Власта - брод кој тоне

23.09.2013 12:59
Власта - брод кој тоне

Водат кампања против шефот на опозицијата за тендери од неколку илјада евра - кои патем ги искажуваат во денарски цифри, за да не се срамат од сумата - а самите искркаа астрономски три милијарди евра.

Пред некој ден разговарав со еден странски дипломат. Мислам, се шпиониравме меѓу себе - како што милува да каже власта. Значи, зборевме шпиунски за шпионската афера. За почеток како релаксација му прераскажував што напишал српскиот портал Њус.нет за нашата шпионска афера. Порталот дознал од сигурни извори дека конечно е продадена големата вековна тајна на Македонија, а тоа е како се правело тавче гравче. Тоа е сериозна закана за националната безбедност на државата. Мојот соговорник, не само што веднаш се изрелаксира, туку се смееше до солзи. Додадов дека е можно „шпионите“ да го продале и рецептот за ајвар, а тоа би била катастрофа за националната безбедност.

Конечно почнавме сериозен разговор. Заедничка констатација беше дека наспроти законските норми за ниво на тајност на одделни документи, реално во тие исправи и нема баш нешто важно што некого го интересира. Оти немаме ништо посебно за што некој би дал пари за да дознае. И така тука за сè се знае. Дури и тие содржини за кои властите тврдат дека биле објект на шпионирање - секој просечен бербер ги знае. Му реков дека според сите индикации, ефективна тајност кај нас има само во организираниот криминал кој е во мегало-размери. Но, тој тука изреагира поинаку, дека токму во оваа сфера сè се знае. Се знае за лажните внатрешни и меѓународни инвестиции со кои се перат пари, се знае за тендерите, за уцените, за рекетите, за корупциите и за процентите. А добро се познати и актерите. Голема можност е бројни странски „инвеститори“, од Моше Баум до најновиот Субрата Рој и ним сличните, да служат само како магла. На пример, на овој последниот ниту една банка на светот не му давала кредит освен нашите банки !!! Ептен интересно!

Власта вели дека „шпионите“ ја загрозувале националната безбедност. Дури атентат спремале против премиерот. Абе луѓе, да е за атентат, тие воопшто не треба да се плашат од некакви вештачко создадени шпиони, особено ако се нивни. Туку сериозно треба да се плашат од тие на кои им ги уриваат бизнисите. Од тие на кои им ги уништија животите. Од тие на кои им ги растурија семејствата. Од тие коишто ги доведоа до просјачки стап. Од тие што ги измамија. Подобро речено, од секој обичен човек. Оти бројката на тие на коишто оваа власт им создаде несреќа опасно се наближува до севкупната бројка на населението.

Националната безбедност е загрозена токму од ваквата власт и нејзините пипала. Загрозена е токму од тие што секојдневно ги уриваат институциите. Од тие што го уништија судството. Од тие што создадоа пирамидална администрација. Од тие што газат по основните демократски принципи. Од тие што единствениот талент им е организираниот криминал. Од тие кои работат мислејќи дека ќе умрат утре а крадат мислејќи дека ќе живеат илјадници години. Од тие што имаат празна душа, празно знаење, празен морал, ама полни сметки. Уништија сè живо и сега како избезумени трчаат по медиуми со дисквалификации. Трчаат да сечат ленти таму кајшто други граделе. На помислата дека си ја губат власта си ги загубија умот и разумот. Водат кампања против шефот на опозицијата за тендери од неколку илјада евра - кои патем ги искажуваат во денарски цифри, за да не се срамат од сумата - а самите искркаа астрономски три милијарди евра. Ваков грабеж се нема случено ни во Колумбија, ни во Тајланд ни во Гватемала. Целта е да се влече равенка во лошото. Но, да ги споредите Заев и Груевски е исто како да ги споредите среќата и несреќата. Човекот одбива дуели, што во секоја демократска држава е основна обврска пред јавноста. Но, очигледно тој се сомнева во тоа што го фали. Власта сега апси и свои луѓе, оти сега се соочува со тлеечки бунт во своите редови. На луѓето не им е јасно дека човекот кој не сакаше да смени ни буква од името, сега ги моли Грците за компромис. Дури ги напаѓа нервозно оти не прифаќаат никаков компромис. Од друга страна, за да покрие некоја дупка во патот без пат, морал да чепка и по кабинетот на Велјановски. За секој случај, подобро човекот да замине како шеф на шпионот отколку како одговорен за 24 декември.

Историската власт нè доведе до историска катастрофа. Сега сме на врвот на светската листа по сиромаштијата. А пред осум години бевме лидери во регионот по интеграцијата и демократскиот капацитет. Сега требаше да бидеме полноправна членка не само на НАТО, туку и на ЕУ, оти бевме пред Хрватска. Но, дојде еден циркузант и го фати лавот за опашка. Сега со неговата антика по живеачката сме сè поблиску до антиката. Лидерот проблемот со името го воздигна до ниво на живот или смрт. Додуша, сè повеќе ни се случува ова второто. Иако целта беше друга. Да се маскира вековниот грабеж, оти занесените луѓе со умот летаат високо и не гледат што се случува во земјата или во подземјето.

Провладините медиуми продолжуваат да бидат полни со конструкции, инсинуации и дисквалификации за опозицијата. Ако сака опозицијата да дознае како ја замислува црниот ѓавол нека погледне кај бројните провладини телевизии. Таму ќе дознае за многу работи кои ги нема видено ни во најстрашниот кошмар. Таму вистината може да биде присутна само по случајна грешка или, пак, ако на пропагандистите им се случи јавно искажаниот збор да бил побрз од нивната злонамерност. Бомбастични наслови полни со фолклорен сензационализам и блесав футуризам. Треба ли некој да им укаже на сопствениците на медиумите дека е крајно време барем делумно да си го спасат образот? Врвот на криминалот наскоро ќе падне, а тие веќе сериозно треба да се подзамислат што ќе се случи со нив како помошни актери па и соучесници на ваквиот криминален режим. Најблаго речено, ќе висат на столбот на срамот. А башка законот. Не би сакал да сум во нивна кожа со толкава валканост. Да се малку паметни, под итно ќе се симнат од бродот кој сигурно веќе почна да тоне. Тоа ќе биде крај на еден режим кој ќе остане мемориран како општа темнина и елементарна катастрофа, но кому, за да дојде на власт, му помогнаа, за жал, и бројни опозициски структури, поради валкани дворски игри.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото