Перверзната верзија

17.09.2013 14:53

Милан Кангрга, неодамна починатиот значаен филозоф, имаше една интересна теза чија вистинитост, се чини, времето се’ повеќе ја потврдува: во Југославија речиси и не постоеше вистинска левица! „За да не се биде неправеден треба да се каже дека постоеја поединци и помали групи што беа ’лево ориентирани’. Но левица како некаква општествено-политичка сила никогаш немало! Трагедијата беше во тоа што таканареченото лево движење во ликот на една комунистичка партија до сржта беше натопено и многу длабоко формирано со сталинизмот. Сталинизмот, пак, историски и содржински, е најлоша можна десница, контрареволуција на дело, и теориски и практично. И ова се однесуваше не само на т.н. источни земји, меѓу кои и Југославија, туку и на т.н. комунистички партии и движења на Запад. Грдо беше да се гледа сето тоа!“

Кангрга исто така вели дека била сосема лажна и тогашната инфлација од т.н. „марксисти“. Тоа биле кариеристи од сите бои кои се шлепале кон постојната, нагласува Кангрга, токму сталинистичка идеологија и кон нејзината соодветна практика, оти тоа беше владеачка идеологија. На тие „марксистички“ полутани и недоучени медиокритети затоа не им падна тешко преку ноќ да ја отфрлат својата службена черупка, оти никогаш и не биле марксисти. Духовит е Кангрга кога вели: Да беа кај нас на власт, да речеме, Арапи, тогаш нашите тогашни „марксисти“ со „најдлабоки уверувања“ ќе го проучуваа и предаваа Коранот и ќе станеа правоверни Муслимани!
Ми се чини дека барем две важни работи за нашиот сегашен конктекст произлегуваат од тезата на Кангрга: македонските „марксисти“ беа (и, се разбира, останаа) бетер дури и од лошите југословенски „марксисти“; второ, само тезата за континуитетот на сталинизмот може да ја објасни фасцинираноста на македонските десничари од македонските комунисти; таа теза, дека југословенскиот социјализам во голема мера беше рефлексија на сталинизмот, го објаснува и прелесното конвертитство по 1989 година и масовниот пребег на комуниститите меѓу националистите. Дури и 20 години по падот на Железната завеса, гледаме дека младите десничарски кадри до детаљ ги копираат лошите сталинистички практики, притоа дури употребувајќи ги истите луѓе што го служеа комунизмот!

Времето од Кангрга направи пророк. Грдо е и тажно е да се гледа како цели крда бивши правоверни „марксисти“ ја препливуваат „реката на транзицијата“ и пак се наоѓаат крај скутот на ловците и владетелите. Треба да се видат, само како најсвеж пример, нашите горди енциклопедисти, Камбовски и Шкариќ, за веднаш да стане јасно дека историјата е една голема фарса во која најбесрамните комедијанти вечно владеат.

А дека сталинизмот беше и сеуште е наше идеолошко секојдневие (денес под превезот на големата грижа за „национот“) ни потврдува и старата шега, формулата што го опишува животот во комунизмот: од трите карактеристики - личната чесност, искрената поддршка на режимот и интелигенцијата - можно е да се комбинираат само две; никогаш трите. Оној што бил искрен и го поддржувал режимот, не бил премногу бистар; оној што бил бистар и го поддржувал режимот, не бил искрен; а оној што бил искрен и бистар не го поддржувал режимот.

Тоа е, просто, константа во Македонија: не може „и јаре и паре“! Ако му се поклониш на Грујо, значи дека чесноста си ја заборавил дома, во другите панталони; ако стварно, пак, низ годиниве не гледаш дека ефектите и технологијата на владеење и на СДСМ и на ВМРО се речиси идентични - тогаш нешто не е во ред и со интелигенцијата.

Жално е што новиве генерации можеби се побесрамни дури и од старите тврдокорни сталинисти (сеедно дали во улогата на националисти или комунисти). Мрсулави и полуписмени партиски јуришничиња блујат тиради против Карл Маркс, несвесни (т.е. трескавично свесни за двојната добитна комбинација: добро е да не си претерано бистар и информиран и во секое време да си спремен за тртење и начукување) дека Маркс овде никогаш не бил читан. Да бил читан (заедно со Хегел, да речеме) денес ќе знаевме дека механизмот на фарсата што ја живееме е опишан уште пред 150 години и од Хегел е наречен „егземпларен случај на илузија“; тој механизам ни разјаснува дека носители на континуитетот со лошиот социјализам токму се сегашниве десни болшевици кои се пресметуваат со „лажниот капитализам“ (кој, според нив, го направиле „комуњарите“ со „лоповската приватизација“). Денешните десни популистички болшевици не сакаат да разберат дека нивното противење на тој, според нив, „лажен“ капитализам и „лажна“ демократија и лицемерна Европа всушност е противење на капитализмот и демократијата и интеграциите воопшто. И токму е иронично - заради тоа и зборуваме за фарса - што денешните идеолошки наследници на социјализмот заправо се бившите марксисти (претседателот Иванов и неговиот ментор Шкариќ, на пример) огрнати во рунтави националистички кожуви.

Ниче вели дека најзанимливите и најлудите историски епохи се оние во кои комедијантите од сите видови станале вистински господари. Не само што му веруваме, сведочиме за неговото бистро согледување! Но, можеби, на крајот, до некаква макар верзија на вистината можеме да стигнеме само низ нејзината перверзија, во негативна форма, како некаков германски амбасадор на премиерата на филмот на Бењини, „Животот е убав“?!

Слики: Mark Tansey
Глобус, 06.10.09.

ОкоБоли главаВицФото