1027 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Вто, 09.12.2025 08:59

Скопје, 19 септември 2013
Според најновото истражување на група лекари од Скопје, предводени од познатиот психијатар Конопче Печурков, во последните три години значително е намалена употребата на халуциногени дроги и психотропни супстанци меѓу младите.
За овој позитивен тренд, заслужна е пред сè владата на Република Македонија, која со изградбата на проектот Скопје 2014 кај многу млади луѓе просто ја избришала потребата од дрога, сметаат лекарите.
„Освен од медицинските досиеја, користевме податоци од МВР, а и самите правевме анкети меѓу младите уживатели во дрога. Повеќето од нив сметаат дека ни најлудата визија која ја имале под дејство на дрога не може да се мери со тоа што сега го гледаат просто минувајќи низ центарот на градот“, вели Печурков.
Според сознанијата на Пара вести, повеќето поранешни уживатели во халуциногени дроги се задоволни, бидејќи го сметаат спектакуларното визуелно доживување за бесплатно. Но, аналитичарите сметаат дека тоа наскоро може да се смени, кога ќе сфатат дека поради потрошената сума на народни пари и задолжувањето на земјата, „бесплатните“ трипови во центарот на Скопје се можеби и поскапи од дрогата која ја набавувале порано.
„Неумесно е на некого да му наложувате со што да се дрогира. Но, од економска гледна точка, го препорачувам традиционалниот начин, без архитектонски потфати“, вели британскиот аналитичар Марк Трип.
Тимот научници предводен од Конопче Печурков во следниот период планира да ги истражува последиците од дрогирањето со споменици и барокни/неокласицистички згради, бидејќи смета дека тоа поле е повозбудливо и помалку истражено на овие простори во однос на последиците од конзумирањето халуциногени супстанци.