Калливо селско џаде

21.09.2013 09:20
Калливо селско џаде

1.

Морам да кажам дека oсoбeно пријатно ме изненади дигитализацијата на филмското творештво на браќата Манаки, реализирано од страна на Кинотеката на Македонија. Можеби единствената национална институција којашто знае што треба да прави, и тоа го прави! Иако овој проект требаше да го направиме децении порано – уште на почетокот на дигиталната ера – зашто тоа е вистинскиот документ за вклученоста на Македонија во тогашните културни текови на Европа.

Како и да e, никогаш не е доцна, а особено кога целата работа ќе се заврши стручно и професионално, вон усталените дилетантски партиски шаблони на сегашниот миг на македонската култура. Изданието, вели Кинотеката, е производ на двегодишната дигитална реставрација и дигитализација на снимките на Манаки во филмска лабораторија во Будимпешта. Со тоа материјалите стари еден век се зачувани со подобрен квалитет и првпат достапни за пошироката јавност.

И, соодветно на сработеното, соодветен е и коментарот на министерката за култура „дека ова е проект од национален интерес со кој се покажува грижата за богатото аудиовизуелно наследство што го поседуваме како држава“.

2.

Арно ама (и секогаш кај нас мора да има едно „но“ или „арно ама“), уште еден подеднакво важен настан за македонската култура не заслужи такво внимание, ниту пак пофалба, ни од министерката ниту пак од Министерството.

Станува збор за издавањето на вонсериската книга „Сите драми и сонети на Шекспир“ – поточно 37 драми и 154 сонети од овој великан на светската книжевност, во обем од фантастични 1.650 страници – во превод и препев на стариот волк на преводот Драги Михајловски. Или, како што извонредно тоа го спореди Венко Андоновски, овој настан е рамен на преводот на Светото писмо, (не само литературен) настан на деценијата! Ова е не само животно дело на Драги, туку како што Манакиевци во нивно време преку филмот ја внесоа Македонија на тогашната културна карта на Европа, така Михајловски сега нè става на современата светската глобална мапа на шекспиропочитувачи и шекспиропознавачи! Зашто, имајќи ги предвид сите (скандалозни) забелешки што токму сериозни преведувачи и познавачи ги ставаа на оној „мега-проект“ на Министерството со преводите од светската литература, од потфатот на Драги сигурно ќе учат генерации млади!

И сега, не завредуваше ли и ова некаква честитка од многупочитуваното ни Министерство за култура? Или тоа што го прават некои други, оние што не се нивни, не завредува внимание?

И за последнава реченица имам силни аргументи, не шекспировски, туку дигитални!

3.

Имено, пред некоја година, со неколкумина пријатели/колеги, ентузијастички се зафативме со еден мега-проект наречен „Од националната ризница“. Проектот треба(ше) да претставува еден вид дигитална енциклопедија на современата македонска визуелна уметност, вклучувајќи ги областите сликарство, скулптура, цртеж, графика и фотографија, со евентуално дополнување и на мултимедијалната уметност. Секоја од овие области треба(ше) да продуцира 40 – 50 ДВД изданија, секое посветено на творештвото на најреномираните македонски автори во дадената област. Или, во целина, мега-проектот треба(ше), на крајот, да резултира со околу 200 – 250 ДВД изданија (секое во времетреање од 10 минути), во коишто ќе биде опфатена, по области и автори, целокупната современа македонска визуелна уметност од почетокот на 20-от век, до денес! Или, дигитализиран материјал во времетраење од околу 2.000 – 2.500 минути, односно меѓу 33 – 41 час материјал за развојот на македонската ликовна уметност во 20-от век! Една вистинска дигитална енциклопедија на современата македонска визуелна уметност, со селекција на најрепрезентативните македонски уметници во изминативе 100 години, секој со по 10-минутен стручен приказ на неговото творештво и дигитализирање на најдобрите, антологиските дела!

И бескомпромисно „влеговме“ во работа, со сопствени сили, време и – средства. Беа продуцирани околу 30 ДВД за исто толкав број македонски уметници – сликари, скулптори, графичари, фотографи. Дури пред три години се осмеливме да побараме финансиска помош од Министерството за култура, преку сите нивни достапни/можни форми: директни обраќања, годишни конкурси, инцидентни конкурси, откупи… Ништо, молк, штама! Ни збор! Од највисоките нивни структури до најниските, комисиски. Не можеме да доброиме што пари се потрошија за изработка на копии, за поштенски трошоци, ама од фамозното Министрство ни трага ни глас. Цели три години!

Го предлагавме проектот на сите можни начини: како интегрален проект, или во делови (по области), или како поединчени ДВД-а за одделни автори, како електронско издаваштво или културни индустрии, како проект од ликовна уметност… го предлагавме преку секакви „врски“ … ама тоа очигледно не било тоа. Повторно ништо. Ни чини, ни не чини, ни добро е, ни лошо е… Е па што уште ви треба бре, „стручњаци“? Не е ли и ова мега-проект од национален интерес којшто манифестира грижа за националното уметничко наследство? Нема ли со него да се дигитализира/заштити антологискиот дел од творештвото на над 200 реномирани македонски уметници?

Толку ли не умеете да препознаете нешто добро, квалитетно? Разбирам дека оној земјоделецон не може тоа да го согледа, разбирам и дека таму има уште една цела булумента бирократи што не знаат ни што значи зборот култура, ама белки остана некој малку пописмен? Или не?!

И според кои тоа критериуми, па нека се и партиски, е позначајна за македонската култура финансиската поддршка што истото тоа Министерство континуирано ја дава на, на пример, „проекти“ како: „Афирмативна изложба на слики“, „Преку ликовните уметности до спокојна старост “, модни перформанси и слично во ликовната уметност; „Турнеја на групата Бла Бла“, „Музички спектакл на албански јазик“, „Биди ди-џеј, а не воин“, музички ЦД-а на македонската естрада и слично во музичката дејност; бисти за 10 народни херои во Општина Прилеп, „Меѓународен карневал Прочка“, „Денови на Крале Марко“ и слично во музејската дејност итн.? И уште стотици други будалаштини финансирани од буџетот? Кој е тој задоволителен критериум за ова Министерство? Исклучиво партискиот? Па кажете го тоа еднаш, јасно и гласно, барем да не трошиме пари и нерви!

4.

И што е најинтересно, секогаш, повторно на сите конкурси, а како составен дел на мега-проектот, го нудевме и ДВД-то за фотографското творештво на браќата Манаки, со стручен приказ на нивното фотографско делување, со бројни (дигитализирани) фотографии. Не бре брате, ни тоа не ги интересира. Па нели нивното творештво е од национално значење, вели министерката? Или тоа важи само за нивната филмска дејност?

Не ги интересираше ни творештвото на Никола Мартиноски, ни Лазар Личеноски, Ордан Петлевски, Борис Николовски, Глигор Чемерски, Александар Кондев, Роберт Јаки, Славица Јанешлиева, Решат Ахмети, Илија Кочовски, Данчо Кал’чев, Дијана Томиќ… Па што ве инетресира бре вас, „стручњаци“? Знаете ли воопшто кои се овие македонски уметници и што направиле за оваа држава? Или треба да ги престориме во уметници сите оние на кои што им подигнавте онакви грозоморни „спомен-обележја“ – вклучувајќи ги Ацета, Јустинијан и компанија – па за нив да пишуваме и да ги вброиме во значајни личности од македонската уметност? Па и тоа ќе го направиме, ама дајте признајте ги и другиве, навистина заслужните!

5.

Не ми беше намерата да го намалам значењето на проектот на Кинотеката, уште помалку потфатот на Драги Михајловски. Ама, навистина ли сме толку заглавени во претесната уличка на партиското слепило, па гледаме кој прави, а не што прави? Можно ли е само за еден мал, премногу мал круг (докажано неспособни) поединци да биде сѐ, и буквално сè, дозволено и достапно, без оглед на квалитетот, а за другите – труба, ништо, зеро?! Зашто, работиве со нашево многууважено Министерство отидоа до таму што нема веќе ни улички, има само калливо, слепо селско џаде по коешто се движат неспособни поединци во опинци. Од кои нема корист ама баш никој, освен нивните џебови! И, можеби, нечии други?!

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото