Новиот центар на Скопје (1)

24.09.2013 17:09
Новиот центар на Скопје (1)

Меѓу многубројните задачи и проблеми поврзани со урбанистичкото планирање на новата изградба и развојот на Скопје, речиси од првиот час по катастрофата во преден план се издвојуваат следните проблеми:

- разработка на новиот урбанистички план на градот и

- разработка на деталниот урбанистички проект за новиот центар.

1.

На својата пленарна седница во октомври 1963 год., Организацијата на Обединетите нации донесе резолуција за помош на Скопје, градот кој трагично настрада во земјотресот. Реализирајќи ги препораките на таа резолуција, веќе од 1964 год., Специјалниот фонд на ООН, заедно со владата на СФРЈ, финансираат широка програма на урбанистички студии, проекти и детални изводи за повторна изградба на Скопје.

Двете главни задачи - разработка на генералниот урбанистички план на градот и деталниот проект за новиот центар, се инкорпорирани како основни елементи на програмата за помош од ОН.

Заводот за урбанизам на Скопје заедно со Polservice од Варшава и Doxiades од Атина, го разработи новиот Генерален урбанистички план, студиите за Регионалниот план, како и низа специјалистички разработки со кои се комплетираше Генералниот урбанистички план.

Уште во фазата на конципирање на деталниот урбанистички проект на новиот центар беше донесена одлука да се организира и меѓународен урбанистички конкурс. На тој начин, организаторите сакаа да добијат колку може повеќе идеи и концепции, за да се изберат најправилните насоки во развојот и просторната композиција на новиот центар.

Од денешен аспект, од перспектива на деталниот просторен проект за центарот на Скопје, кој настана како резултат баш на тој конкурс, може да се заклучи дека организаторите ја постигнаа својата цел.

2.

Локалните урбанисти речиси веднаш по катастрофата ги започнаа своите урбанистички студии и проекти. Во првиот период учеството на странските експерти беше спорадично. Но, треба да се нагласи дека веќе во првите месеци по катастрофата, се завршени речиси сите студии кои имаат капитално значење за понатамошниот развој и тек на проектните работи.

Во тоа време се донесени урбанистички одлуки кои, според подоцнежните проекти, се покажаа како основа за идниот развој и просторен распоред на градот. Во прв ред, тоа се одлуките кои се однесуваа на локациите на импровизираните населби изградени од префабрикати.

Нивната изградба совршено одговори на најургентните потреби пред кои се најде општеството по катастрофата – потребата од станови. Вредноста и техничките карактеристики на овие населби беа видливи уште на самиот почетокот така што не можеа да се третираат како импровизација. Напротив, ваквите населби наметнаа потреба да бидат вклучени во програмата, како и во функционалниот распоред и територијалниот опфат на центарот на Скопје.

Во првата половина на 1964 год. се направени два концепциски проекти на Генералниот урбанистички план на Скопје, кои ги изработи Заводот за урбанизам на градот, во соработка со фирмата Doxiades од Атина (која работеше по нарачка на техничката помош на ОН) и со урбанистичкиот завод од Варшава (кој проектите ги изготвуваше на барање на полската влада во рамки на помошта за Скопје). И двата проекта станаа основа за разработка на „Уводната просторна концепција за развој на Скопје“, која ја изработи Заводот за урбанизам на Скопје, а ја прифати Градското собрание, на 13 октомври 1964. Ова беше патоказ за понатамошните проектни задачи на урбанистите, а особено за разработка на дефинитивниот Генерален урбанистички план, како и на урбанистичкиот конкурс за новиот центар на Скопје.

При разработката на програмата за центарот на градот се јавува и првата координација во функционална и програмска област, заради потребата да се изготват условите за конкурсот, како и насоките за Генералниот урбанистички план. Подоцна, еден месец по распишување на конкурсот, а два месеца откако во Скопје започна со работа поголема интернационална екипа на скицирање на Генералниот урбанистички план, доаѓа до конфронтација на ставовите и натамошни координации при средбите на учесниците на конкурсот со градските урбанисти, со проектантите на Генералнот урбанистички план и со раководството на комплетната проектна операција која работи во име на ООН. Таа средба се случува во февруари 1965 во Скопје.

Следната координација на Генералниот урбанистички план и резултатите од конкурсот е овозможена во последната фаза од проектните работи на Генералниот урбанистички план, во текот на август и септември 1965, кога веќе биле познати и достапни резултатите од конкурсот за урбанистичко решение на центарот на Скопје.

И, конечно, разработката на дефинитивниот проект за деталите на новиот центар на градот ги изврши Заводот за урбанизам на Скопје, заедно со претставниците на екипите кои се наградени на конкурсот, во периодот од октомври 1965 год. до февруари 1966 год., веднаш откако градската управа и формално го одобри Генералниот урбанистички план. Тоа овозможи тесно поврзување на деталниот проект на центар и концепцијата за развој на целиот град, земајќи ги предвид урбанистичките насоки кои беа содржани и одобрени со Генералниот урбанистички план на Скопје.

3.

Просторот на новиот центар на градот назначен со Генералниот урбанистички план и опфатен со конкурсот, речиси е четирипати поголем од површината на центарот на градот пред катастрофата и изнесува околу 280 хектари. На тој простор ќе се концентрираат главните функции на стариот градски центар, но не во смисла на денешните потреби, туку на потребите на град кој во нагорна развојна линија може да се замисли во наредните 40 до 50 години.

Врз основа на претпоставките на Генералниот урбанистички план, бројот на жители ќе се развива во следните рамки:

1965 - 220.000 жители

1981 – 350.000 жители

2010 – 700.000 жители

Скопје е главен град на Републиката, центар на културниот и научниот живот и се развива како современ индустриски центар.

Во вака замислената големина и улога на градот, новиот центар ќе врши и улога на главно средиште на културниот и трговскиот живот, во него ќе бидат концентрирани администрацијата и услужните локални и републички служби, во негови рамки ќе се смести главниот дел на Скопскиот универзитет кој индицира значаен развоен динамизам. Истовремено, програмата на новиот центар укажува на неопходноста, во тој простор, во новопроектираните објекти, да се задржи одреден број жители (30 - 35.000). И конечно – историската област, со голем број културни споменици и туристичка атрактивност – треба да се вметне во животните текови на современиот центар, а истовремено да се задржат, дури и да се истакнат неговите специфични архитектонски и урбанистички вредности.

Скопје, со река по средината, пред катастрофата го карактеризираше поделеност на градот на два остро разграничени градски организми, со различни архитектонско-урбанистички карактер, кои меѓу себе се разликуваа според стандардот, технолошката опременост, концентрацијата на етнички групи, според нивната различна културна и општествена традиција.

Реката која го разделува, а не го спојува, градот со неговите два различни света кои меѓусебно се гледаат преку брегот, тоа е основниот историски белег на досегашниот развој на градскиот организам, последица на многувековната окупација на земјата и градот, резултат на класното раслојување на општеството во време на капитализмот.

Адолф Циборовски пред макетата со планот за обнова на Скопје

Ваквото урбанистичко наследство не можеше да биде надминато во текот на дваесетгодишниот брз развој на Скопје, во новиот економско-социјален систем по Втората светска војна. Градот се развиваше, се појавуваа нови индустрии, нови станбени квартови, но посериозна интервенција во најтесниот центар, интеграција на двата града од двете страни на Вардар, во еден современ и општествено функционален центар, требаше да дојде на ред дури по големиот број приоритетни економски и социјални задачи.

Трагичната катастрофа создаде итна потреба, но и шанса да се изгради нов центар на градот. Создадена е можност за изедначување на урбанистичките диспропорции на двете страни на Вардар. Оваа шанса требаше да се искористи при проектирањето на новиот центар. Поради тоа, една од основните ставки на конкурсните услови беше интеграција на споменатите два дела во нов центар кој ќе се простира на двете страни на Вардар.

Во периодот кој му претходеше на конкурсот за центар, беше донесена одлука за нова локација на железничката станица, која ќе биде сместена на источната граница на градскиот центар. Истовремено е донесена одлука да се тргне јужната железничка линија, на чие место се предвидува градење на јужниот булевар, што, во некоја рака, има задача да послужи како `рбет на целиот град кој главно се развива во правец исток-запад, по должина на оската што ја прави течението на Вардар. Новата локација на железничката станица и нејзините пруги, битно влијаат на функционалната структура на централниот градски простор.

Во условите на конкурсот се препорачуваа далекусежни адаптации на сочуваните градби и вредните инфраструктурни елементи. Сепак, новите елементи кои влегоа во композицијата на центарот – како што е проширување на центарот кон северниот брег на Вардар сè до Бит Пазар, вклучувајќи го центарот на старата турска чаршија и тврдината Кале, новата локација на железничката станица и јужниот булевар – практично наметнуваа изработка на комплетно нова просторно-функционална концепција на градскиот центар, а притоа, максимално искористување на автохтоните вредности на теренот – реката и нејзиниот брег.

Проектот за центар, подготвен за целите на конкурсот, реално оперираше со потребните просторни димензии на новите згради за најразлични функции. Тоа е проект кој одговара на развојните потреби, но истовремено е реален и се потпира на инвестиционите можности за повторната изградба и развојот на Скопје. Поради тоа, се очекуваше дека и конкурсните проекти ќе бидат умерено реалистични, дека ќе водат сметка за идните потреби, но и за можностите во креирањето на сегашниот и идниот градски центар.

Задачата изнесена пред учесниците на конкурсот беше сплет на несекојдневни сложени проблеми, според својата содржина, ретки во урбанистичката практика, но истовремено неверојатно привлечни заради можноста за широк креативен замав.

Ургентните потреби налагаа што е можно побрза проектна одлука. Тоа ги натера организаторите на конкурсот, да го ограничат неговото траење на рок од пет месеци, што беше дополнителна тешкотија во креативната работа на проектантите, кој поголемиот дел од нив успешно ја совладаа.

Прописите со кои се одредуваше начинот на реализација на техничката помош на ООН, налагаа дека урбанистичкиот конкурс за проект на новиот центар на Скопје, кој заеднички го финансираа ООН и СФРЈ, може да биде организиран единствено како конкурс од затворен тип.

Организаторите на конкурсот, во тесна соработка со International Union of Architects и International Federation for Housing and Planning, ги разработија условите на конкурсот и избраа осум екипи кои беа повикани да учествуваат во конкурсот.

Одбрани беа екипите на овие архитекти:

Брезовски Славко – Скопје

Ван ден Броек и Бакема – Ротердам

Ѓорѓевиќ Александар – Белград

Мишќевиќ Р и Вензлер Д. – Загреб

Луиџи Пичинато – Рим

Равникар Едвард – Љубљана

Ротивал Морис - Њујорк

Кензо Танге – Токио

Конкурсното жири беше во следниов состав:

Ernest Weissman, претставник на ОН (претседател),

Jan Canaux, претставник на Меѓународната федерација за градба и планирање,

Adolf Ciborowski, претставник на ОН,

Тиберие Киријас, претставник на локалната власт,

Arthur Ling, претставник на Меѓународниот сојуз на архитекти,

Урош Мартиновиќ, претставник на Сојузот на архитекти на Југославија,

Војислав Мидиќ, претставник на Југословенскиот сојуз за урбанистичко планирање,

Љубе Пота, претставник на локалната власт,

Саша Седлар, претставник на локалната власт.

За известувач на жирито беше избран Љубе Пота, а за секретар Љубомир Томиќ.

Советници на жирито:
Борис Чипан, професор на Скопскиот универзитет, консултант за вклопување на историските споменици и чаршијата во проектот.

Станислав Фурман, консултант за транспорт и градски сообраќај,

Ристо Галиќ, консултант за вклучување на предложените проекти во главниот и регионалниот проект,

Коле Јордановски, консултант за економските аспекти на реализацијата на предложените проекти,

Благој Попов, консултант во политиката на главното планирање на натамошниот развој на Скопје,

Петар Серафимов, консултант за структурни и сеизмолошки прашања.

(продолжува)

Извор: Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb бр. 156; март 1966

Превод: Сенка Наумовска

Слични содржини

Скопје 1963-2013
Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото