Обнова и изградба на Скопје (2)

16.09.2013 09:26
Обнова и изградба на Скопје (2)

Кон тринаесетте нови приградски населби

 

ИЗГРАДБА НА НОВИ МОНТАЖНО-ПРИГРАДСКИ НАСЕЛБИ

 

Како втора задача во изградбата на Скопје, беше подигањето на нови 13 приградски населби од монтажни куќи, во кои требаше да се сместат околу 70.000 жители. Рокот за исполнување на оваа задача беше 31. XII. 1963 година. Овие 13 населби се изградија на периферијата на Скопје, со цел подоцна да се вклoпат во oбновената архитектура на ново Скопје. За секоja населба се правеше посебно урбанистичко решение со сите фази на градбата. Во овие 13 населби се изградија вкупно 7.815 згради со околу 15.000 станови, т.е. 830.0l0 м2 станбена површина или вкупно околу 1.100.000 м2, сметајќи ги и јавните објекти: училишта, продавници и сл. Во овие населби се подигнаа и придружни објекти. т.е. комплекс на трговски, угостителски и услужно-занаетчиски објекти. Така вкупно се изградија 138 продавници, а во некои населби има и селски пазари. Во помалите населби (со 5.000 жители), како што се „Козле“, „Жданец“, „Влае“, „Бутел“, „11 Октомври“ и „Железарница“, целата трговска мрежа се концен-трира во центарот, додека во поголемите населби од 10-12.000 жители („Лисиче“, „Ѓорче Петров“, „Маџари“ и „Драчево“), покрај центарот за снабдување, помали продажни објекти се подигнаа и на периферијата на населбите. Самопослугите, стоковните куќи и другите продажни сбјекти се снабдени со сите потребни артикли за широка потрошувачка. Поголемите населби имаат монтажни ресторани со околу 100 седишта и хотели со околу 30 легла. Во новите населби има пошти, здравни установи, објекти за општествена активност и културно-забавен живот. Во сите населби се подигнаа училишта со доволен број седишта за да ги примат сите ученици од секоја населба. Во овие сателитски населби се изградија и сите комунални објекти и инсталации: околу 120 км. споредни патишта, сообраќајници, улици и приоди, и исто толку канализациони и водоводни цевки. За снабдување со вода некои населби се приклучија кон градскиот водовод, а за други се изградија нови бунари. Се презедоа мерки да не дојде евентуално до поплави: се отстранија поројните води, се изградија насипи и канали за одводни води, и сл. Монтажните куќи, магацини, продавници, училишта и др. ги испорачаа главно југословенските претпријатија и тоа: „Криваја“ од Завидовиќи, „Неретва“ од Чаплина, „Таромонт“ од Белград, „Соко“ од Мостар, „Експорт дрво" од Загреб, „Соко- Бања“ од Соко Бања, „Спорт“ од Белград, Комбинат за монтажна градба од Косиериќи, „Леснина“ од Љубљана, „Утва“ од Панчево, „Власина“ од Округлица, „Индкооп“ од Белград, „Босна спорт“ од Сараево, „ИМТ“ од Белград, „Дрвопромет“ од Загреб, „Спачва“ од Винковци, „Јеловице“ од Шкофја Лока и др. Освен од југословенските претпријатија, монтажни куќи се испратија и од странство: Англија, Данска, Западна Германија, Шведска, Финска и др.


Баварците градат населба во Скопје

Согласно co решението донесено на вонредната седница на Советот за градежништво при Сојузната стопанска комора од 7. VIII. 1963 год., секоја република се задолжи да изгради по некоја приградска населба.

Петти август 1963 год. ќе влезе во историјата на ново Скопје. Тој ден, околу 11 часот, во Ѓорче Петров претседателот на Градското собрание на град Скопје, другарот Благој Попов, во присуство на највисоките републички политички личности и голем број младински бригади, го забоде копачот во меката земја која до вчера беше нива и со тој симболичен гест го обележа почетокот на изградбата на првата приградска населба на Ново Скопје. Потоа младинските бригади почнаа да го трасираат теренот на кој подоцна се поставија монтажни куќи.

Населбата „Ѓорче Петров I“ се лоцира од левата страна на патот кога се оди од Ѓорче Петров кон Сарај. Градежните работи во оваа населба ги градеше скопското претпријатие „Новоградба“, а монтажните куќи ги произведе и ги монтира „Криваја“ од Завидовиќи.

Отспротива од „Ѓорче Петров I“ се лоцира населбата „Ѓорче Петров II“, која прими 10.000 жители. Во оваа голема населба се монтирани монтажни куќи од „Криваја“, 1600 железни монтажни куќи од Велика Британија, подарок од организацијата „Војна против немаштијата“, од Црвениот крст од Западна Германија и монтажни куќи подарени од Шведска. Младинските бригади и советската инженерска единица работеа на монтирањето на железните конструкции на монтажните куќи од Британија, а градежните и земјените работи и тука ги изврши македонското претпријатие „Пелагонија“.

Населбата „Влае“ ја изградија словенечките претпријатија: „Градис“ од Љубљана, „Едилит“ од Љубљана, „Јеловице“ од Шкофја Лока, „Марлес“ и „Хидро-монтажа“ од Марибор и „Термика“ од Љубљача. Оваа населба е лоцирана лево и десно од улицата „Партизанска“, од левата страна на Вардар. Населбата има 1.000 станови со околу 5.000 жители. Урбанистичкото решение го приготви Заводот за урбанизам од Љубљана.

Градежната оператива од CP Црна Гора се прифати да ја изгради приградската населба „Лисиче“, каде што се изградија 550 згради со 1200 монтажни станови, а која прими околу 7.000 жители. Градежна оператива ја изгради населбата „Маџари“ со 732 монтажни куќи. Инженерската група на данската армија тука монтира 65 дански монтажни куќи. Во оваа населба се сместија околу 12.000 луѓе. CP Хрватска ја изгради и населбата „Жзлезарница“ во непосредна близина на с. Маџари, која прибра 12.000 жители. Теренот на овие две населби го испитаа „Електросонда“ и „Геоистраживање“ од Загреб, а градежните работи ги изврши „Југомонт“ од Загреб.

Населбата „Драчево“ ја изгради градежната оператива на CP Србија. Во оваа населба се изградија 2.002 стана за околу 10.000 жители.


Во обновата на Скопје учествуваа повеќе од 100 претпријатија од цела Југославија

И населбите „Козле“ и „Жданец“ ги градеа претпријатија од CP Србија заедно со градежните претпријатија од Војводина, а особено од Белград, кои беа издвоени како посебна градежна група. Тука се изградија околу 1.300 станови за над 5.000 жители.

Градежната оператива на CP Босна и Херцеговина ја изгради населбата „Бутел“ со 1.151 стан, за околу 5.С00 жители.

Населбата „Синѓелиќ“ што е лоцирана кај селото Синѓелиќ и населбата „Шуто Оризари“ што се наоѓа лево од гробиштата во Бутел се оставени за индивидуална градба на граѓани со понизок стандард. Овие населби се предвидуваше да имаат по 3.500 жители, но поради големо интересирање тие ќе се прошират.

Населбата „Тафталиџе“ се наоѓа меѓу железничката пруга и улица „Партизанска“ сѐ до мостот кај Вардар. Оваа населба е речиси најубаво уредена и во неа се сместени најмногу странски монтажни куќи кои во вид на помош ги испратиле владите или други хуманитарни организации од странство. Во неа има монтажни куќи испратени oд Финска, Чехословачка, Швајцарија, Италија, Норвешка, Мексико, Полска и др. Некои куќи беа испратени со комплетен мебел. Поради сето ова, оваа населба е наречена „Меѓународна населба на солидарноста“.

Распределбата на готовите монтажни куќи беше мошне деликатна работа. Но таа се вршеше на најдемократски начин. Становите им се доделуваа на стопанските колективи, а тие понатака им ги распределуваа на непосредните корисници. Така југословенското градежништво положи голем испит. За неполни 4-5 месеци поправи оштетени станови за 50.000 и изгради нови за 70.000 луѓе и главно ги смести најзагрозените граѓани пред да настапат студените зимски денови. Во борбата со времето се однесе голема победа.

Од 1 јануари 1964 год. започна втората етапа во изградбата на ново Скопје, која ќе трае 5 години. Соработката и поддршката на сите работни луѓе од нашата социјалистичка заедница ги поттикнуваат граѓаните на Скопје да издржат во напорите што претстојат и даваат гаранција дека новиот град на СРМ ќе изникне како феникс за среќа на братската социјалистичка заедница на југословенските народи.

(крај)

Кон првиот дел

ОкоБоли главаВицФото