Перископи без тела од бродови

24.09.2013 13:50
Перископи без тела од бродови

Има еден парадокс во актуелните идеолошко-политички борби во Македонија: малубројната проевропска и лева интелигенција од владеачката десница постојано е обвинувана за елитизам, за немање контакт со „базата“, дури и за презирање на сопствениот народ. Со оглед на тоа дека сум маркиран како дел од таа „предавничка“ интелигенција (што во нашиот контекст значи проевропска и критички расположена кон манипулативниот популизам на ВМРО) сведочам за тој факт: цели контејнери говор на омраза се истурени за да се разобличат „ненародните елементи“ кои се обидуваат да соопштат дека политиката на ДПМНЕ ја води земјата во катастрофа.

Парадоксот е во следново: вистинските мразители и потценувачи на македонскиот народ токму се припадниците на лажната националистичка елита околу ВМРО, ковачите на лажните пари и лажните вредности концентрирани, да речеме, околу МПЦ и МАНУ. Се разбира дека ковачите на лажните вредности и тоа како добро се нафатирани со вистински пари, кои Груевски коруптивно ги истура со цел да добие лажен кичерски сјај и помпезност неговата повеќе-помалку налудничава политика во сите аспекти на своето дејствување. (Колку е полош газдата толку се поголеми шапшалите околу него, вели Дашиел Хемет во „Малтешкиот сокол“.)

Велам, значаен дел од некадарниците во МАНУ ја презираат интелигенцијата и граѓанскиот дух на просечниот Македонец пред сè зашто не го создаваат она за што се прескапо платени: енциклопедии, речници, лексикони, стратегии и разни други културни и научни производи кои на општеството треба да му помогнат подобро да се ориентира во едно несигурно време. Слична, се разбира, треба да биде и улогата на Црквата. Но, што прават МАНУ и МПЦ? Тераат бизниси. Плукаат тие на потребите на просечниот Македонец да има (ко што нема, единствен народ во Европа) свој речник, своја енциклопедија, своја нормално валоризирана историја низ која ќе ја гради сопствената иднина. Народот е глуп. Не му требаат квалитетни книги, квалитетни одредници, квалитетна сопствена историја... Тоа го мислат и Груевски и владата и МАНУ И МПЦ и огромен дел од лажната македонска елита, и лева и десна. Ако не го мислат тоа, зошто во такви огромни количества произведуваат интелектуален шкарт?! Стотици и стотици книги (заклучно со последниве две скапи книжни промашувања: Националната историја и Националната енциклопедија) за кои се потрошени милиони и милиони евра (дадени од чекмеџето на глупиот, прост и заостанат Македонец кој нема вода у очи и затоа можеме бескрајно да го маткаме, а притоа тој и да нè сака и да нè гласа!) можат уште утре да се однесат на рециклирање: никој нема да забележи дека нешто фали.

Во крајна линија работите пак ќе дојдат на тоа: да, глуп е народот кој гласа за оние што го потценуваат, крадат и манипулираат. Народот кој не умее да ги препознае своите вистински големи луѓе ќе си остане мал, со своите лажни монети и лажни книги на локалните измамници со претензии да бидат великодостојници. Но, полезно е барем тоа да се разјасни: презирот кон просечниот Македонец е сличен и во десниот и во левиот табор на сомнителната македонска општествена елита: десниве го крадат и го мамат со апсурдни и понижувачки националистички фантазии за големината, а левиве се крстат со лева рака дека со вакви човечки ресурси какви што виреат во Македонија Европа нема да ја видиме ни во следните 50 години.

Парадоксот може да се развие дотаму што можеме да констатираме дека ние и немаме лева и десна елита, и покрај тоа што власта неуморно и секојдневно го расцепува општеството низ постојаните поделби на Албанци-Македонци, христијани-муслимани, верници-неверници, словени-антички, соросоиди-македоноиди итн. И покрај поделбите, значи, елитата е обединета во неспособноста да ја води државата. Поделбите дури најчесто служат да го прикријат фактот за управувачката некадарност на тој јаден македонски естаблишмент кој не е способен за себе самиот да создаде елементарна лексикографска единица, во која веродостојно би можел да се препознае. Кај нас дури и Заводот за статистика испорачува фризирани податоци! Да не зборуваме за другите нивоа на себесогледувањето, на себепронаоѓањето на временските и просторните мапи на современиот свет.

Иако последниве дваесетина години се фрлени милијарди евра за да се образува и созрее некаква нова општествена елита која конечно ќе знае да го испрати на ѓубриштето на историјата старото време и да го искова, просто, новото време за својот народ, фактите зборуваат дека се многу слаби управувачките способности на тој ново-стар македонски естаблишмент. МАНУ, МПЦ, партиите, универзитетите или тајкуните само се најсоголената, најгротескната слика на лошите управувачки капацитети и на општеството и на државата.

Паскал Боницер, зборувајќи за филмовите на Хичкок, употребува една интересна фигура: тие филмови наликуваат на флота од перископи без тела од бродови. Македонскиот естаблишмент ми наликува токму на тоа, на Потемкинови подморници, на јато растурени перископи (со брод под себе непоткрепени), кои дури се неспособни самите да се согледаат, претворени во цевчиња за меѓусебно плукање и штрцање.

Слики: Свирачиња
Глобус, 29.09.2009.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото