Германија гласа, Европа трепери

18.09.2013 07:30
Германија гласа, Европа трепери

Кога на 22 септември Германците ќе излезат на избори исторемено ќе одлучуваат, иако индиректно, и за иднината на другите Европејци. Преку ЕУ, еврото и кризата Германија е блиско поврзана со своите соседи. Исходот од изборите во најголемата економија на Европа ги засега сите граѓани на ЕУ. Нивните влади имаат различни желби, но сите веруваат дека на идните евросамити повторно ќе се среќаваат со Ангела Меркел.

Сесил Шамбро, Le Monde

Најважниот партнер на Берлин, француската влада, не очекува дека изборите ќе донесат голема промена, иако се надева дека новата германска влада ќе ѝ помогне во победата над евроскептиците на изборите за Европскиот парламент кои се одржуваат во мај наредната година. Париз притоа се потпира на „елементите кои ја отелотворуваат Европа“, како што се вели во Франција, при што се мисли на фондовите кои би требало да им помогнат на младите во барањето работа. Владата на Оланд верува дека за овие прашања веќе нашла заеднички modus vivendi со германската влада и очекува нова победа на демохристијаните.

„Ангела Меркел веќе е навикната на претседател кој автоматски не се прилагодува на германската позиција“, вели Тиери Репентин, францускиот министер за европски прашања, „Сигурно е дека со Оланд има повеќе несогласувања отколку со Никола Саркози, но можни се умерени компромиси“. Како доказ за оваа соработка, Париз наведува и „отстапки“ на Берлин во поглед на буџетот на ЕУ, како и германско-француска дебата во врска со „конкурентноста и работите во Европа“ , кој предвидува национална рамка и ги навестува координатите на економската и социјалната политика.„Пре д 15 месеци беше незамисливо Германија да попушти за овие прашања“, вели Репентин.

Во наредните месеци Париз има намера да покрене одредени прашања со Берлин, кои би требало им да помогнат на владејачките социјалисти на изборите на Европскиот парламент. На пример, социјалистите сакаат да го убедат секој гласач кој е обземен од евроскептицизам и неволен да излезе на избори, дека од Европа може да има само корист. Тоа посебно се однесува на шесте милијадри евра наменети за борба против невработените млади. Франсоа Оланд и Ангела Меркел го одржаа првиот состанок врзан со оваа иницијатива во Берлин на 3 јули, додека новиот е закажан за 12 ноември во Париз.

Од француска гледна точка, за подобро функционирање на германско-францускиот тандем придонесува и тоа што за време на изборната кампања Ангела Меркел презема многу идеи од SPD, како што е, на пример, минималната заработувачка или ограничувањето на висината на кириите. На доброто расположение влијаеше и пофалбата на реформите на Шредер која Оланд ја упати кон своите социјалдемократски колеги на прославата на 150 години од SPD. Без разлика на тоа дали по 22 септември Ангела Меркел ќе ја предводи големата коалиција или не, француските социјалисти се уверени дека Франција во два случаи ќе има голема корист.

Мигуел Гонзалез, El País

Во Шпанија не се толку оптимистични. Затоа конзервативната шпанска влада стиска палци за својот идеолошки противник, социјалдемократите. Премиерот Маријано Рахој сфати дека нема голема корист од тоа што дели ист поглед на свет со Ангела Меркел. Таа не покажа нималку милост кога се работи за курсот за штедење, кој челичната дама на Европа на сите им го наметна. Во Монклоа, седиштето на шпанската влада, се уверени дека Меркел ќе остане канцеларка, само се надевааат дека во новата влада социјалдемократите ќе ги заменат либералите и дека последица на тоа ќе биде попуштањето на цврстиот курс на штедење.

Но, во Мадрид немаат големи илузии. Ако Оланд не можеше да ја избоксува промената на курсот, тогаш каква шанса има малиот партнер во големата коалиција? Поради тоа шпанската влада би била среќна кога по германските избори би видела повеќе поттикнување на економијата и поголеми напори за намалување на невработеноста на младите. Мадрид добро знае дека германските социјалдемократи не би преминале одредени црвени линии. Уверувањето дека со германското штедење не може да се отплатува расипништвото на нивните јужни соседи, е длабоко втиснато во свеста на Германците.

Владата на Рахој е загрижена заради берлинското затегање во врска со банкарската унија. Нови разговори се очекуваат на евросамитот во декември, кога би требало да се положи камен-темелникот за банкарската унија. Со неа би требало да се создаде тело што би ги реструктуирало финансиските институции, а со тоа се очекува и воведување на гаранции за штедни влогови. Берлин, меѓутоа, не сака Брисел да го пика носот во германските банки и да наредува кои од нив треба да се затворат.

Во шпанските владејачки кругови може да се чуе дека Ангела Меркел, за разлика од Хелмут Кол, нема чувство за Европа. Таа не се заложува за европски проект, туку како шефица на германската влада во потполност е концентрирана на внатрешно-политичката агенда. Водството во Европа го преземаше само кога на тоа ја приморуваше економската сила на нејзината земја. Во Мадрид се прашуваат дали таа во текот на својот трет мандат ќе им посветува повеќе внимание на Европејците отоколку на Германците.

Стефано Лепри, La Stampa

Во Рим е видлива мешавината од скепса и надеж. Тука исто така се очекува продолжување на разговорите за банкарската унија. Меѓу италијанските политичари се шпекулира дека по изборите во Германија може да дојде до одредено попуштање кога станува збор за буџетските правила. Може да се чуе дека Ангела Меркел до сега беше непопустлива, бидејќи се плашеше за гласовите на своите гласачи, кои не гледаат благонаклонето на барањата на земјите во криза. Ако повторно ја изберат, канцеларката ќе биде поотворена за компромиси.

Меѓутоа, правилата за фискалниот пакт во голема мера се веќе ублажени. Тоа се одесува и на Италија. Ако после изборите антиевро партијата AfD? не влезе во парламентot и Германија добие голема коалиција, би можело да дојде до нови отстапки.

Пореалистична и во заеднички европски интерес е целта за која се залага Енрико Лета, а која би можела да се оствари кога Италија ќе го преземе претседателството со Европската унија во првата половина на 2014. Тој има намера да направи значаен чекор во создавањето на вистинска европска банкарска унија, во што има поддршка од Шпанија. Ова е, како што сметаат во Рим, од огромно значење. Стабилноста во еврозоната, со исклучок на Грција, попрво би можеле да ја загрозат приватните текови на капиталот околку задолженоста на државите. Да наведеме еден пример: кога во иднина заради банкарската унија шпанските банки би биле сигурни како австриските, тогаш би исчезнала и нерамнотежата што го обесхрабруваат работењето во послабите земји, и би дошло до намалување на каматите во истите.

Анкетите покажуваат дека 83% од Германците ја поддржуваат европската банкарска унија. Просечниот Германец смета дека банките во државите во криза би биле посигурни кога би биле под заеднички европски надзор. Германските политичари не се задоволни со ова, бидејќи постојат бројни врски помеѓу фрагментираниот германски банкарски систем и политичарите на локално ниво. Тие не сакаат некој однадвор да ги проверува. Отпорот кон банкарската унија го оправдуваат со тоа дека заедничкиот надзор би довел до тоа германскиот даночен обврзник да мора да страда за грешките на банкарите од југот на Европа.

Мајкл Вајт, The Guardian

Британските политичари ги мачат други грижи кога размислуваат за изборите во Германија. Кој и да победи, нема ни со прст да мрдне за да му помогне на Дејвид Камерон и неговата сино-портокалова коалиција со британската верзија на FDP. До душа, британските либералдемократи ги предводи Ник Клег, кој важи за страсен заговорник на ЕУ. Меѓутоа, изгеда дека Клег е беспомошен кога станува збор за ЕУ политиката на Велика Британија, која одамна стана трло во кое ториевската десница се храни со црвено месо. Камерон уште во 2009 ги извади ториевците од фракцијата на европски народни партии во Европскиот парламент, што претставуваше чекор за изолација со кој тие свесно се исклучија од уште една централна и влијателна структура на ЕУ. И покрај тоа, за Германија е важно Британија да остане во ЕУ. Британија, како северноевропска земја што го поддржува курсот на штедење и глобалната слободна трговија, му служи на Берлин како противтежа на Франција. Од друга страна, членовите на сите партии во Британија кои не го поддржуваат предлогот за истапување од ЕУ, добро знаат дека Германија им е потребна. Затоа што Берлин е европски центар на економската моќ и политички појас за спасување во економските кризи, на кој сè уште му се заканува задолженото јужно крило на еврозоната.

Секако дека водачот на опозицијата Ед Милибенд порадо би го видел Пер Штајнбрук отколку Ангела Меркел како победник на изборите. Кога станува збор за поголемите даноци за богатите, поголемите плати за сиромашните и многу други прашања, лабуристите и SPD се сродни души. Црвено-зелената влада би била добредојдена помош на лабуристите во обидот да се вратат на власт на парламентарите избори во 2015. Реалистите од оваа партија би сметале дека, со оглед на тоа дека економската состојба во еврозоната конечно се подобрува, за Ангела Меркел најлошо решение би било влегување во голема коалиција со SPD. Таква голема коалиција меѓу ториевците и лабуристите во Британија е просто незамислива.

Какви ќе бидат одосите меѓу Камерон и Меркел, доколку таа добие трет мандат? На лично ниво, канцеларката и премиерот добро се согласуваат. Камерон изјави дека таа е „феноменален политички лидер“. Пријателството олеснува многу работи, но работата си е работа. Меркел во август јавно зборуваше дека би требало да се намали моќта и надлежноста на Брисел. Меѓутоа, овде пред сè станува збор за тоа да се намали буџетот на ЕУ и поефикасно да се употребуваат парите, при што таа сигурно не мислеше на радикални чекори, кои Камерон и многу Британци ги посакуваат.

***

Каков и да е исходот од изборите на 22 септември, европските партнери не очекуваат големи промени во германската европолитика. Ќе отпочне само нова рунда во борбата за правилен курс за спасување на европската куќа.

Извор: Süddeutsche Zeitung

ОкоБоли главаВицФото