Нема да остане град-урнатина

18.09.2013 11:52
Нема да остане град-урнатина

Евакуација на жителите на Скопје

 

Скопје, градот чиј динамичен повоен подем беше брутално прекинат со природна катастрофа, нема да остане град – урнатина. Веќе по првите постземјотресни денови, прашањето што ги преокупира како политичарите и урбанистите, така и обичните граѓани, е: Што ќе биде со градот? Дали да се напушти и да се изгради ново Скопје, на нова локација? Иако до денес не се познати сите сеизмичко-геолошки фактори што можат да бидат одлучувачки за иднината на еден град, уште во првите денови по катастрофата доминира идејата за изградба на Скопје на сегашната макролокација, но со изменети микроурбанистички и архитектонско-конструктивни концепти. Во прилог на донесувањето ваква одлука за идната изградба на Скопје е и фактот што уличната мрежа и сите комунални инсталации се многу малку оштетени. Заклучокот на највисоките државни органи, Скопје да се изгради во рок од 5 години, наметнува низа проблеми кои бараат итно решавање. Една од првите мерки е создавање оптимални услови за живот и работа на 120.000 жители кои се најнеопходни за оживување на економските, културните и социјалните активности, како и за санирање на градот во целина. Со поправка на помалку оштетените згради може да се обезбеди станбен простор за околу 50.000 жители, а околу 70.000 жители треба да се сместат во монтажни згради. Предност им е дадена на едноставните дрвени монтажни објекти, од типот индивидуални приземни куќи за едно семејство, поради тоа што Југославија веќе ги произведува, а и поради релативно брзата сува монтажа.

Ваквата станбена структура, како и недостигот на слободни комплекси во градот, ја условуваат ориентацијата на изградба на т.н. сателитски, односно приградски населби, оддалечени 3-10 км од центарот на Скопје. Речиси сите избрани локации за овие населби имаат двојна сообраќајна поврзаност со центарот на градот и/или работните места. Тоа е особено важно за најголемите населби, Ѓорче Петров и Маџари кои се оддалечени 6-10 км од центарот.

Во изградбата на овие приградски населби до израз доаѓа солидарноста на граѓаните од сите југословенски републики.


Идентификување на загинатите

 

СР Србија ја гради населбата Драчево за околу 10.000 жители и врши асанација на општината Кисела Вода. СР Хрватска гради населба со ист капацитет во Маџари, а во Железара за 3.000 жители, и асанира во општината Идадија. СР БиХ ја гради населбата Бутел за 5.000 жители и интервенира на левиот брег од Вардар. И СР Словенија гради населба за 5.000 жители, а помага во санацијата на Идадија. Населбата Лисиче ја градат СР Црна Гора и ЈНА, а Ѓорче Петров, населба за 12.000 жители ја градат граѓаните на СР Македонија.

Посебно, градот Белград гради населба за 5.000 жители.

Изготвени се урбанистички решенија за сите приградски населби, кои имаат траен карактер и според квалитетот на инфра и супраструктурата треба да ги задоволуваат стандардите за комплетни населби, организирани и конципирани врз принципите на станбена, односно локална заедница од градски тип.

Во принцип, тоа се семејни живеалишта и како такви треба да одиграат важна улога во повторното воспоставување нормални услови за живот и функционирање на целата фамилија во новата средина.

По примерот на двете приградски населби кои се градат според проектите на Урбанистичкиот институт на СР Хрватска, може да се види во каква мерка овие населби претставуваат комплетни остварувања. Вакви населби кои ги почитуваат основните принципи на асанација биле често проектирани, но во нашата земја многу ретко биле целосно реализирани.

Рекордно краткиот рок за реализација на проектите, како и типот на приземни објекти за едно или две семејства се главна специфика на овие проекти. Исклучок се околу 200 четирикатници на „Југомонт“ во населбата Железара, како и 300 такви станови во Маџари.


Град од платна

 

Покрај објектите кои ги градат претпријатија од целата земја, од сите страни на светот, како подарок за настраданото Скопје се добиваат префабрикати. Така, во населбата Ѓорче Петров се монтираат англиски објекти од челични перфорирани профили, додека во населбата Маџари се реализираат 12 англиски основни училишта и 80 дански викенд куќички.

Многу посложена и еднакво ургентна работа им претстои на Дирекцијата за обновување и развој и на Урбанистичкиот завод на Скопје при подготвувањето на генералниот урбанистички план и програма. Скопје ниту пред земјотресот немал реализирана програма и генерален урбанистички план, иако тој бил во завршна фаза. Ваквата програма и во нормални околности е долготраен и тежок процес, а во вакви вонредни услови се граничи со подвиг.

Скопските урбанисти се свесни дека во така краток рок не можат да изработат елаборати за обновување на нивниот град, иако јадрото на овој проект треба да го сочинуваат самите тие во соработка со урбанисти од земјата и странство.

Одлучувачки за донесување макроконцепција за изградба на ново Скопје се резултатите од работата на геолозите и сеизмолозите, а урбанистите вршат инвентаризација на градот, како моментално најитна акција во подготовката за идната работа. Формално се збришани цели квартови, во некои случаи баш оние кои не биле опфатени со урбанистичките планови (квартовите на левиот брег од Вардар), и во таа смисла, ако ја исклучиме трагедијата на жителите, земјотресот им направи услуга на урбанистите. Сите такви случаи се евидентираат и така се добива појдовна база за урбанистичка асанација на досегашните компактно изградени, а сега девастирани градски квартови.

Со оглед на ситуацијата наметната од земјотресот, во рамки на урбанистичкиот план на градот треба да се изработи и регионална студија. Во поширокото гравитационо подрачје се наоѓаат Куманово, Тетово и Титов Велес (30-50 км), градови кои се сместени на брзи сообраќајници што значително ја намалува оддалеченоста од Скопје. Потребно е да се размисли за децентрализација на некои стопански активности, како и на општествено- културни институции од Скопје, кои би се дислоцирале во овие градови. Тоа би ја намалило и во нормални услови претераната имиграција на населението која дополнително го загрозува обновувањето и изградбата на Скопје во определен рок.

Извор: Čovjek i prostor (бр. 126, септември), 1963, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb

Превод: Сенка Наумовска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото