Пошта

19.09.2013 03:53
Пошта

Местоположбата на зградата на Македонски пошти своевремено му даде повод на сега починатиот архитект Живко Поповски во тоа време да констатира дека „Скопје е погрешен град“.

Пожарот во една од најмаркантните згради на постземјотресно Скопје, зградата на Македонски пошти, покрај оние бројни скандали и скандалчиња (негрижата за електричната инсталација во една таква зграда, флегматичноста и минимализирањето на штетата од уништените мурали на Борко Лазески, неосигурувањето на зградата итн.), кои, до душа, некако бргу исчезнаа од фокусот на вниманието, токму како и чадот над ова бетонско здание, откри и нешто што сите го знаевме, а сега најдобро го видовме – дефинитивната поделба на македонското општество. И тоа, не по политичка или етничка линија, туку по линија на системот на вредности.

Значи, она што е за некои бесценето богатство и редок примерок на ремек-дело во македонската урбана архитектура, за други е куп бетон, декориран со идеолошко-погрешни фрески. Проблемот е во тоа што, со својот однос, владејачката гарнитура, низ сопствената идеолошко-политичка призма, на општеството му наметнува своја исто таква естетска структура. А, преку архитектурата, ако не најдобро, тогаш најочигледно и најмонументално се отсликува и моменталната моќ во државата.

Во таа смисла, не е никаков исклучок ниту зградата на Македонски пошти. Таа е, што би се рекло, неделив дел од таканаречениот Телекомуникациски центар (порано, целиот тој комплекс се нарекуваше, едноставно, ПТТ или Пошта). Станува збор за можеби најзначајното дело на еден од најдобрите македонски архитекти, американскиот ученик, битолчанецот Јанко Константинов (1926 – 2010), еден од луѓето што ги внесе дострелите на тогашната актуелна архитектонска мисла на македонскиот простор. Покрај, зградата на ПТТ, односно телекомуникацискиот центар, меѓу неговите дела се вбројуваат хотелот „Александар палас“, гимназијата „Никола Карев“, Медицинскиот центар во Скопје, објектите на „Т-мобајл“, кои, исто така влегуваат во состав на Телекомуникацискиот центар...

Телекомуникацискиот центар е граден во две фази. Во првата е изградена високата зграда, една од доминантните на кејот на Вардар (1972-1974 година), а во втората, таканаречената Шалтер сала, денешната опожарена зграда на Македонски пошти (1979-1980 година). Скопјани знаат дека овие два објекта, градени во бетон, метал и стакло, претставуваат неделива целина и всушност се своевидна архитектонска скулптура. За ова дело Константинов во 1975 година ја доби престижната награда за архитектура на весникот „Борба“, а за него имаат пишувано и повеќе странски архитектонски списанија.

Сепак, грандиозноста и поставеноста на Телекомуникацискиот центар во контекстот на градот, во тој постземјотресен период, всушност, го означуваа распоредот на моќта на тоа време. Имено, зградата на Поштата, како типична административна зграда, во која, сакале или не, во одреден период од денот мораат да влезат стотици, можеби илјада административни службеници и да останат таму, е изградена на местото каде што се предвидуваше да биде најфреквентното скопско шеталиште – на кејот на Вардар, и тоа на потегот меѓу градот и Градскиот парк. За разлика од другите делови на кејот, до овој има пристап од повеќе страни и, и на некој начин, претставува своевидна пешачка раскрсница. Конечно, токму на овој дел од кејот се направени единствените два јавни клозета што ги има ова шеталиште (денес работи само еден, и тоа повремено).

Кога го споменуваме градскиот контекст, тогаш мора да се каже дека во периодот на обновата на земјотресот се изградени низа круцијални објекти, меѓу кои е, на пример, и Музејот на совремната уметност. За разлика од Поштата, каде што луѓето се приморани да влегуваат, Музејот е институција која треба да ги намами луѓето да влезат внатре, односно каде што се оди доброволно. А Музејот е лоциран во дел од градот, на кале, кој речиси никако не е поврзан (до денешен ден) со останатите градски делови. Со други зборови, изграден е таму каде што луѓето одат само ако мораат. Како да е Пошта во прашање, а не Музеј.

Авторот на овие редови е склон да поверува дека овој дел од кејот на Вардар никогаш не заживеа како што треба, токму поради овој погрешен урбанистички потег – распоредување на погрешни содржини на погрешни места. Зошто тогаш е направено вакво нешто што ќе му даде повод на починатиот архитект Живко Поповски во тоа време да констатира дека „Скопје е погрешен град“?

Не сме склони да поверуваме дека е во прашање неукоста. Напротив. За разлика од некои идни времиња, вклучувајќи го и сегашното, тоа време, иако не се одликува со меритократија, и тоа како води сметка за компетенциите. И повторно доаѓаме до – моќта. Поштата, како јавна установа (читај: државно претпријатие), која монополски го контролира целиот поштенски, особено телефонски сообраќај, има силно влијание и голема моќ во тогашното општествено-политичко уредување. Како илустрација може да се спомене големата чистка во редовите на тогашната југословенска Управа за државна безбедност (случајот Ранковиќ), каде што меѓу стотиците уапсени, освен службениците на УДБ-а, околу една четвртина беа службеници на тогашните пошти. Исто така, не беше редок случајот директорот на ПТТ да стане министер за внатрешни работи и обратно, министерот за внатрешни работи да стане директор на ПТТ. Ако веќе не се знае дали ПТТ ги знае важните тајни, тогаш со сигурност се знае дека може да ги дознае. И ете ја причината зошто Телекомуникацискиот центар за ПТТ ја добива оваа репрезентативна локација и зошто голем дел скопјани не собраа сили да се качат во Музејот за современа уметност и да погледаат една од најрепрезентативните збирки на модерната уметност во тоа време.

Но, денес времињата се други. Поточно, што се однесува до демонстрацијата на политичката моќ и нема некои суштински разлики, само што сега моќта е префрлена на други центри, или, поточно одземена од некои центри. Не знам на кое ниво е соработката на службите за државна безбедност со сегашните мобилни и фиксни оператори, но секако не се нешто особено развиени во поглед на „посебните истражни мерки“, односно прислушкувањето. Прво, технологијата е отидена толку напред што државните органи можат лесно да обезбедат (а, колку што знаеме и обезбедуваат) опрема за прислушкување, и, второ, телекомуникациските фирми својата моќ ја реализираат и обезбедуваат – преку пари (случајот на корупција со „Маџар телеком“).

Што се однесува до класичната пошта, и таа полека, но сигурно ја губи силата. Ако порано поштарот беше симбол на радост, новост, среќа..., денес тој е симбол за сметки, своевиден модерен инкасатор. Денес луѓето, ако воопшто пишуваат, своите писма ги пишуваат преку интернетската мрежа, а одговорите ги добиваат речиси во истиот момент. Не постои задолжителна војска (каде што читањето и пишувањето писма беше вистински ритуал), а и современите гастарбајтери се технолошки опремени уште подобро од домицилните роднини. Во таа смисла, повеќе нема никаква смисла оној ромнтичен крај на секое младечко писмо: „Жолта дуња, зелен бор – чекам брз одговор“. Можеби има уште некаква смисла онаа песничка што ја учевме како деца: „И да врне и да вее, и бура да коси, тоа за мене ништо не е, поштар пошта носи“, само што сега се губи радоста од овие стихови. Дури и ритуалот на примање пензии преку пошта е замрен (барем се намалени и оние чудни кражби на поштенските комбиња), бидејќи поголемиот дел од пензиите се дистрибуираат преку банките. И телеграмите ја загубија својата смисла...

Она што е сигурно е дека директорот на Македонски пошти е во право кога вели дека пожарот направил минимална штета (нему, се разбира, муралите на Лазески никогаш ништо не му значеле, а многу е веројатно и дека му пречеле). Таа, конечно е изградена во период кога во Скопје „најздраво“ се градеше и мошне е тешко да се замисли таква катаклизма која ќе може посериозно да ја руинира. Како и да е, злобниците велат дека ова е шанса и оваа фасада да се „барокизира“, што со оглед на изгледот на зградата е тешко да се замисли (особено ако се знае дека директорот на Македонски пошти, Рафиз Алити, е од ДУИ, партија која не гледа со преголемо воодушевување врз скопскиот барок). Сепак, можно е да никне по некое столпче и некоја статуа, колку да се задржи трендот.

Ова само покажува дека погрешната местоположба на Поштата не била обична грешка, тоа било фундаментална грешка. Како и многу други во Скопје, погрешниот град.

Извор: Граѓански

ОкоБоли главаВицФото