? Често пати придонеле повеќе такви луѓе, од кои не останува голема трага од животот, отколку некои обрасци. Обично прашуваат во тие анкети - кој влијаел на Вас? И, би сметале за смешно да речам јас - тетка Менка. (Се смее). Ама, овде во песната можам искрено да кажам дека таа е позаслужна за некакво мое ситуирање во светот и во сите дилеми, што ги носи животот, отколку некои обрасци што обично ги бараат во претходниците наши, во историјата, во филозофијата и така натака.

За идентификацијата со претходниците

Јас чувствував отсекогаш потреба да се идентиификувам со тие личности (Жинзифов, Прличев, Рацин, Неделковски, Вапцаров...) и да се вклучам со нив во една традиција. Меѓу тоа што е мој свет и тоа што било нивни свет, се разбира, има разлики. Тие разлики се понекогаш многу големи. Но, ме водеше чувството дека , сепак, сите тие претходници, ние можеме и да ги почувствуваме и да ги разбереме многу подлабоко, па и нивните пораки да ги осмислиме натаму, отколку што тоа можат други, што евентуално се интересираат за нив, за нивното дело, но на еден маргинален начин. И, не ни бескорисно, можеби, гледајќи го во тоа, тие што го правеле, само она што може да се искористи од дневен политички аспект. За нас контактот со тие претходници е многу подлабок, поинтимен.

Тоа сакав да го истакнам во тие свои текстови дури, излегувајќи од тоа што го кажав во поемата за Жинзифов, дека тие имаат право мене да ме судат, а јас нив. Контактот и до таа мера се искажува, се изразува.
Битно е тоа што кон темата на татковината и на нашите претходници во создавањето на таа татковина не пристапувам апстрактно, од гледна точка на тоа дека се работи за некаква историска, државноправна целост и за нешто што нè задолжува со свој кодекс, и спрема кое треба со должноста на граѓани да се однесуваме. За мене тоа е многу конкретно согледување на индивидуалната судбина на културно-творечките личности. И затоа јас се навраќам кон своите претходници, пред сè во онаа сфера, во која јас работам. Нити традицијата ја согледувам во некаква апстрактна смисла, а не гледајќи ја реалната судбина на тие луѓе што се заслужни за втемелување на таа традиција.

Бидејќи кај нас се работи за мала средина, за заостаната средина со ограничени можности, судбината на тие личности е посебно интересна. И, дури е посебно интересна смислата на нивната акција. Зашто таа смисла може многу лесно да се негира од едно скептично становиште и становиште на циник, против кои становишта јас секогаш станувам. И затоа и во онаа песна „Македонски поети", сумирајќи го ова што го мислам, јас велам дека сепак има и во таа акција некаква „човечка смисла”.

За патосот, за декларативноста

Не е ни задача поетот да настапува како оние што прават текстови за новокомпонирани народни песни и што задоволуваат една друга потреба и потреба на луѓе од определено ниво. Работата на поезијата е да бара некои посуштествени елементи во она што можеме да го наречеме историска традиција, културно-историска, национална и слично. И така се прави сегде. Колку што јас знам сегде поезијата така постапува. Дури е многу интересно што таканаречената патриотска декламација е најмалку застапена во поезијата на големи народи. Во таа смисла јас, да речеме во руската поезија, тешко да изделам голем поет што се подава на патриотска декламација. А ние знаеме каква е таа традиција, каква е таа историја. И, најпосле, каков е патриотизмот на тој народ, покажан многу пати во текот на историјата. Сега, гледате дека, како одиме од Пушкин, Лермонтов, Тјутчев, Фет - еве, Фет бил дури и офицер, па и Лермонтов бил - ако одиме сè до Блок и така натака, нема да забележиме во таа голема поезија патриотска декламација. Теми што се сврзани со татковината, се разбира, имаме многу и кај нив, но тие сите откриваат некои подлабоки аспекти, отколку што е она што се сведува на патриотското тупање во градите.

Природата и поетските симболи

Природата е присутна во поезијата, во уметноста, бидејќи човек е во природата или со природата. Тоа е така и не може поинаку да биде. Точно е дека јас извесни поетски симболи наоѓам, имено, во природата. Бидејќи се грижам малку и за својата бавча, одвреме навреме самиот себеси ќе се прашам - што сè таму станало симбол во мојата поезија? Од оние цвеќиња, што се таму, од онаа трева, од онаа жива ограда, од оние дрвја? Просто, на човекот, кога се движи во една таква мала рамка, каде што сепак природата е присутна, мислата одвреме навреме му се задржува на некои феномени, што бараат да бидат искажани во поезијата преку симболи. Да речеме - две птици застанати на липата во мојот двор, одеднаш ми откриваат можност да изразам една своја поетска мисла, една своја идеја. И така, поводот го даваат тие дрвја, цвеќиња, што нè опкружуваат, а резултатот е тоа што тие на некој начин во поезијата стануваат симбол, преку којшто се искажува мислата. Дрвцето пресадено од Кожуф, станува симбол за некаква трајност, со која човекот не е сроден, бидејќи е премногу ломен. Неговиот живот е краток. Или, да речеме, ружата што цути во почетокот на јануари станува симбол на тоа оти можеме да дочекаме нешто во животот, светло, радосно, необично и тогаш кога по сите правила тоа би било исклучено. А интерересно е, ете тој симбол, којшто за мене открива една моја интимна содржина, како се толкува после од други луѓе, бидејќи и за нив е тоа симбол, ама сврзан со некоја нивна внатрешна содржина.

Околу хуморот во поезијата

Многу е интересно дека некои луѓе воопшто немаат слух за хуморот во поезијата. Тие мислат дека поезијата треба да се исклучи од сферата на хуморот. И, ако текстот содржи нотка хумор, тие автоматски го бележат како послаб текст за тој автор. Тоа е предрасуда. Тој може да биде слаб, ама не е причината во хуморот. Причината треба конкретно да се определи зошто е текстот слаб. А, ако ним им пречи хуморот да го восприемат текстот како што треба, грешката е во нив. (Се смее). Оти , со горчлив хумор почнува „Фауст": „Ах, јас, со толку мака, ја простудирав филозофијата. И медицината. И правото. На жалост - и теологијата. И, еве, пак, како некој будала овде се движам”. (Се смее). Таквите критичари би требало да напишат дека почетокот на „Фауст” кажува оти тоа е едно од послабите дела на Гете. Сигурно, и натаму има цели партии каде што тој хумор доаѓа до израз во едно такво дело. Па кај Шекспир, колку е присутен хуморот! И да не кажуваме. А има извесен број луѓе што се свикнати само на поезијата што ја читале и ја рецитирале во основното училиште и во гимназијата. Кај нив е присутно она, дека поезијата е строго ограничена по своите мотиви и по тоа: што може да има во неа достап? И дека сето друго е, да кажеме, принижување на поезијата. Тие тука грешат. Грешат против основното правило дека баш за да живее поезијата, има потреба и да ги проширува своите предмети, својата содржина.

 

 

Слики: Лазар Личеноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)


Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото