Ах, зошто премиерот не е педер?!

24.09.2013 09:38
Ах, зошто премиерот не е педер?!

Рускиот претседател Владимир Путин е еден од најголемите светски државници и е докажан хомофоб. Пред некое време се надмина со изјавата за судските маки на својот личен пријател Берлускони, при што кажа: „Да беше Берлускони педер, никој не би се осмелил прст да крене против него, но него го осудија и тоа е заради фактот што цело време е со жени“.

Замислете нешто слично да кажеме за Груевски, кој заедно со своите преродбеници сè повеќе се докажуваат како хомофоби ала Путин. Замислете изјава од типот: „Груевски да беше педер немаше педерештива да го малтретираат, ама тој е цело време со Боркица и Надежда, со Горде и Елизабета, па затоа вака му ја вадат душата.“ Ај, да не навлегуваме зошто никој од светските хомофоби не му ускокнува во помош!

Како и да е, внимавајте колку се перфидни овие од ДПМНЕ. Зад плаштот на семејните вредности и уставното дефинирање на бракот тие отворено шират хомофобија. Тоа всушност им е и крајната цел. Конечно, каков идиотизам е хомосексуалците да се претстават како привилегирани иако не постои ниту закон, а ниту институција која правно ги заштитува или го брани нивното достоинство во ова насилно и хомофобично општество. А, во исто време, како загрозени се претставуваат семејните вредности и брачната заедница помеѓу маж и жена, кои инаку, се законски регулирани.

Или, како што вели најекспонираниот хомофоб, Влатко Ѓорчев: опозицијата планирала во иднина да го изедначи бракот како правна заедница не само помеѓу маж и жена, па затоа ние мораме бракот да го заштитиме со устав. Ајде со устав да се заштитиме од нешто што во реалноста на нашата правна држава воопшто не постои. Или друг бисер на Ѓорчев: „Во сите земји во кои има хомосексуални бракови кои посвојуваат деца, тој процес трае меѓу 10 и 15 години. И во Македонија е почната работата на оваа агенда. Одредени кругови на СДСМ, вклучително и невладини организации што се дел од СДСМ, работат на агендата за хомосексуални бракови.“

Демек, ако сега не реагираме сите ќе нè попедердечат, нашите деца се под закана на хомосексуалните соросоиди и опозиција. Или уште побанално, ај ние кретените заштитени со закон, да се заштитиме од первертивците, пред тие да го сменат законот. Или да му преведам на Ѓорчев со јазикот на Милетиќ: тебе, друже, не ти е доволен ѕид за газот, сакаш и со устав да си го заштитиш!

Бидејќи аргументите и секое оправдување за уставното гарантирање на бракот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена се крајно произволни, базирани на небулози и поттикнати од хомофобија и политички местенки, целиот предлог на ДПМНЕ е идиотски и проѕирен, односно, е измислен проблем.

Но, отвора далеку поголем и реален проблем, а тоа е до каде во оваа земја ќе оди хомофобијата и омразата кон луѓето со различни сексуални оринетации. Во Македонија не се газат само моралните и етичките права на геј популацијата, туку власта сака да биде сигурна дека обесправеноста и нееднаквоста на граѓанска и правна основа ќе остане подеднакво, ако не и повеќе диксриминирачка и во иднина. ДПМНЕ не се бори само против одржување на неправната и неправедна состојба за геј заедницата, таа сака да ја зебетонира таа состојба и за во иднина.

Постои и една друга димензија кај целава хомофобија, а тоа е политичката игранка и местенка. ДПМНЕ не се задоволува да биде декларативно антихомосексуална, туку обожува и други да посочува како хомосексуалци. Така, искрено мислам дека целиов идиотизам, без разлика колку е изблик на хомофобија и сексуална, па и правна дискриминација, е пред сè една политичка калкулација. Демек, не е доволно соросоидиве и опозицијата да ги стигматизирам како предавници, кодоши, криминалци, платеници на Грција, туку ќе ги прогласам и за педери. Па, да ги видам како пред народот ќе се извадат од целата работа!

Тоа што е навистина жалосно во нашата земја, покрај сите видови омраза и дискриминација кои постојат, е што хомофобијата не е продукт само на нашето нетолерантно и необразовано општество. Таа е пред сè проблем на политиката на режимот, кој ја толерира хомофобијата во форма на физичко насилство и ја промовира во форма на вербално, политичко и етичко насилие. И така во круг, којзнае, да ги прашаш овие од ДПМНЕ ќе кажат дека и хомофобијата во политичка смисла е слобода на изразување, легитимна за злоупотреба против политичките противници.

Реалноста пак говори дека хомофобијата не може да се ограничи на одделни контексти, било приватни или јавни, политички или правни, медиумски или институционални, туку, едноставно, со ваков режим и хомофобијата станува тотална. Ете, кај нас и во тоа се успеа, хомофобијата да се претвори и во политичка категорија, а верувам утре, како и кај Путин, ќе стане и законска категорија. Се разбира, не во насока на поголеми права, туку во насока на забрани, казни и уште поголеми ограничувања за геј популацијата.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото