Реконструкција на левиот брег на Вардар

26.09.2013 07:47
Реконструкција на левиот брег на Вардар

Диспозиција и битни карактеристики на теренот

Со Генералниот регулационен (ГР) план е предвидено Скопје да се шири како ладало и да се развива во три можни насоки: кон север, запад и кон исток. Со ова решение е опфатена територијата на поголемиот дел од градот чиј развој е насочен кон север. Од јужната страна оваа површина е ограничена со Вардар, на запад со масивната скопска тврдина Кале, на исток со Гази Баба, додека кон север се надоврзува на периферните станбени делови. Теренот е рамен со минимален благ пад кон реката. Во неговиот средишен дел се наоѓа помала височинка со културно-историски објекти: Султан-Муратовата џамија, саат кулата и амамот. Во досегашната структура и организација на градот, ова е, во најголем дел, станбена зона, освен старата чаршија, каде е исклучена станбената функција. Скопската чаршија, во современите општествено-економски услови, всушност претставува city. Дури и денес таа е многу фреквентна градска зона и во неа се развиени трговската и занаетчиската дејност. На оваа територија, која всушност до почетокот на овој век претставувала суштина и поим за град, сите занаетчиски објекти, со ретки исклучоци, се сосема истрошени и амортизирани. Тоа се живеалишта изградени од непечени цигли и бондрук конструкција, и поради тоа имаат ограничен век на траење. Комуналната мрежа е комплетно неразвиена. Освен неколкуте нови градежни објекти, од особено значење се масивните монументални џамии и амами, кои единствено ги преживеале природните и општествените влијанија.

Улогата на оваа зона е потенцирана со фактот што од јужната страна се потпира на Вардар, а преку реката директно се надоврзува на постојниот city. Со тоа нејзината централна положба добива во значење и функција. Според Генералниот регулационен план, дел од оваа територија треба да ја преземе улогата на идниот градски центар. На збирот досегашни функции и на оние предвидени со ГР план, треба да се додадат и просторните и композициските влијанија условени од непосредната близина на старата чаршија, постоењето на значајни културно-историски објекти, активното учество на масивот на скопската тврдина во пластиката на овој простор, улогата и значењето кои ги има реката во средишниот градски простор, како и фактот што низ оваа територија поминуваат и се вкрстуваат двете најзначајни сообраќајници.

Сообраќај

Основниот сообраќаен скелет на идниот град го сочинуваат две сообраќајни магистрали, „Партизанска“ (запад – исток) и „Борис Кидрич“ (север – југ). Додека улицата „Партизанска“ меѓусебно ги поврзува источните и западните делови од градот и истовремено води кон излезните правци за Западна Македонија и за автопатот по долината на Вардар, улицата „Борис Кидрич“ има поограничена функција: таа го поврзува центарот на градот со неговите северни и јужни делови, како и железничките станици Север и Југ. Меѓусебната комуникација на левата и десната страна на реката е воспоставена уште со две сообраќајници од понизок ранг, но во ист правец, север – југ. Интензивните пешачки струења од просторот на плоштадот „Маршал Тито“ (од десната страна) кон комплексот на чаршијата од левата страна, се изведуваат преку стариот камен мост. За жал, сега преку овој мост се одвива и сообраќај со моторни возила. Со проектот е предвидено да се воспостави само пешачка врска помеѓу плоштадот и шеталиштата покрај Вардар со комплексот на старата чаршија. Но, ова пешачко струење го сече улицата „Партизанска“, па затоа пешачката зона е спроведена под оваа магистрала. А бидејќи, според проектот, од чаршијата е елиминиран секаков моторен сообраќај, на пешаците им е овозможено непречено и континуирано движење на широкиот градски простор.

Организација на просторот

Како што е наведено претходно, оваа територија има повеќезначна намена и функција. Пред сè, таа треба да добие дел од улогата на градски центар, да овозможи негово понатамошно развивање и пополнување на неговите функции. За оваа цел се ангажирани површини по целата должина на Вардар. На тој начин социјалниот карактер на оваа зона, потпрена од двете страни на речниот брег, добива во вредност, а со тоа и во просторна и композициска смисла. Со оглед на тоа што треба да се сочува и рекреативниот карактер на брегот на Вардар, бројот на општествените објекти е сведен на најмала, нужна мерка, а преовладуваат зелени и слободни, архитектонски обликувани простори. Во оваа фаза сè уште не се прецизно и дефинитивно утврдени програмата и конкретната намена на сите општествени објекти. Принципиелниот став е дека овде би биле изградени објекти од културно-забавен карактер: дом на младите, опера, кино, концертна сала, слаткарница, кафеана и сл. Домот на младите веќе е во фаза на изградба.

На улицата „Борис Кидрич“ предвидена е изградба на градски совет и судска палата (веќе во изградба). Останатата територија е наменета за живеалишта. Како дополнување на оваа функција, по должина на улицата „Партизанска“, помеѓу станбените солитери предвидени се поголем број локали, трговски и угостителски објекти. Мрежата на сообраќајници трасирана според ГР план ги определува териториите и границите на осумте станбени заедници. Со оглед на различната површина и густина на живеалиштата, овие заедници имаат различна големина, која варира од 4.500 до 7.500 жители. Разбирливо е дека во секоја од нив има осумгодишно училиште лоцирано во центарот на населбата. Со доследна диференцијација на пешачките и моторните текови, приодот кон осмолетките, како и приодот кон останатите детски установи, се одвива исклучиво преку пешачки патеки. Центрите на станбените заедници се лоцирани, исто така, во нивниот средишен дел. Локалните центри се состојат од дом на културата со кино сала, самопослуга, доволен број сервисни служби, угостителски објекти и амбуланта. Овие осум станбени заедници со вкупно 46.000 до 50.000 жители, сочинуваат станбен реон. Центарот на станбениот реон е лоциран на средишниот магистрален правец, на улицата „Борис Кидрич“ и претставува реконструиран денешен плоштад Бит-пазар. Овде веќе постои Театар на народностите и кино сала, здравствен дом и значаен културно-историски објект - Куршумли-ан, кој денес се користи како лапидариум на Археолошкиот музеј. Во рамки на овој центар, со кој завршува комплексот стара чаршија, предвидена е зградата на Народното собрание на општината, деловна зграда за сместување на дирекциите на претпријатијата и застапништвата, голема стоковна куќа, општинска библиотека, објект за општествена активност, покриен пазар и слично. Просторот на плоштадот е конципиран според системот на повеќе мали плоштади, денивелирани површини збогатени со фонтани, скулптури, цвеќници. Во просторната композиција на овој центар, непосредно учествува и монументалниот културно-историски објект Куршумли-ан.

За рекреација и физичка култура наменети се блиските масиви на Гази Баба и скопската тврдина. На северниот крај на оваа територија, или поточно помеѓу неа и соседниот станбен реон, предвиден е широк зелен појас во кој се лоцирани училиштата за средно образование, како и терените и објектите за физичка култура и рекреација. На тој начин, овој појас, со својата намена, треба подеднакво да им служи на двата соседни големи станбени реони.

Работните зони, наменети за индустриски објекти и претпријатија, се распоредени во северното и источното градско подрачје, а помеѓу себе се поврзани преку магистралите, улицата „Партизанска“ и „Борис Кидрич“. Покрај овие претежно индустриски зони, во работна зона се вбројува и комплексот на старата чаршија. На ова треба да се додадат работните места во состав на локалните и реонските центри, како и работните места во состав во зоната со општествени објекти.

Пластично обликување на просторот

Замислено е цел овој простор да претставува единствена, урамнотежена мега скулптура која ја сочинуваат четирикатни станбени објекти, како најбројни. Пониските станбени и други објекти, претежно распоредени во крајбрежниот појас на Вардар и во близината на старата чаршија, ја надополнуваат оваа композиција. Локалните центри се маркирани со станбени солитери на девет катови. Главниот реонски центар се фиксира со дваесеткатен општествен објект по оската на улицата „Борис Кидрич“. Во скулптурална и композициска смисла овој објект кореспондира со административното крило на градското собрание, на другиот, спротивен крај од улицата. Помеѓу овие два објекти се протега нагласена хоризонтала на трговски и општествени објекти со приземје и мезанин од кои извираат динамичките форми на пет станбени згради. Од другата страна на улицата, оваа пластика и композиција ја дополнува и освежува височинка со значајни културно–историски објекти (Султан Муратова џамија, саат кула, амам). На тој начин, природните елементи, културно-историските споменици и современите објекти се поврзани во единствена пластична и композициска целина. Бидејќи височинката се наоѓа во физичкото тежиште на оваа територија, нејзината пластична и композициска улога е од особено значење и ги надминува рамките на локална вредност, формирајќи карактеристичен градски пејзаж. Предвидена е нејзина асанација и озеленување, како и осовременување на намената и содржината на културно-историските објекти. На целиот овој простор треба да му се додадат нови, посовремени архитектонски и пластични вредности.

Иако комплексот на старата чаршија се наоѓа во непосредна близина, односно на истата територија, сепак досега овој проблем не е решаван бидејќи сè уште не е извршена неопходната валоризација на објектите и ансамблите ниту пак е утврдена нејзината програма и современа намена. Оваа задача треба да се разгледува и да се решава посебно поради својата специфичност и различниот методолошки приод.

Автори на проектот за реконструкција на левиот брег на Вардар - Завод за архитектура и урбанизам на Скопје:

Проектант: инж. арх. Љубе Пота

Соработници: инж. арх. Никола Карташев

инж. арх. Киро Тројачанец

инж. арх. Бранислав Анѓелиќ

инж. арх. Рафаил Волчевски
инж. арх. Душица Николова

Макета: скулптор Габриела Стибел

Фотографија: Киро Георгиевски

Проектант на урбанистичкото решение по должина на ул. „Партизанска“:

инж. арх. В. Ќосевски

Соработници: инж. арх. Н. Лагудин

инж. арх. Р. Волчевски

инж. арх. М. Бубалова

Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb, април, 1963

ОкоБоли главаВицФото