Лентите во боја по улиците не се велосипедски патеки

20.09.2013 12:06
Лентите во боја по улиците не се велосипедски патеки

ЛЕНТИТЕ ВО БОЈА ПО УЛИЦИТЕ НЕ СЕ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ

Плоштад Слобода го повикува Град Скопје да престане да се подбива со граѓаните на Скопје и да почне да вложува во вистинска велосипедска инфраструктура и подобрување на сообраќајната култура за сите учесници. Градоначалникот Коце Трајановски го гледаме на велосипед само во предизборна кампања и во други два дена во годината, пред се’ на фотографии во медиумите. Затоа, го повикуваме господинот Трајановски да избере било кој друг ден, и од својот дом во Автокоманда, да се обиде со велосипед да стигне на работа, во просториите на Град Скопје. Така Градоначалникот ќе може да се увери во непостоењето на велосипедска инфраструктура, но и на основна култура на третирање на велосипедистите и пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот во Скопје.

Опш впечаток е дека сообраќајот и паркинг условите во градот се подредени на потребите и доминацијата на посилните, оние со автомобили. Семафорите се прилагодени само за потребите на возачите, а на штета на пешаците и велосипедистите. Пешаците и велосипедистите се толку репресирани во сообраќајот што се приморани секојдневно да се движат по коловозите, меѓу возилата. Затоа и активности и кампањи за подигање на свеста кај учесниците во сообраќајот се непознати појави кај оваа администрација. Постојано се носат репресивни правила и закони кои го уредуваат однесувањето на велосипедистите, пешаците, граѓаните, а оние со автомобили и мотори дивеат по скопските улици.

Згора на сето тоа, ниеден од новите урбанистички и сообраќајни зафати низ градот не ги земаат предвид велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот. Ниеден од новите булевари на Трајановски нема предвидени велосипедски патеки. На Климент Охридски пешаците и велосипедистите делат тротоар во ширина од 1 метар, на Илинденска несоодветните сливници го прават возењето невозможно, а на Првомајска тесните тротоари што се делат со пешаците се понебезбедни од било кога заради зголемената брзина на возилата. Во Скопје речиси и не постојат рампи за заштита од уништување на велосипедите од рабниците на тротоарите, а единствените промени беа направени за да се прилагодат овие премини на новововедената кочија од проектот Скопје 2014.

Конечно, ги повикуваме од Градот, а и медиумите, како и нашите сограѓани, критички да се пристапи кон разните “дефилеа” за некакви патеки, велосипедска инфраструктура и сл. Освен потегот долж реката Вардар (и тој узурпиран со работите на Скопје 2014) во градот Скопје не постои делница доволно уредена и доволно безбедна за одвивање каков bilo велосипедски сообраќај. Време е да ги нарекуваме работите онакви какви што се! А чкртањето ленти во боја по улиците и тротоарите не се велосипедски патеки!

Скопје, 20.09.2012

Слични содржини

Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Око
Активизам / Око

ОкоБоли главаВицФото