Поезија

24.09.2013 09:52
Поезија

На враќање од снимање на некаква телевизиска емисија поради која се меткавме низ пустите есенски ридишта, нашата кола се заглави во калта на еден запуштен селски пат. Појдовме пеш до селото што гледаше над патот. Една жена, во ужасно извалкан фустан, влечеше дете со красти по лицето; кога нѐ виде, го пушти детето и избега. Крај наполу разурнатата куќа, која најверојатно некогаш била задружен дом, еден човек колеше свиња; крвта се мешаше со калта и животинскиот измет. Малку подалеку стоеја тројца и пиеја од едно шише ракија. Ги прашавме имаат ли трактор кој би нѐ извлекол. Гледајќи нѐ со подбивни и предизвикувачки погледи тие одговорија дека имаат, ама сега е расипан. Помеѓу куќите се укажаа двајца милиционери што водеа врзан човек; тие го удираа во слабините и тој се тетеравеше. Еден посилен удар го собори пред нас: тој падна со лицето во калта и изметот и не можеше да стане. Некој од нас праша што направил. Милиционерите нѐ погледнаа со презир и злоба. „Крадел говеда“, рече едниот. „Хелиеви говеда“, додаде другиот, клоцајќи го паднатиот. „Чии“, праша снимателот што не беше добро чул. „На Хиперион Хелиј“, одговори милиционерот мрачно, го тргна врзаниот да стане и го одвлече зад куќите.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Јануш Капуста

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото