Миленко ќе го блокираме кога ќе се нормализираме!

25.09.2013 09:42
Миленко ќе го блокираме кога ќе се нормализираме!

Дека Македонија е земјата на апсурдите се потврди и вчера откако се рашири веста дека фан страницата на Миленко е блокирана и тоа од многу добра причина, односно, поради континуираниот говор на омраза. Да бидеме искрени, Миленко ширеше нешто повеќе од само говор на омраза, доближувајќи се дури вредносно и вокабуларно до нешто што би го нарекол фашистичко.

Сепак, апсурдот е во тоа што многумина оваа вест ја прославија како некаква си победа, кога всушност главната вест испадна да биде токму Миленко и неговото глумење жртва. Па, потоа се појавија некои си бесмислени дебати за универзалната слобода на говорот и говорот на омраза, како блокирањето на Миленко на Фејсбук навистина да менува нешто суштинско во оваа земја. Како нашиот суштински проблем да е говорот на Миленко - онлајн, а не неговиот говор на омраза - офлајн?! Веб цензурата во суштина не е убава пракса, но, сериозни инструменти и медиуми како Фејсбук си имаат своја јасна политика која не толерира говор на омраза. Или, во најмала рака, не го толерира бескрајно.

Проблемот е што и со Фејсбук и без Фејсбук, ние не можеме да го спречиме насилството и омразата на овој човек на нашите веб портали и на традиционални медиуми или пак како понатамошен израз преку некои анонимни коментатори и корисници на социјалните мрежи.

Јас лично, како некој што бил постојана мета на неговиот говор на омраза (камо среќа да беше единствениот) и на неговите навредувачки текстови и колумни, не пронаоѓам никаква сатисфакција во тоа што неговата фан страница е блокирана. Не уживам затоа што за мене е поразително макар и преку медиумска манипулација и извртување на вистината овој човек и на момент да се (само)прогласи за некаква си жртва. Реалноста која тешко се фалсификува вели дека тој не е жртва, но, вистината која ја креира режимот и нејзините медиумски инструменти, па дури и самиот Миленко (а тоа е една иста работа), многу полесно се извртува од реалноста.

Миленко, во најмала рака, колку и неговата страница да беше гнасна, навредувачка и фашизоидна, дали поради личен идиотизам или само поради личен интерес, тоа го правеше отворено, транспарентно, со лична слика и потпис. Има многу пострашни играчи на социјалните мрежи кои во целосна анонимност шуруваат со различни страни и групи, шират дезинформации и говор на омраза. За мене лично, пострашни се таквите, анонимните ширачи на омраза кои царуваат по Фејсбук.

Со ова што го кажувам, не сакам ни најмалку да ја релативизирам гнасната улога која Миленко ја спроведуваше преку својата страница, само сакам да кажам, дека вистинскиот проблем не е во Миленко. Факт е дека е добра работа таа страница да е затворена и да нема збирно место за популаризирање на фашистички идеи и вредности, но пак ќе кажам, Миленко е само дел од проблемот, ама не и самиот проблем.

Како прво, вистинскиот проблем не лежи само кај него, затоа што по години и години на ширење омраза и вербално насилство, стигматизирање и навредување, лов на вештерки, прогласување на луѓе за предавници и кодоши, ние знаеме дека гласот на Миленко е всушност гласот на режимот. Како што Фејсбук е еден од медиумите преку кои ги добивавме тие пораки, така и самиот Миленко е инструмент и најгрдото лице на режимот, односно, Миленко е еден од медиумите на режимот. Тој врши двојна функција, самиот по себе е медиумски бренд на режимот задолжен за ширење на омраза и лудило, и во исто време има речиси неограничена медиумска покриеност, токму благодарение на режимот. Таа препознатливост треба нешто да ни значи, а не целиот проблем да го концентрираме само на Миленко или само на говорот на омраза. Е, тоа е за мене вистински редукционизам и релативизам.

Втора работа што мораме да ја имаме предвид е, како што реков, фактот што за еден глас на режимот како Миленко, медиумската сцена, па дури и институционалните меандри се комплетно отворени. Миленко и понатаму ќе го има на телевизија, и понатаму ќе пишува за владините весници, порталите на власта и понатаму ќе го пренесуваат. Вистинска победа би било кога Миленко би бил тргнат од традиционалните медиуми, токму оние кои имаат најголема гледаност и допир кај македонската јавност. Но, знаеме дека тоа не е можно, тука Фесјбук нема јурисдикција, ниту пак верувам дека блокирањето на неговата фан страна тука ќе помогне, напротив, ќе ја направи работата уште полоша.

Поентата ми е дека Миленко во суштина не може да се блокира! Барем не физички и медиумски. Не е решението Миленко да го снема од социјалните мрежи, ниту пак решението е за Миленко да не се зборува или само да се игнорира. Ништо од тоа нема да придонесе да го нема или да го снема. Миленко постои, режимот постои, фашизмот кој тие го инкарнираат постои. Вистинскиот проблем на крај на нештата не се симптомите, туку самите ние кои дозволуваме или не дозволуваме говорот на режимот да напредува и да се шири. Проблем во крајна инстанца се луѓето кои веруваат во тоа што Миленко и режимот им го сервираат.

Решение? Би рекол дека ни треба културолошко будење, но тоа е премногу идеолошка категорија. Ова лудило се блокира само со разум, со работа, со луѓе кои веруваат во сосема спротивното или во нешто подобро и не се „умараат“ за тоа да се борат или да бараат начини како да го пласираат. Само говорот на разумот и пркосот кој го расветлува и разобличува режимот може да придонесе во борбата против нивното лудило. Тоа е тешка и исцрпувачка работа, но разумот победува само преку стпрливост и континуитет.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото