Плејбек

17.09.2013 08:19
Плејбек

Во телевизиското студио, кај што сум повикан да дадам интервју, се снима емисија. Се работи за музичка точка: учествуваат неколку музичари и пејачка. Додека го следам нивниот настап, чувствувам дека со мојот слух нешто не е во ред. Можеби е во прашање акустиката во студиото, или сиот тој сплет на техниката создава некаков необичен ефект? Се чувствувам како под стаклено ѕвоно: помеѓу звукот на музиката и движењата на музичарите и на пејачката како да постои некаква мала пречка, некаков облик на непотполно содејство, разминување. Движењата на музичарите на миг се пренагласени во однос на звукот на нивните инструменти, отворањето на устата е недоволно за силината на гласот на пејачката. Потоа, овој впечаток на неусогласеност го потсилуваат камерманите што преку своите микрофони разговараат со некој невидлив, дошепнувањата на организаторите на снимањето, кратките пораки на секретарките на режија. И гласот на човекот што ме повикува да го заземам местото пред камерата ја носи - во однос на движењата - истата загадочност. А сè ми станува јасно кога малата црвена светилка на едната од камерите ќе засвети: во мигот кога ја отворам устата за да го изговорам она што сум го подготвил, од еден звучник над мене се слуша, очигледно претходно снимен, говор кој многу личи на мојот: со ужас забележувам дека не ми останува ништо друго освен да ја отворам устата следејќи ги зборовите што отсега ќе бидат мои.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Setsiri Silapasuwanchai

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото