Грешките на ММФ во Грција не се ништо ново

21.09.2013 11:41
Грешките на ММФ во Грција не се ништо ново

Три години по првиот бејлаут, ММФ конечно собра храброст да признае дека направил многу сериозни грешки при решавањето на грчката должничка криза. Во официјалниот извештај објавен во јуни Фондот вели дека, иако основните мерки што ги пропишал биле добри, го потценил негативното влијание на штедењето врз растот и заради тоа направил економски прогнози кои биле премногу оптимистични кон одржливоста на грчкиот долг. Таму каде што ММФ предвидувал контракција на економскиот аутпут од 5,5%, во периодот помеѓу 2009 и 2012, грчката економија всушност загубила 17%, а таму каде што ММФ предвидувал невработеност од 15% до 2012 година, вистинската бројка изнесувала 25%. Толку за наводната неолиберална „приказна за успехот“ на драконското штедење, за кое европските лидери бладаа во своите делирични колективни заблуди за долгот.

А сепак, иако овие навидум шокантни признанија ги заземаа ударните наслови во медиумите, како да се работи за некакво големо откровение, тажна е вистината дека нам, всушност, не ни рекоа ништо ново. Грчкиот институт за труд и think tank, IOVE, направил прогнози застрашувачки слични со реалниот исход. ММФ сега зборува дека грчкиот долг требало да се поништи уште во 2010 или 2011 година, но тврди дека примената на таа мерка била политички неприфатлива за оние земји – читај: Германија, Франција и Холандија – чии банки во голема мера биле поврзани со грчкиот долг. Освен тоа, ова не е ништо ново: ММФ само ги повторува истите аргументи кои стотици илјади бесни Грци ги изнесоа во 2011 година, кога го окупираа плоштадот Синтагма за да се спротивстават на гласањето во парламентот за меморандумот за штедење, кој им е наметнат од страна на ЕУ/ММФ. Тогаш демонстрантите беа опишани како налудничави екстремисти. Сега дури и ММФ покажува дека биле во право.

Но, постои уште еден – позлослутен – начин на кој задоцнетиот mea culpa на ММФ не е ништо ново. Факт е дека уште од осумдесеттите ваквите самокритички извештаи на Фондот се константна одлика на неговото решавање на меѓународните финансиски кризи. Од некоја причина, при секоја должничка криза, ММФ настапува со наметнување на истите кусогледи бејлаути, мерки за штедење и пазарни реформи – а потоа, неколку години подоцна, доаѓа до заклучок дека направил многу сериозни грешки при решавање на кризите. Па сепак, никогаш не го менува курсот: кога ќе избие следната криза едноставно ќе го повтори старото сценарио – стабилизација, приватизација, либерализација. Ништо друго не може да ги задоволи пазарите, така што должниците едноставно мораат да запнат од петни жили за да ги задоволат ортодоксните неолиберални правила за структурно прилагодување.

Фондот и за време на латионамериканската должничка криза од осумдесеттите изнесе претерано оптимистички прогнози за раст во контекст на штедење. Тогаш тие предвидувања послужија да се легимитира примената на мерки кои ќе им служат на тесните интереси на големите банки, со спречување на предвременото намалување на долговите. Токму како и денес, ММФ исто така бил принуден да признае – ретроспективно – дека „не успеал да ги предвиди“ длабочината и траењето на кризата. Како што официјалниот историчар на ММФ, Џејмс Баутон, забележал во својата обемна студија за триесетте години решавање кризи на ММФ, Фондот страдал од „недостиг на претпазливост заради оптимизмот при проценување на перспективата на раст во латиноамериканските земји“. Навистина, неговите програми за штедење „биле засновани врз прогнозите за брзо продолжување на економскиот раст“, кој не се случил. Тоа ја наведе Карен Лисакерс, идната извршна директорка на ММФ, да заклучи дека „фондот се однесува како извршител на банкарски договори за заем“.

Сепак, ништо од тоа не го спречи Фондот на Азиските тигри да им наметне уште поостра политика со условување, кон крајот на деведесеттите кога тие земји западнаа во криза. За време на источноазиската криза, ММФ повторно се најде на удар заради наметнување на штедење и пазарните реформи кои, судејќи според сè, излегувале надвор од рамката – дури биле и директно против – неговиот институционален мандат да обезбедува меѓународна финансиска стабилност. Во својот бестселер „Globalization and its discontents“, Џозеф Стиглиц, кој во времето на кризата беше главен економист на Светската банка, јавно го прекори ММФ заради катастрофалното инсистирање на штедење. Во извештајот од 1999 година фондот заклучил дека „мерките пропишани за Јужна Кореја, Индонезија и Тајланд биле исправни, но дека постоела суштинска грешка: ММФ претпоставил дека неговите програми брзо ќе ја повратат довербата во пазарот, но не го постигнале тоа. Тоа го наведе дури и конзервативниот економист кој се залага за слободен пазар, Јагдиш Багвати, да го прекори фондот заради контрапродуктивниот пристап во решавање на кризата, тврдејќи дека во таа пригода ММФ работел исклучиво во интерес на големите банки од Вол Стрит.

Ако овие сеопфатни економски падови и последичното уништување на животите на милиони граѓани од Латинска Америка и Азија навистина биле само „грешки“, произлезени од неточни појдовни претпоставки и дефицитарното економетриско моделирање, би се очекувало дека меѓународната институција, која вработува стотици докторанти од Ајви Лигата и Оксбриџ, со текот на времето ќе учи од тие грешки и ќе дојде до покредибилни решенија. Е, па, нема да биде така. По аргентинската финансиска криза од 2001-2002 година, Фондот уште еднаш призна дека направил низа „грешки“ од историски размери, кои кулминираа со најголемото неплаќање на државниот долг во светската историја. Како што поранешниот извршен директор на ММФ, Мајкл Камдесус неодамна се присети: „Веројатно направивме многу глупави пропусти и грешки во Аргентина“. Благодарение на тоа, 60% од Аргентинците се лизнаа во сиромаштија, додека земјата ја искуси најдлабоката економска депресија во својата историја.

Во текот на претходните триесет години светот искуси преку стотина финансиски кризи. Досега ММФ на секоја од нив одговори со истото нефункционално пропишување мерки за брза фискална контракција, багателни приватизации и далекусежни неолиберални пазарни реформи. Во поголемиот број случаи примената на ортодоксни мерки придонесе за продлабочување на рецесијата, губење милиони работни места и хуманитарни трагедии од неописливи размери. Ако ја повторите истата грешка сто пати, може ли таа и понатаму да се смета за грешка? Или сме соочени со намерна репродукција на идеолошкото сценарио кое, со префрлување на целокупниот товар од прилагодувањето врз грбот на најсиромашните и најслабите жители од задолжените земји, им служи на тесните интереси на приватните кредитори?

Ако гледаме во таа светлина, склоноста на ММФ кон погрешни прогнози навистина делува како скапа грешка. Неодамнешната студија на економистот Дејвид Стуклер и епидемиологот Санџеј Басу, заснована на изобилство од статистички податоци, открива дека „штедењето убива“. Откривајќи го драматичниот пораст на стапката на самоубиства, инфекцијата со ХИВ и повторното избивање маларија во Грција, авторите заклучуваат дека „многу земји ги претвориле своите рецесии во вистински епидемии, уништувајќи или ставајќи крај на илјадници животи со неразумниот обид за балансирање на буџетите и јакнење на финансиските пазари“. Дури и кога би претпоставиле дека мерките кои ги пропишувал ММФ биле засновани на „грешки“, таквите грешки мора да имаат последици. Одговорните за грешките во најмала рака би требало да ја изгубат работата и репутацијата. Но, вистинската демократска правна држава би наложила таквиот масовен колеж да биде казнет според законот – со високи затворски казни.

Наспроти повеќекратното признавање на сопствените грешки, никој од Фондот никогаш не ја изгубил работата заради пропишувањето смртоносни мерки за штедење. Ниту еден шеф ниту економист на ММФ никогаш не бил уапсени за наметнување – или, барем, оправдување – на мерки кои буквално убиваат илјадници луѓе и ги уништуваат животите на милиони. Се разбира дека тоа не им се случува. Најпосле, не се работи за одговорност, туку за легитимност. Со признавањето на сопствените грешки ММФ не презема одговорност за своите постапки; тој просто се обидува да го убеди светот дека сериозно ѝ пристапува на економската „наука“, го прифаќа фактот дека неговите мерки пропаднале заради дефицитарното економетриско моделирање – само за да може одново да ги примени истите мерки кога тоа ќе го побара системската „неопходност“ во времето на следната должничка криза. Признавањето на грешките е дел од истата идеолошка димна завеса која го наведе ММФ да наметнува драматичното штедење, од Мексико до Тајланд и од Аргентина до Грција. Тоа е безначајно.

Во конкретниов случај, ММФ имал и јасни скриени мотиви за објавување на навидум самокритичниот извештај. Како што истакна грчкиот економист Јанис Варуфакис: „Економистите од ММФ го разгледуваат излегувањето од Тројката, и сега го подготвуваат теренот за тоа“. Причината заради која ММФ сака да излезе од Тројката е едноставна: не сака применетите мерки, за чие наметнување и самиот помогнал, а кои очигледно се распаѓаат, да му го нарушат угледот. На извесен начин, Фондот, едноставно, е прв што го напушта бродот, уште еднаш префрлајќи ја одговорноста кон другите, за да го зачува сопствениот легитимитет. Тој сега ја обвинува Европската комисија за немање искуство при управување со кризи, истовремено обвинувајќи ги Франција и Германија за попречување на претходното реструктуирање на грчкиот долг. Но, останува фактот дека ММФ – во секоја пригода од 1982 година – жестоко се спротивставувал на таквите реструктуирања на долговите, истовремено покажувајќи неверојатно мали вештини при управување со кризите.

Значи, можеби би требало да го набљудуваме mea culpa на ММФ во радикално поинакво светло. Можеби тоа не се само грешки, туку намерна репродукција на класичното идеолошко сценарио – сценарио кое одвреме-навреме е потребно за релегитимизирање, барем со овозможување „илузии“ за научна ригорозност и институционална услужливост. Јанис Варуфакис греши кога тврди дека Јужна Европа сега треба да се здружи со ММФ за да ѝ се спротивстави на моќната кампања од Северот во корист на штедењето. Време е да се престане со слушањето на празната реторика на ММФ и да се посвети внимание на неговите постапки: ако во изминатите триесет години неговото тврдоглаво погрешно решавање на кризите нешто покажало, тоа е дека Фондот – наспроти евентуалната самокритика – секогаш ќе биде „извршител на банкарските договори за заем“ и, со тоа, крајно несигурен партнер за оние кои ќе бидат фатени во должничката стапица.

Извор: http://roarmag.org