Симплегмата

14.11.2009 17:27
pandalf-2009-11-14-2.jpg

Еден ден, архиепископот Михаил и владиката Стефан решиле да одржат мал теолошки симпозиум со четворицата нови владици-младици во синодот на МПЦ: Климент, Наум, Јован и Методиј. Разговорот го започнал архиепископот Михаил:


“Сега, откако добивте сингелија2, ни преостанува во синергија да стасаме до синархија3!”, ги пречекал дедо Михаил - во заеднички дух и на православен грчки, како што прилега - новите владици.

А дедо Стефан рекол: “Михаил, вистинска симфонија е твојава воведна синтомија4!”

Во тој момент, како на таен договорен знак (т.е. синтема) - оти Михаил и Стефан се синхронизирале, за да ја намалат напнатоста на младите владици - во просторијата на синодот влегле неколку келнери носејќи симити премачкани со синап, т.е. сенф, горчица.

“Сињор конобар, сакам цела симетрала (да не речам магистрала!) со симит поплочана!”, рекол Стефан. “А по повод пригодава еве еден виц: 'Си менталка?', ја прашал еден владика кравата што пасела среде дворот на Синодот. 'Си', рекла кравата. 'Ти си ми ментален симит - симетрија!', задоволно заклучил владиката.”

Откако владиците се послужиле со симитите премачкани со синап, Наум рекол:

“Сиот Сион може да му се фати за мал прст на нашево православие!”

“Толку, ко за почеток?”, прашал Михаил.

“Можам и јас да кажам еден виц”, рекол Наум. “Во Плав, Црна Гора, синодот на ЦПЦ заседава во синагога! За тоа време, во својот, пак, синод, циничниот Амфилохие одржува прием за синолози и кинолози!”

“Три минус”, ладно соопштил Михаил. “Немојте да ја заборавате старата македонска пословица: “Волкот на синорот не дави”. Синодот е синор, меѓа, а не меќава...”, рекол Михаил. “Кој е следниот?”

“Следниот е Јован, кој е синцелус или сингел, монах-придружник на епископот Петар...”, рекол Стефан.
“Синцелус синистер5”, дофрлил Климент.

“Синоќа, еден синоптичар ми рече дека времето во мојата епархија-синекура нема да биде синхроно со другите...”, искрено признал Јован.

“А мене еден (синокрил, синоок) гулаб слетан на симс, ми достави нешто ко sms порака: “синомим и ја = аноним”.

Дур ги сфатив тие чудни синестезии, дур го тргнав синџирот од врата и дур се симнав - испраќачот веќе испарил...”, рекол Наум.

“Ако човек по гелендер се симиња, ги прелетува сите имиња!”, издиктирал Михаил уште една македонска пословица, од апокрифните. “А домофонот 'Сименс' да не ти е?”, го зафркавал Михаил Наума. “Следниот...”

Следен бил поетски расположениот Методиј: “Јас, како во сон, со син од, паѓам во синодов како во синевина!”

“Сине, вина немој зашто си црн! И не фурај синдром на син друм!”, дофрлил злобниот Јован, а нежниот Методиј малку се стаписал ама му возвратил на Јована:

“Синко, ниско мааш, ко камен да буташ во ждрелото на Ниско, непрежален... Во тонот ти се чувствува симптом...”

“Во синија паѓаш од летечка чинија ко чудна ќерка на синот, Синија...”, поетски се произнесол и чудниот Јован.

Се јавил и Климент: “Би се приклучил овде, не ко ентузијаст туку како синузијаст: некој кој верува не само дека во Христа се обете природи, човечката и божјата, туку и обата пола, машкиот и женскиот! Да, Методиј! Пред синот, паѓаме во синевина, во синија и во сињак!”

“Синот како sin umbra? Ламба без сенка...”, рекол Методиј.

“Или синот како теменуга, синоличка?”, рекол Јован, инсистирајќи на родовите аспекти.

“Како што рече Стивен Хокинг, можеби космосот е составен од толку многу димензии како кора од портокал... Ние сме збиени само во едно од дупчињата, во еден набор, шуплина, то ест - синус...”, рекол Наум.

“И затоа сме синуозни, пресериозни, да не речам инцестуозни синови, во однос на таткото...”, се пошегувал Климент.

“Ова веќе е некаква синтеза”, рекол Михаил.

“Или синтакса?”, рекол Стефан. “Целото христијанство како таен јазик, такса за паднатиот син?”

“Или синтагма? Јагма по синот! Јагма по сингуларот! По синот-гуслар - синобрадиот гусар! - што ни го остави единствениот сингл, за еднолично пеење во мрачните ноќи!”, рекол јуродивиот Јован кој во моментот малку отшрафил.

“Јованчо, од тебе ми проработуе синуситисот, нервни синапси ми се распаѓаат комплет со симпатикус и парасимпатикус и срцево добува во синкопи... Олабави малце! Ако шириш симпур6 - стави пампур! Тапа! Затка! Чеп! Ебате!”, рекол архиепископот Михаил.

“Коа сме кај синапса, би искористил прилика да се вратам кон синопса, т.е. по модерно: синопсисот... Ние сите играме некои улоги, не? Некој нè испишува? Нè книжи во овој свет и истовремено нè испишува од него? Тој синопсис, евангелијата, е затворена приказна, не? Имаме добри и лоши, не?”, реторички прашувал Наум.

На крај, зборот, очекувано, го преземал Михаил: “Едно од можните резимеа може да биде: како што Наум добил твинпиксовска порака (“синомим и ја = аноним”), така и јас ќе речам, низ маниристички формули: “Симон и ја = симонија!” Сетете се на Симон, манијакот-симонијакот!

Симоновиот грев, гревот на халдејскиот волшебник Симон се состоеше во неговата намера од апостолите да ја купи тајната за правење чуда... А чудото, всушност, е во интеракцијата, како што покажа нашиот 'симпосион', во синхроноста, во синергијата, во синтаксата, во син- ...”

Фусноти:
1 Целава сцена меѓу шестте македонски епископи ја преземаме од славниот иконописец Гандолфо Волкановски кој сликава ја остави под наслов: “Симплегмата”. Симплегмата на грчки означува скулптури на борачи фатени во костец или споени глави и слики на торза, често пати одбележани врз монети.
2 сингелија - патријаршка диплома со која епископот се поставува во одредена епархија (грчки)
3 синархија - заедничко владеење (грчки)
4синтомија - кратко, збиено (грчки)
5 Синцелус - (грч., син, лат., cella, ќелија) собрат (во ќелијата); sinister (лат.) - лев, испревртен наопаку, злокобен, лош...
6 симпур - нервоза (архаизам)

Слики: Марк Рајден


Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото