Длабочини

19.09.2013 06:32
Длабочини

Пред неколку години, во Охрид пристигна неголема ескпедиција чии членови беа стручни лица од разни области и од различни националности, носејќи со себе еден вид батискаф. Батискафот беше наменет за изучување на големи длабочини. И, со извесна сензационалистичка нотка, во написите по весниците се појави тврдење дека таа справа, со луѓе во неа, ќе биде спуштена во најголемата длабочина на Езерото, кај Заум. Потоа веќе немаше никакви вести за тоа. Експедицијата, по неколку нуркања и по очигледно покажаната неспремност за комуникации со јавноста, се врати таму од каде што беше дошла, без да ги објави резултатите. Што, всушност, се случи? Во тајниот извештај, доставен до Владата на Република Македонија, и ставен во едно досие под назив „Државна тајна“, беа изнесени фактите поврзани со наодите на експедицијата: на дното од Охридското Езеро лежи, делумно покриена со слој тиња, јапонска воена подморница од Втората светска војна, рег. бр. 114 - 441. Беше несомнено дека станува збор за јапонска воена подморница (според знамето насликано на металниот оклоп - шеснаесеткракото сонце), но тоа дури и не беше толку изненадувачко. Во внатрешноста на пловилото истражувачите нашле една херметички затворена челична кутија. А во кутијата - како еден вид бродски дневник - цел куп таблички од печена земја, испишани со писмо на портоиндиската цивилизација на Мохенџо Даро, од средината на третиот милениум пред н.е. - писмо кое, како што е познато, сè уште не е дешифрирано.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Меган Висер

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото