Драга меѓународна заедницо...

14.09.2013 07:28
Драга меѓународна заедницо...

Драга меѓународна заедницо,

Се надевам дека имавте убав ден. Всушност, прилично сум сигурна дека сте имале. Јас лично немав.

Знаете, денес, во градот што се вика Скопје, од каде што доаѓам, пред зградата во која израснав, во моментов има 400 полицајци кои ја опколиле. Во текот на ноќта беа уапсени мирни демонстранти, кои имаа благородна цел да го спасат еден од последните преостанати паркови во Скопје, градот кој се дави во прашина, опасни честички, а околината „зрачи“ со здравствени проблеми.

Ова не е прв пат. Пред извесно време, една ноќ се разбудив од звукот на моторните пила. Беше 4 часот наутро. Плачев додека старите и големи дрвја паѓаа и лутите граѓани се судираа со полицијата. Многу, многу полицајци за само триесетина граѓани. Да, не сме Гези. И не сме Турци. Македонија сѐ уште не се ослободила од „комунистичкиот“ менталитет. Немаме ресурси за тоа. Владата го искористи тоа до највисок степен и ги уби сите надежи за граѓанска иницијатива.

Гледате, меѓународна заедницо, нашите паркови се сечат во 4 часот наутро. Луѓето заспиваат и се будат во урнатините на она што некогаш било нивно омилено место. Жал им е, ги креваат рамениците, но сепак се подготвуваат и одат на работа, бидејќи знаат дека подоцна во текот на денот, следува нешто полошо. Заборавањето и слепилото се единствените начини да се преживее во ова шизофрено опкружување.

Ние не сме Сирија. Нашите деца не умираат на улиците, задушувани до смрт. Но мојата земја умира на друг начин. За прв пат по распадот на Југославија, мојот народ доби земја која треба да ја гради, развива, расте. Како што минуваа годините, соништата за демократија, просперитет и иднина од каков било вид се сѐ помали и помали, бидејќи рапидно назадуваме по сите можни параметри. Ова е голем товар за младите луѓе. Се обидуваме да ги држиме главите над калта, но имаме жив песок под нозете.

И што со нас? Што со сите млади, амбициозни луѓе, со целиот тој потенцијал (верувајте ми дека го има), што со сите тие идни лидери и луѓе кои можат да го направат светот подобро место, само ако секојдневно не им се уништуваат соништата? На што може да се надеваат, каква иднина можат да замислат овие луѓе пред нив? Со влада која е тотално некооперативна, која не дозволува да се појават алтернативни мислења, акции или движења, освен нивната националистичка десничарска идеологија, како ќе се избориме повторно да изградиме нешто овде и да станеме подобри луѓе?

А сепак, денес слушнав, прочитав на западните интернет портали, изгласан е закон за „рестрикција на движењето на граѓаните“ кои доаѓаат од земјите на Западен Балкан. И го разбирам тоа многу добро. Знам од каде доаѓате, на кои идеи се потпирате, која е вашата поента. И колку и да не ми се допаѓа, се согласувам. Но, го пишувам ова бидејќи, мора да забележите - со воведувањето на визите, го осудувате на смрт целиот потенцијал овде, што ќе биде збришан заедно со остатоците од исечените дрвја. И секако, не мислам на емиграција. Слободата на движење е многу важна, за младите луѓе да можат да патуваат, да посетуваат, да гледаат и да се вратат дома за да го направат подобро местото во кое живеат. Во најмала рака, да видат дека онаму каде што живеат, нешто не е во ред. Со ваквите закони, им правите услуга на тираните што владеат овде, и иако имате огромен капацитет да ни помогнете, го одбивате тоа.

Па, пратете ги вашите експерти, нека видат како живееме, зборувајте со разумните луѓе овде, но разговарајте и со гладните. И потоа, размислете повторно за рестрикциите на нашето движење..

Ви посакувам убав остаток од денот и се надевам дека ќе зборуваме повторно.

Тамара

Извор: tamaraatanasoska.wordpress.com