Јадете споменици, лечете се со земјоделски субвенции

20.09.2013 06:18
Јадете споменици, лечете се со земјоделски субвенции

Македонија да ти била лидер во здравството во југоисточна Европа, затоа што први сме потпишале некаков договор со Светската здравствена организација за 700 илјади евра, ама први само за периодот 2014-15 година. Во другите двогодишни периоди, други држави од регионов потпишувале први, како што тоа ќе го прават и во иднина. Една обична ПР, промотивна постапка власта се обидува да ја претстави како којзнае каков успех. Вистината за македонското здравство е сосема поинаква.

Долниот графикон, изработен според податоците на експертите од Центарот за економски анализи, кој ја покажува распределбата на буџетските средства за годинава, јасно говори колку малку на власта ѝ е грижа за здравството.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ дава 35 отсто повеќе пари за земјоделски субвенции отколку за одбрана на татковината, на пример. Уште повеќе, ВЛАСТА ДАВА 35 ОТСТО ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ ОТКОЛКУ ЗА ЗДРАВСТВОТО. Според тоа како е проектиран буџетот за годинава, додека за одбрана се предвидени 96,5 милиони евра, а за здравство 96,8 милиони евра, за земјоделски субвенции се наменети дури 135 милиони евра. Исто така, според плановите на оваа власт, таа има намера во следните 5 години да додели вкупно 725 милиони евра за земјоделски субвенции, при што износот во 2017 година треба да достигне дури 150 милиони евра.

Без оглед какви и договори да потпише власта во здравството и без оглед со кого, без оглед колку и да ја зголеми продуктивноста и ефикасноста во здравството и колку и доктори да преземе од приватните болници, СО ОВАА СУМА ПАРИ Е НЕВОЗМОЖНО ДА СЕ ИЗГРАДИ ФУНКЦИОНАЛНО НАЦИОНАЛНО ЈАВНО ЗДРАВСТВО. Со процент од само 4 отсто од националниот буџет и со износ од 50 евра по жител, во една европска држава на почетокот на 21-иот век, едноставно не е можно да се има одржлив здравствен систем, без оглед на сѐ друго. Имајќи ги предвид овие бројки, станува јасно колку, всушност, имаше смисла последниот штрајк на лекарите, кој власта се обидуваше да го задуши со сите средства.

Настрана фактот што НИКАДЕ ВО ЕВРОПА НИКОЈ НЕ ТРОШИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ ОТКОЛКУ ЗА ЗДРАВСТВО.

А, колку, пак, политиката на безглаво трошење пари за земјоделски субвенции претставува изнасилено и непотребно фрлање пари на една стопанска гранка, најдобро се гледа кога нивото на субвенциите што се доделуваат во земјава ќе се спореди со нивото на земјоделски субвенции што се доделуваат во Европа.


ЛЕЛЕ, КОЛКУ СМЕ БИЛЕ БОГАТИ - ДАВАМЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СУБВЕНЦИИ ОД ЕУ

Податоците покажуваат една комплетно налудничава буџетска политика која ја нема никаде на стариот континент. Македонија доделува поголеми земјоделски субвенции од Европската унија и тоа и како процент од бруто домашниот производ (БДП) и како процент од буџетот, но и во апсолутни суми ако се има предвид паритетот на куповната моќ.


БДП и Буџет за ЕУ се однесува на вкупните бројки на 27-те земји членки на Унијата. Податоци: за Македонија - Влада на РМ, за ЕУ – Еуростат и Википедија, 2010 - 2012 година

 

Бројките јасно говорат дека Македонија на земјоделски субвенции троши 1,71 отсто од БДП, додека ЕУ само 0,31 отсто од БДП. Ова значи дека Македонија троши 5,5 пати повеќе пари за оваа стопанска гранка од ЕУ како процент од БДП.

Кога станува збор, пак, за тоа колкав процент од буџетот се троши на земјоделски субвенции состојбата е уште полоша. Македонија троши 5,6 отсто од буџетот на оваа ставка (што значи дека од секои, ама баш ОД СЕКОИ 100 ДЕНАРИ ШТО ВЛЕГУВААТ ВО ДРЖАВНАТА КАСА ПО БИЛО КОЈ ОСНОВ 5,6 ДЕНАРИ СЕКОГАШ ОДАТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ), додека ЕУ троши само 0,64 отсто од вкупните буџети на сите земји членки. Или, понаку кажано, Македонија троши 9 пати повеќе пари од ЕУ на оваа буџетска ставка. Тоа се одразува и врз нивото на дадени пари по жител. Иако ЕУ троши повеќе пари по жител номинално (77,46 евра, наспроти 65,58 евра), овие 65,58 евра што ги добиваат македонските земјоделци вредат далеку повеќе, односно двојно повеќе, зашто цените во Македонија се двојно пониски од оние во ЕУ.

ВМРО-ВСКАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПОЛИТИКА - КУП ПАРИ, СЛАБИ РЕЗУЛТАТИ

Сето ова јасно говори колку државата се грижи за здравјето на сопствените граѓани, наспроти интересите на една група луѓе кои добиваат куп пари само затоа што работат во одредена стопанска гранка.

И тоа барем оваа политика да имаше некакви резултати. Податоците јасно велат дека и покрај огромните средства што се доделуваат за земјоделски субвенции во изминативе пет години, увозот на храна расте. При ваква една споредба ВМРО-вците веднаш скокаат, тврдејќи дека тоа така не може да се споредува и дека се говори за баби и жаби. Но, ова не е точно. Која друга поважна причина може да има за доделување на вака високи субвенции, ако не да се намали увозот на храна? Белким тие се даваат и за да можеме да јадеме наши свежи пилиња, на пример, а не смрзнати бразилски и наш кечап, а не увезен словенечки. Ако власта нема проблем со тоа нашите свежи пилиња да се извезуваат, а Македонците да продолжат да јадат смрзнати пилиња со месеци пред да се продадат од Бразил, тогаш таа треба сериозно да размисли за ваквата политика на субвенции. Која е смислата за нивно доделување, ако квалитетот на храната за населението не се подобри? Која поважна причина од оваа може да постои за нивно доделување во вака голем износ?

Настрана фактот што земјоделството не заживеа ништо посебно во периодот откако овие земјоделски субвензии почнаа да се доделуваат. Или почна да заживува таму каде што не треба и каде што таквото заживување е најштетно за животната средина. Како што покажуваат податоците за уделот на земјоделството во вкупниот БДП, тој не се помрднува и со години е на исто ниво - од 9-10 отсто од БДП, па дури и бележи мал пад од 2004 година.


Извор: Јавност.мк, според податоци од ДЗС

 

Што значи ова? Ова значи дека и покрај сите финансиски инјекции што ги добива земјоделството, тоа стои во место, додека други стопански гранки држат чекор или го зголемуваат својот удел во БДП, иако од државата не добиваат ништо. Не ќе ли беше попаметно барем дел од овие пари да се наменат и за некоја друга стопанска гранка која подобри има можности и шанси за развој, а не само за стопанска гранка, која и покрај огромните инјекции стои во место и која, ако не ги добиеше таквите инјекции, ќе почнеше да паѓа и да се намалува како процент од БДП?

ШТО СТОИ ВО ПОЗАДИНАТА НА ВАКА МАСИВНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ?

Приказната за земјоделските субвенции е иста како и онаа со зголемувањето на пензиите пред избори за 5 отсто (600 денари месечно во просек). Работата е во гласовите на избори и во цената што треба да се плати за нив. А, кога станува збор за земјоделците (како впрочем и за пензионерите) таа е ниска (но, само по глас, во вкупни износи е огромна, се разбира). Ниедна друга група, ниедна друга стопанска гранка не нуди толку многу гласови за дадените пари и тоа гласови на гласачи кои можат лесно да се манипулираат. Како доказ за тоа се настаните од 24 декември лани. На контрапротестите што ги организираше ВМРО-ДПМНЕ, значителен дел од контрадемонстрантите се појавија од причина зашто им беше (неточно) кажано дека СДСМ сака да им ги укине земјоделските субвенции што немаше врска со вистината. Потоа претставници на СДСМ мораа да одат по земјоделските здруженија и да објаснуваат дека нивните забелешки на буџетот немаат врска со субвенциите, туку дека се однесуваат на сосема други ставки.

Сета оваа „инвестициска стратегија“, која се раководи според принципот на „оптимална инвестиција“ за што повеќе гласови (поголем политички профит за „вложените“ народни пари) наликува како деловна политика на фирма со име „Македонија“ ДОО (или уште полошо „Македонија“ ДООЕЛ), а не како буџетска политика на Република Македонија.

Извор: anfas.blogspot.se