Чекајќи

17.09.2013 17:55
Чекајќи

Пред неколку години, руската фотографка Јана Романова имала голем пресврт во социјалниот живот. Одеднаш, речиси сите нејзини пријателки забремениле.

Веднаш потоа, сите нивни разговори се вртеле околу децата: работи што треба да се купат, промени што треба да се направат во домот, дневните тешкотии со бременоста... „Привикнувањето беше сериозен предизвик за мене. Секогаш се обидував да ги решам проблемите преку фотографијата, па решив да направам проект за тоа“, вели Романова.

Таа започнала со серијата фотографии „Waiting“ („Чекајќи“), сликајќи ги нејзините пријателки додека спијат со партнерите наутро во спалната соба - во време кога „луѓето не се грижат за нивниот изглед и може да се види нивниот меѓусебен однос и односот што го имаат кон новиот живот што ќе се роди“.

Романова не сакала двојките да позираат, па морала да смисли начин да ги направи фотографиите додека партнерите спијат. „Кога беше можно, седев кај двојките во нивниот стан навечер, за да направам фотографии околу 5-6 часот наутро, претежно за време на викендот, кога луѓето спијат и не треба да станат за да одат на работа. Кога не беше можно, доаѓав околу 5 наутро, чекав во кујната додека да заспијат, и потоа ги фотографирав“.

Јана Романова сакала да го прошири полето на проектот, па затоа почнала да бара повеќе учесници на интернет. Напишала стотици пораки по електронска пошта на бремени жени, замолувајќи ги да учествуваат во проектот. За да најде 40 двојки за проектот ѝ биле потребни две години.

Во еден момент, Романова сфатила дека речиси сите двојки што се согласиле да учествуваат во проектот имале помеѓу 20 и 30 години, факт што во нејзините очи му дал посебно значење на проектот. „Тоа значи дека тие припаѓаат на последната генерација што е родена пред падот на Советскиот сојуз, и нивните деца ќе знаат за тој период само од учебниците по историја. Така, одеднаш, проектот се претвори не само во каталог на луѓе кои спијат во различни пози, туку исто така и портрет на една генерација млади семејства од големите градови во модерна Русија“, вели авторката на фотографиите.

Иако за портретите е заедничка птичјата перспектива, која авторката ја постигнала качувајќи се на скала, портретите се одликуваат со неверојатна различност. „Најчудното нешто во врска со овој проект е тоа што бев сигурна дека ќе направам многу портрети од луѓе кои спијат на ист начин и во исти пози, но воопшто немаше исти двојки, и тоа за мене беше зачудувачки. Исто така, ниту еден пар немаше слични чаршафи, што е речиси невозможно“, вели Јана Романова.

Во моментов, фотографиите на Романова може да се погледнат на две изложби: на фестивалот Encontros da Imagem во Брага, Португалија, и во музејот Mosteiro de Tibães, во близина на Брага.

Извор: www.slate.com

ОкоБоли главаВицФото