Колку хомосексуалци има?

12.09.2013 09:35
Колку хомосексуалци има?

 „Еден во десет“. Ова е називот на групата која секоја година организира еден од најпрестижните фестивали за геј и лезбејски филм во Вашингтон. Воедно, од средината на минатиот век и објавувањето на „Kinsey Reports“ од Алфред Кинси, „еден од десет“ фигурира како општоприфатена проценка за учеството на хомосексуалците во вкупната машка популација. Конечно, станува збор за бројка која во популарниот печат и поп културата се прифаќа „здраво за готово“ како реална големина на геј популацијата.

А колку навистина хомосексуалци има? Прецизен податок за тоа не постои, така што одговорот на ова прашање во голема мера зависи од тоа кому сте му го поставиле. Додека научниците кои се занимаваат со оваа тематика, шпекулираат со податок од еден до пет проценти, пошироката јавност тежнее кон бројката од дури 20 проценти, па и повеќе.

Надувана бројка

Во два наврати, во 2002 и 2011 година, истражувачката агенција „Галуп“ спровела масивни анкети на територијата на Америка, со цел да ја утврди проценката на Американците за учеството на геј популацијата во вкупното население. Во двете анкети излегло дека американската јавност масовно ја преценува бројката на геј личностите: во 2002 година, Американците верувале дека околу една четвртина од нивните сонародници се со геј ориентација; меѓутоа, во 2011 година, дури една третина од испитаниците го искажале убедувањето дека процентот на геј луѓе е и поголем од една четвртина од вкупното население, при што жените и помладата популација од двата пола се понаклонети кон проценката од цели 30 проценти; дури осум проценти од испитаниците, во 2002 година, односно вкупно четири проценти, девет години подоцна, се сложиле со проценката за големината на геј популацијата со која шпекулирале научниците.

Зошто воопшто е важно што мисли пошироката јавност за бројот на хомосексуалците и дали е битно дали луѓето го преценуваат или потценуваат нивното пропорционално учество во вкупната популација? Социолозите велат дека е битно. Имено, испитаниците кои во анкетите значително го преценуваат бројот на гејовите и лезбејките, се склони да го преценат и нивното културно и општествено влијание, а тоа секако го обојува нивниот став кон одржувањето на Гордоста, геј бракот, и воопшто, геј агендата. На крајот на краиштата, ако се присетите колку пати во последно време сте слушнале дека некое нешто е последица на делувањето на „геј лобијата“ или дека тоа го наметнува „холивудската геј машинерија“ или дека има „сè повеќе гејови“, и самите ќе се сложите дека не е неважно.

Од друга страна, таквите резултати од сондирањето на јавното мислење може да се сметаат за успех на ЛГБТ движењето во борбата против невидливоста на сексуалните малцинства. Гејовите, без разлика на тоа колку точно ги има, се „мало малцинство“ и за своите права не можат да се изборат без соработката и толеранцијата од мнозинството. Свеста на мнозинството дека во ова окружување, без разлика дали го знаат тоа или не, имаат личности со хомосексуална ориентација, не е небитен чекор на тој пат.

Внимателна наука

Кога во 1948 година Кинси (Алфред Кинси) ги објавил резултатите од истражувањата за сексуалноста на Американците, го изнел податокот дека 10 проценти од мажите, на возраст помеѓу 16 и 55 години, се со хомосексуална ориентација. Со тоа, во извештајот се нашол и наодот дека 37 проценти од возрасните мажи имале барем едно хомосексуално искуство.

Имајќи предвид дека во меѓувреме геј ориентацијата во западниот дел од светот станала значително помалку стигматизирана, би било логично дека поновите истражувања покажуваат поголеми проценти. Меѓутоа, се случува сосема спротивното нешто. Според резултатите од минатогодишното истражување кое го спроведе Институтот „Вилијамс“ (think tank кој работи во состав на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес), 1,7 проценти од Американците, на возраст од 18 до 44 години се идентификуваат како геј или лезбејки, при што дополнителни 1,8 проценти од популацијата, главно жени, се идентификуваат со „бисексуално определен/а“. Слични резултати се добиле и од истражувањето што го спровеле американските национални центри за контрола и превенција од болести, помеѓу 2006 и 2008 година. Во анкетата во која учествувале повеќе од 13 000 жени, на возраст помеѓу 22 и 44 години, само еден процент од нив се изјасниле како геј, додека четири проценти од испитаничките се определиле за одредбата „бисексуална“.

Од каде се разликите во процентите

Различните студии генерираат различни проценки и проценти на геј популацијата, меѓу другото и заради тоа што не постои единствена дефиниција на атрибутот „да се биде геј“. Доколку ги прашате испитаниците дали некогаш во животот имале хомосексуално искуство и резултатот го преведете во „процентот на гејови“, процентот ќе биде значително поголем ако сте ги прашале дали се идентификуваат како хомосексуалци.

Цитираното истражување на „Вилијамс“ го изнесува податокот дека 8,2 проценти од граѓаните на Америка имале некаков вид хомосексуално искуство. Тој е за 4,7 проценти поголем од бројот на оние кои се идентификуваат како хомосексуалци, лезбејки или бисексуалци. Студијата на центарот за контрола и превенција од болести содржи нешто слично: додека дури еден процент од жените се вбројуваат себеси во нив, 13 проценти изјавуваат дека имале хомосексуално искуство.

Практичната важност на дистинкцијата помеѓу геј идентитетот и геј однесувањето, сметаат истражувачите, се покажува кај прашањето за геј бракот, односно барањата на ЛГБТ заедницата да им се овозможи правото на брак. Додека е логично да се очекува дека личноста што се идентификува како геј тоа право ќе го искористи, сосема е нелогично да се претпостави дека истото ќе го направи некој што еднаш во животот или во еден период од својот живот бил во хомосексуален однос. Од друга страна, ставот на мнозинската популација во однос на геј бракот може барем делумно да биде одреден и со тоа, какви се нивните очекувања во поглед на бројот на склучени хомосексуални бракови.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/

 

ОкоБоли главаВицФото