Зошто Македонија апси толку селективно за дрога?

13.09.2013 12:36
Зошто Македонија апси толку селективно за дрога?

Апсењето на еден познат актер за одгледување марихуана го покренува прашањето околу тоа зошто полицијата е позаинтересирана за одредени дроги отколку за други.

Македонската полиција го следела Кирил Поп Христов, во јавноста познат како Кили, шест месеци пред да му го прекине одморот во близина на Скопје, каде што открила мала, но внимателно одржувана лабораторија за марихуана.

По апсењето минатата недела, судијата одреди 30-дневен притвор за екстравагантниот и ексцентричен актер, познат по својата поддршка за легализација на марихуаната, кој има боемски животен стил и мустаќи како Салвадор Дали.

Во внимателно планираното апсење, со јасна намера да ги добие главните наслови во весниците, полицијата рашири видео снимка од лабораторијата, на која е прикажан и Кили додека полицијата ја снима неговата куќа.

Во подеднакво внимателно напишаниот полициски извештај, се вели дека Кили и неговиот брат Мио, кој е музичар, купувале семе од марихуана од Холандија пред да го засадат во својот двор. Извештајот ги обелоденува само иницијалите на актерот, божем правото на приватност и презумпцијата на невиност не беа очигледно прекршени со полициската снимка.

Како прво, човек може да се чуди што полицијата поминала шест месеци надгледувајќи ги активностите на „Дон“ Кили лично.

Браво за полициjата! Навистина уловија голема риба овој пат, фаќајќи го Кили на дело со 35 грама марихуана.

Уште поважно, по шест месеци трошење јавни ресурси на случајот, како и зошто полицајците не ги дознале клучните детали за здравствената состојба на Кили?

Неговото семејство вели дека му е дијагностициран рак на коските. Но полицијата за ова не вели ништо.

Братот на Кили, Мио, кој беше на одмор во Грција за време на апсењето, на социјалните мрежи пишува дека марихуаната која била засадена требало да се користи за ублажување на болките на неговиот брат.

Од формална гледна точка, во земја во која поседувањето и одгледувањето на марихуаната е строго забрането, Кили несомнено е во неволја, а истото важи и за неговиот брат.

Но, зошто таков медиумски напад од полицијата и медиумите контролирани од државата?

Полицијата уште еднаш ги прекрши правата на осомничениот за заштита на приватноста и другите права ширејќи ја снимката. Како да го имаат усовршено методот за задоволување на медиумскиот глад за „ексклузивни“ стории, по цена на човековите права.

Во случајот на Кили, изгледа дека стратегијата успеа. Многу луѓе на улица денес велат дека го добил тоа што го заслужува. И онака бил наркоман.

Од друга страна, повеќе од 10.000 луѓе до сега го поддржаа на Фејсбук и бараат негово ослободување.

Во меѓувреме, законот вели дека судијата треба да му одреди домашен притвор, бидејќи постојат информации дека здравјето му е сериозно нарушено.

Овој случај го покренува прашањето за тоа дали марихуаната е единствената дрога во Македонија за која полицијата навистина се грижи, бидејќи не се сеќавам дека во последно време имало големи апсења за кокаин, хероин или метадон во Македонија.

Наместо тоа, често слушате дека полицијата апси некаков ситен дилер или корисник на марихуана. Тоа ги прави насловите во весниците.

Една приказна ми паѓа на ум. Мислам дека беше минатото лето кога полицијата гордо објави дека уапсила двајца туристи за пушење марихуана на плажата Градиште на Охридското Езеро. Голем успех, на плажа на која можете да изброите повеќе догорчиња од марихуана отколку ситни камчиња.

Но, во Македонија навистина ретко слушате што било за големите господари на дрогата.

Исто така, се чини дека е од помош ако сте млад, добро облечен, со добро однесување, син или ќерка на локален политичар или бизнисмен. Немаше бура во меинстрим меидумите кога во мај, Филип Велјановски, 20-годишниот син на спикерот на парламентот Трајко Велјановски, беше уапсен во Грција за поседување кокаин и таблети екстази.

На судењето во Грција, адвокатот на Велјановски, Јаковос Псомиадис, тврдеше дека дрогата била за лична употреба.

Немам причина да се сомневам во тоа. Но, се сомневам во омилената изјава на министерката за внатрешни работи, дека никој не е над законот.

Извор: www.balkaninsight.com

ОкоБоли главаВицФото