Сензационалистички полициски акции: „Тази апсење не е апсење“?

24.09.2013 07:52
Сензационалистички полициски акции: „Тази апсење не е апсење“?

Кога се известува за несреќи, криминал, или акција на полицијата, медиумите генерално треба да се воздржат од објавување имиња, фотографии или други податоци кои би овозможиле идентификување на жртвите и извршителите“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Етичко новинарство: објавување на фотографии од уапсени лица во „лисици“

Новинар(к)ите имаат етичка обврска разумно да постапуваат во случаи кога именуваат или известуваат за лица осомничени за кривични дела кога против нив сè уште не е покренато формално обвинение. Во нашата земја стана практика медиумите да објавуваат имиња, фотографии и видео материјали од уапсени лица, пред полицијата да поднесе кривична пријава за нив и пред судот да донесе одлука за отворање истрага и евентуално одредување мерка притвор.

Во одредени земји, како што се САД, нема никакви законски рестрикции за снимање на уапсени лица кои полициски се спроведуваат на суд со „лисици“ на рацете. Но, многу уредници и етичари на медиумите ја критикуваат новинарската пракса на поставување на тенденциозни прашања на осомничениот за време на прошетката со лисици, на претставување на осомничениот во slow motion, или на повеќекратно користење на снимката со лисици во еден ист прилог. Одредени критичари укажуваат дека медиумите забораваат на својата основна демократска функција – да бидат кучиња чувари на демократијата – и наместо проверувачи и контролори на полицијата и обвинителството, играат улога на нивни слуги.

Пред неколку години големи етички контроверзи и дебати предизвикаа објавените фотографии на директорот на ММФ во лисици како осомничен за сексуален напад. По извесно време, обвинувањата беа повлечени и обвинетиот беше ослободен, иако неговиот углед, и неговата политичка кариера во Франција беше уништена. Инаку, во Франција е забрането објавување на фотографии на осомничени во „лисици“, за што се предвидени високи казни.

Кога полицијата има право да употребува „лисици“ (средства за врзување)?

Во една претходна анализа, Најчевска потсети на законските причини за употреба на средства за врзување:

1) спречување на отпор на лица или одбивање на напад насочен спрема полицискиот службеник;

2) спречување на бегство на лица и

3) оневозможување самоповредување или повреда на други лица.

Најчевска укажа дека „во медиумите постојано се појавуваат фотографии на луѓе кои се врзани со лисици, а нема никаков знак на тоа дека овие луѓе давале отпор, биле опасни по својот или животот на други или пак се спремале на бегство.“

Имајќи предвид дека употребата на лисици од страна на полицијата сугерира дека осомничениот или пружал отпор, или се обидел да избега, или се обидел да се самоповреди или да повреди други лица, етичка должност на новинар(к)ите како е да испитаат дали употребата на лисици во конкретен случај е законска.

Исто така, новинар(к)ите треба да знаат дека „Средствата за присилба можат да се употребат, ако целта на постапувањето на полицијата не може да биде остварена на друг начин.“ Новинар(к)ите постојано треба да се интересираат за причините за употреба на средства за присилба и поради тоа што „полицискиот службеник е должен да престане со употреба на средството за присилба, веднаш штом ќе престанат причините поради кои дошло до негова употреба.“ (чл. 80 од Закон за полиција).

Спектакуларно апсење или повикување?

„Новинарското известување не смее да биде начин за општествено казнување на осомничените и нивно ставање на столбот на срамот.“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Голем дел од медиумите објавија дека во рамките на полициската акција „Шпион“ е уапсен и режисер на популарна хумористична серија. Дел од медиумите го објавија името и презимето во насловот како сензационална вест, а притоа беа објавени и полициски видеа и фотографии од кои може да се препознае режисерот со „лисици“ на рацете. Најголем дел од медиумите изведоа заклучок дека режисерот е приведен заедно со другите 17 лица во акцијата „Шпион“, токму од првичното соопштение на МВР за акцијата, при што е објавено и видео во кое како главен „улов“ е осомничениот во лисици, кој може да се препознае по бојата на косата и стасот.

Веднаш по пуштањето од МВР истата вечер, голем дел од медиумите објавија дека осомничениот кој бил уапсен е „ослободен“ (што подразбира дека бил лишен од слобода). Но, еден медиум објави дека „Режисерот … не бил приведен, туку бил повикан на информативен разговор во полициска станица, по што бил пуштен, соопшти Министерството за внатрешни работи.“ Истиот медиум објави и фотографија на режисерот непосредно по напуштањето на МВР, од која се забележува дека лицето носи идентичен костум и кошула, како и првиот приведен со лисици на рацете во видеото на МВР (0.27).

Тази приведување не е приведување, туку повикување?!

Ден по спектакуларното апсење на 17 лица, некои медиуми објавија пишана и видео изјава на министерката за внатрешни работи, како одговор на новинарско прашање во врска со приведено лице, кое не е изнесено пред истражен судија: „Министерството за внатрешни работи во согласност со закон има право да го повика секое лице на разговор и врз основа на разговорот кој се води со конкретните лица се прави проценка дали треба или не треба одредено лице да биде изведено пред истражен суд заедно со кривична пријава или информациите кои ги дава при разговорот во полициска станица се доволни за да се одлучи како понатаму ќе се постапува.“

Повторно, новинар(к)ите објавија клучна изјава на одговорно лице на власт, без истата да ја проверат и да ја преиспитаат нејзината конзистентност со претходните тврдења на МВР: „Приведени се 17 лица, а постојат сомненија за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама, за инволвирани 22 лица“; „Извршени се претреси во домовите на 17 лица…“.

Имено, новинар(к)ите пак заборавија дека нивна основна улога не е само да ги пренесуваат информациите на надлежните, туку и да бидат контролори на власта. Дека етичка должност на новинарот е „Будно да ги следи и храбро да ги повикува на одговорност лицата што се на власт.“ Во таа смисла, новинар(к)ите пропуштија прилика да проверат дали „повикувањето“ на режисерот во 5.30 наутро (од страна на вооружени и маскирани специјалци) и неговото спроведување со полициско возило со „лисици“ на рацете е согласно одредбите за „повикување“ од Законот за полиција. Имено, новинар(к)ите пропуштија да соберат информации за следниве прашања:

-Дали повикувањето било со писмена покана која, меѓу другото, треба да содржи „причини за повикувањето, место и време на повикувањето, како и поука за правото на бранител во полициската постапка, како и последиците доколку не се јави на поканата“ (чл. 43 ст. 2)?
-Дали постоела судска наредба за присилно доведување, затоа што „Повиканото лице може присилно да се доведе само со судска наредба и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.“ (чл. 43 ст. 3)
-Ако повикувањето било усно, дали било согласно чл. 45 ст. 1 од Законот за полиција: „Полицискиот службеник е овластен да повика лице и усно, при што е должен да му ги соопшти причините за повикувањето, а со согласност на лицето може да го превезе до службените простории. “
-Дали „Лицето кое е повикано или присилно доведено“ е поучено за неговите права „како и за околноста дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди“ (чл. 43. ст. 5)? Односно, дали е можно лице, кое полициски се спроведува со „лисици“ на рацете, да не е лишено од слобода?
-Дали и врз основа на што на „повиканото“ лице му е изврешен претрес на домот, односно, дали имало писмена наредба од суд за претресот?

Наместо собирање дополнителни информации со цел да се проверат и расчистат неконзистентните тврдења на претставниците на МВР, медиумите продолжија да објавуваат сензационалистички фотографии на осомничени во лисици, без да проверуваат дали примената на таквата мерка била законски оправдана или не.

(продолжува)

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).