Години на трагични загуби

17.09.2013 08:39
Години на трагични загуби

За неколку дена ќе биде годишнина од пропаста на банката Lehman Brothers - настанот по кој рецесијата, веќе сама по себе доволно опасна, се претвори во нешто многу пострашно. Одненадеж видовме реална можност за економска катастрофа.

Потоа и се случи катастрофа.

Чекај, велите вие, каква катастрофа? Зарем луѓето не предупредуваа на опасноста од нова Голема депресија? И таа не се случи, зарем не? Да, предупредуваа, и не, не се случи - иако со ова второво можеби не би се согласиле Грците, Шпанците и некои други. Меѓутоа, важно е да се сфати дека постојат различни степени на катастрофата, дека може да имате страшен неуспех во економската политика кој сепак не предизвикува тотален крах. А неуспехот на политиката во минатите пет години, всушност, беше страшен.

Дел од оваа пропаст може да се измери во долари и центи. Разумните мерења на „произволниот јаз“ во минатите пет години - разликата меѓу вредноста на стоките и услугите кои Америка можеше и требаше да ги произведе и она што навистина го произведе - надминува две илјади милијарди долари. Тоа се илјадници милијарди долари чиста загуба, која никој нема да ни ја надомести.

Зад таа фискална загуба се крие уште потрагичната загуба на човечки потенцијал. Пред финансиската криза, 63% од возрасните Американци биле вработени; тој број брзо падна на помалку од 59%, колку што изнесува и денес.

Како се случи тоа? Не изби масовна епидемија на мрза, како што тврди американската десница, и нејзините пораки дека невработените Американци не се трудат доволно да најдат работа, бидејќи се луксузираат со бонови за храна и надомест за невработени, треба да се гледаат со презир каков што заслужуваат. Еден помал дел од падот на вработеноста може да се припише на стареењето на населението, но остатокот е одраз, како што реков, на огромниот неуспех на економската политика.

Да ја оставиме за миг политиката настрана и да се запрашаме како би изгледале минатите пет години ако американската влада навистина можеше и сакаше да го направи она што го пропишуваат учебниците по макроекономија - тоест, доволно одлучно да го протуркаше отворањето работни места за сузбивање на ефектот на финансискиот крах и пукањето на меурот на недвижностите, притоа одложувајќи го фискалното штедење и зголемувањето на даноците, додека приватниот сектор не биде подготвен да ги поднесе загубите. Рамковно пресметав што би подразбирала таквата програма: би била три пати поголема од стимулансите кои всушност ги добивме, и би била многу повеќе насочена кон потрошувачка отколку кон намалување на даноците.

Дали таквата мерка би успеала? Сите докази од минатите пет години говорат дека би успеала. Стимулансот на Обама, недоволен каков што беше, го запре вртоглавиот економски пад во 2009. Европскиот експеримент со анти-стимулансот - огромното скратување на трошоците наметнато на должничките земји - не го произведе ветениот скок на довербата на приватниот сектор. Наместо тоа, произведе остра економска контракција, токму како што предвидуваа економските учебници. Државната потрошувачка на отворање работни места навистина би создала нови работни места.

Но, зарем таквата програма за потрошувачка каква што ја предлагам не би подразбирала поголемо задолжување? Да - според мојата груба проценка, во овој миг државниот долг би бил илјада милијарди долари поголем од сега. Но, паничните предупредувања за опасноста од умерено поголемиот долг се покажаа како неосновани. Во меѓувреме, економијата би била поголема, така што ваквиот размер на долгот спрема БДП - што е вообичено мерило на фискалната позиција на државата - би бил само неколку проценти повисок. Дали навистина некој сериозно тврди дека оваа разлика би предизвикала финансиска криза?

Од друга страна би имале побогата нација, со посветла иднина - наместо држава каде милиони обесхрабрени Американци веројатно трајно испаднаа од пазарот на труд, каде животната кариера на милиони млади Американци веројатно е трајно загрозена, каде скратувањето на јавните инвестиции нанесе трајна штета на нашата инфраструктура и нашиот образовен систем.

Нормално, свесен сум дека соодветната програма за отворање работни места, како политичко прашање, никогаш немаше голема шанса. И не потфрлија само политичарите: многу економисти, наместо да укажат на патот кон решавање на кризата со невработеноста, станаа дел од проблемот, разгорувајќи неоснован страв од инфлација и долг.

Меѓутоа, мислам дека е важно да се сфати колку политиката потфрли и колку е сè уште на погрешен пат. Во моментов, се чини дека Вашингтон е поделен на републиканците кои го осудуваат секое дејствување на државата - кои тврдат дека програмите и мерките за ублажување на кризата всушност ја влошија кризата - и на поддржувачите на Обама кои тврдат дека завршиле извонредна работа бидејќи светот не се распаднал сосема.

Очигледно, луѓето на Обама не грешат толку како републиканците. Но, според сите објективни мерила, американската економска политика после Lehman Brothers беше запрепастувачки и застрашувачки погрешна.

The New York Times, 05.09.2013.

Слики: Џера Скај

ОкоБоли главаВицФото