Рецензија: Која блондинка ја урна цената на ајварката?

19.09.2013 05:57
Рецензија: Која блондинка ја урна цената на ајварката?

Во серијата написи кои се занимаваат со „ликот и делото“ на косовската министерка за трговија Мимоза Кусари во време кога е сè уште актуелна затегнатоста на трговските односи помеѓу Македонија и Косово, се појави и напис во чијшто наслов министерката е наречена „блондинката“ и кој се занимава со нејзиниот сексапил, афинитетот кон високата мода и со тоа кој сè ја сакал, а кој не.

Без оглед што е во прашање материјал поместен во рубриката ЖИВОТ, ваквиот третман на политичар од соседна земја е манифестација на невкус и сексизам, кој тешко дека може да се оправда со лежерниот третман на теми во оваа рубрика. Потенцирањето на нејзините физички карактеристики (блондинка) за сметка на останатите обележја на нејзината личност и функција, има пежоративна конотација бидејќи е јасна асоцијација на стереотипот „глупа блондинка“.

„Секогаш треба да се избегнуваат фрази кои во себе носат шовинистички, сексистички или какви било други дискриминаторски конотации“. (Прирачник за етика во новинарството, 2012, ЗНМ).

Авторот си зема за право да се занимава со сексапилниот изглед и терањето мода на министерката Кусари, со тоа дали ја сакале камионџиите и дали таа правела ајвар од македонски пиперки или не, што е дегутантно и непримерено за еден информативен медиум, кој сака да биде сфатен сериозно. Написот не задоволува ниту минимум новинарски стандарди, нема извори на кои се повикува и наликува на трач-муабет, што, се чини, била и намерата на авторот.

Линк до оригиналниот напис: Која блондинка ја урна цената на ајварката?

Датум и време на објавување: 11.09.2013, 20:17

Датум на рецензирање: 17.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Не се цитира ниту се повикува на ниеден извор за тврдењата дадени во текстот, па може да се заклучи дека она што е кажано за косовската министерка е кажано произволно и непоткрепено со факти.

Содржајност: Веста е несеопфатна, полна со паушални тврдења и навредливи и потсмешливи забелешки на сметка на косовската министерка Кусари.

Пристрасност: Написот е типичен пример на злоупотреба на довербата на читателите кои очекуваат во информативните рубрики да добијат објективна информација и непристрасен пристап. Низ форма на иронично коментирање, написот изобилува со отворено подбивање со жена-политичар од соседна земја, со која во актуелниот момент Македонија има нарушени меѓудржавни односи во сферата на трговијата, што е нејзин министерски ресор! Неизбалансиран, неетички и непрофесионален приод.

Квалитет на насловот: Насловот содржи отворена алузија на навредливиот стереотип за глупава русокоса.

Говор на омраза: Исмевање на косовската министерка за трговија преку иронија, обид за дискриминација преку користење на полови стереотипи и непроверени квалификации се главните карактеристики на написот.

Заклучок: Обидот преку божемен хумористичен приод да биде портретирана министерката за трговија на Косово, Мимоза Кусари, како глупа блондинка преокупирана со сопствениот изглед, резултираше со невкусно напишано четиво кое не спаѓа во ниту еден новинарски жанр.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).