Десетте најдобри на конкурсот за квир расказ на Окно!

26.09.2013 16:29
Десетте најдобри на конкурсот за квир расказ на Окно!

На конкурсот за квир расказ на Окно беа испратени вкупно 56 раскази од 44 автори. Генералниот впечаток во однос на квалитетот на пристигнатите раскази е дека не се баш блескави, во нив се препознаваат слабостите карактеристични за почетничките обиди, но со оглед на деликатноста на темата и фактот дека ова е прв книжевен конкурс од ваков вид организиран во нашата средина, резултатите може да се сметаат за задоволителни.

Од пристигнатите 56 раскази, по квалитет се издвоија околу петнаесет раскази од десетина автори. Секој од тие десет автори ќе биде награден со пакет книги од Темплум во вредност од 2000 денари. Пакетите со книги авторите ќе можат да ги подигнат на промоцијата на едицијата Квир Сквер во клубот ГЕМ на 27 септември (петок) или следниот ден од Темплум викендот.

Се надеваме дека овој конкурс претставува барем мал поттик и поддршка за авторите кои пишуваат квир литература, како и дека тие ќе продолжат да се надградуваат и да созреваат, прераснувајќи во писатели од кои може да се очекува и многу повеќе. Окно и Темплум и понатаму ќе продолжат со поддршка и афирмација на квир книжевноста и квир културата воопшто.

Подолу, го претставуваме списокот со најдобро оценетите десет дела на конкурсот за квир расказ на Окно. Ниеден од овие десетина раскази не се издвои над другите, па затоа решивме наградниот фонд рамноправно да го поделат десетте автори.

1. Чекор - Ана Михајлоска

2. Сонот - Створ Људски

3. Noroom generation - Љупчо Петрески

4. Докторот - Драгица Јорданоска

5. Еден начин да убиеш - Зоран Николоски

6. Ѓорѓе Јовановиќ - Антигона или избор

7. Ивана Галапчева - Очи како фетиш

8. Квир-внатрешен Монолог - Гала Ивановска

9. е-Пандора - Жена Земјанин

10. Поради законот - Елизабета Краљевски

Потсетуваме и на неколку квир раскази претходно објавени на Окно:

Пат во out - Ламија Бегагиќ

Таа е таа е таа - Уршка Стерле

Девет пива - Јелена Ленголд

Неделен ручек - Ива Хлавач

Во продолжение, претставуваме три наградени раскази. Следниве денови ќе објавиме вкупно петнаесетина најдобро рангирани раскази на конкурсот.


Чекор – Ана Михајлоска

Таа беше обично девојче, како и сите други на нејзина возраст, со единствена разлика што имаше мали проблеми со одот. Кога одеше со празни раце, како да не знаеше како се оди правилно. Стануваше толку самосвесна, што се вкочануваше и одеше како робот. За овој проблем таа најде решение кое можеби не беше совршено, но ја вршеше работата.

Предмети.

Забележа дека може да оди нормално кога врнеше, исто и кога пазареше со мајка ѝ. Сфати дека може да оди правилно само кога едната или двете раце ѝ се зафатени со нешто. Не ѝ претставуваше проблем да носи нешто в рака секојпат кога ќе излезеше, но знаеше дека тоа е само привремено решение. Не сакаше да тера така цел живот. Другарите и другарките ѝ го немаа забележано проблемот, можеби зашто не обрнуваа внимание на такви работи, а можеби и зашто таа вешто успеваше да го прикрие.

Времето поминуваше, а таа сѐ уште тапкаше во место. Неколку пати се обиде да оди со празни раце, со надеж дека сѐ ќе биде во ред, дека веќе не е истата од пред неколку години, но залудно. Смешното беше што проблемот не ни беше нешто трагично, страшно или смешно, едноставно беше чудно. Сигурно деведесет и девет проценти од луѓето не би забележале дека таа всушност не знаеше да оди со празни раце. Но, нејзината самосвест не ѝ дозволуваше да се опушти. Упорно се обидуваше да дознае што не е во ред со неа, но не можеше сама. Се двоумеше дали да се обрати на некој од пријателите, но ѝ се чинеше дека ќе прават зафрканции на нејзина сметка, дали поради тоа што помислата ѝ беше апсурдна, или зашто конечно ќе ѝ го забележеа чудниот од.

Кога потпорасна и вкусот за мода ѝ се разви, нејзините другарки ѝ се восхитуваа на бројните чанти што често ги менуваше. Секогаш носеше предмети најинтересни и најпривлечни за око, чадори во разни бои и со разни шари, чанти, папки, дури и ланецот со кој го шеташе кучето беше несекојдневен. Стана препознатлива по својот стил и секогаш успеваше да го зароби погледот на минувачите поради него. На момчињата им се допаѓаше поради свежината со која зрачеше.

Тогаш почна да излегува на состаноци. По неколку кратки врски таа сфати нешто. Конечно најде работа која ѝ помагаше да оди нормално без да држи чанта в рака. Секогаш кога ќе одеше фатена за рака со некое момче, не ѝ требаше ништо друго за да оди нормално. Па така почна често да го практикува тоа. Со кое било момче и да одеше, макар и да беа пар помалку од една недела, задолжително се држеа за рака. Беше среќна што конечно најде нешто ново и различно што ѝ помагаше да оди нормално, но сепак реши да не ги исфрли и старите работи што дотогаш многу ѝ имаа помогнато. Сепак, тие работи ѝ помогнаа да се изгради како личност со стил и уникатност.

Па, таа продолжи со комбинација од двете и почна да заробува туѓи погледи повеќе од кога било. Иако секогаш ги чувствуваше љубоморните очи упатени кон нејзините дечковци, си остана приземјена. Не беше посебно почестена што му е толку атрактивна на машкиот пол. Не беше ни посебно среќна што си најде замена за аксесоарите. Единствено беше среќна зашто надежта ѝ се врати.

Што и да правеше, со кој и да одеше на состанок, што и да држеше в рака, секогаш се чувствуваше како нешто да недостасува. Ни самата не знаеше што, но нешто одвнатре ѝ кажуваше дека има право.

Времето си поминуваше, а таа сѐ уште живееше со тоа чувство на делумна празнина и со надеж дека ќе го најде нештото што совршено ќе ја исполни.

Еден сончев ден, додека се шеташе со другарка ѝ, за малку ќе доживееше несреќа. Возачот не виде или не сакаше да види дека му е црвено и за малку ќе ги згазеше. За среќа, другарката веднаш изреагира, ја зграби неа за рака и ја повлече наназад. Таа не знаеше што точно се случи, бидејќи сѐ беше толку брзо, а кога се врати во нормала имаше чудна сензација во стомакот. Претпостави дека ѝ е така поради случката и се обиде да ја занемари.

Но, чувството никако не си заминуваше. Толку ја обзеде што веќе ни чадорите ни чантите не ѝ помагаа да се движи правилно. Почна да се плаши од тоа што ѝ се случуваше, а ни самата не знаеше што беше тоа. Сакаше да се изолира од светот додека не изнајде решение. Останатите претпоставуваа дека има блага траума од случката, па ја оставија на мира. Единствената што реши да вложи малку повеќе напор и да открие што навистина се случува беше истата другарка која ја спаси. Беше решена да ја извлече од удобноста на нејзиниот дом.

Така, другарка ѝ ѝ дојде дома, ја фати за рака и некако ја доведе надвор. Во тој момент, таа забележа дека оди нормално. Престана да го перцепира чувството како чудно и неистражено, туку баш напротив, како вродено и удобно. Во тој момент таа сфати кое е делчето што недостасуваше.


Еден начин да убиеш – Зоран Николоски

Едно зимско утро парот се реши да ги посети родителите. Претходниот ден снегот ја беше покрил земјата. Парот се извлече од незгодниот момент по запознавањето, напуштајќи ја куќата. Докажувајќи безизлезност, двајцата одлучија да прават снешко. Родителите се запрашаа што им се случи. Ручекот остана недоспреман, разделен во три тави разнебитувајќи ја целоста на веста што им се беше прикажала. Парот ги истркала топките снег по нивна лика и ги постави една на друга, ставајќи ја најмалата на врвот. Двајцата поставија два моркова како носови, четири парчиња од ланскиот ќумур како два пара очи и растегнаа една дланка камења во две насмевки. Снешковците се држеа за раце испотени од предолгото чување тајна. Родителите ја набљудуваа раскалашеноста и му се помолија на сеправедниот Бог за чудо. И точно тогаш, молитвите се остварија. Зимското сонце се беше разгневило претворајќи го парот во пепел. Родителите продолжија со спремање на ручекот, надевајќи се дека снешковците, сега веќе без раце, ќе опстојат до наредниот ден.


Очи како фетиш - Ивана Галапчева

Рутинското будење со скокање од кревет не ја прескокнуваше никогаш. Па зошто денес би било исклучок? Вечерите беа тие кои ѝ даваа надеж за различно утро; утро во кое ќе се разбуди трансформирана. И потоа тој ден ќе се повторува бесконечно и не, нема да ѝ здосади. Денот во кој ќе може да даде одговор/и.

Таа сум што сум, заеби – имаше обичај да си каже за сопствена утеха, во отсуство на сочувство од некој друг. Поточно: „Таа сум што сум, заеби?“

Мајка ѝ ја гњавеше и ова утро со типичните срања:

„До кога планираш да се глупираш?“

„Како тоа?“

„Така убаво. Почни да се однесуваш како возрасен човек.“

„Мислиш девојка?“

„Чуј, Марина, стварно ми е преку глава од тебе и твоите ПРАШАЊА. Среди си го животот веќе еднаш.“

„Како да си го средам?“

„Знаеш што, крши глава, еден ден ќе си ги најдеш стварите во ходник и вратата ќе биде заклучена. “

„Крај на разговорот?“

Тресок на врата.

Рутинско утро.

Помисли на претходната вечер. Сликата на преполната дискотека, со издрогирани тела еуфорично испреплетени во трескавичен музички ритам ја пресече наглото сеќавање на Златко спружен врз неа на тревата во паркот.

Златко? Пак?

Па што? Барем не ја заморуваше со разговори како другите, ни пред, ни после, туку дум, трес, чао.

Зарем е тоа доволно? А тоа што одбива да погледне во очи? Оној детектиран недостаток? Зарем не беше тоа единствениот предуслов за меѓусебно поврзување? Визуелниот разговор како единствен начин на љубовна синтеза?

Одбиваше да си признае дека во еден краток дел од секундата тој, всушност, ја погледна во очи, и она што го прочита не ѝ се допаѓаше, па затоа сега претпочиташе вака. Сѐ беше дозволено, освен тоа. Да, дури и му забрани. Така барем можеше да фантазира нечии други очи. Но чии? Во колку ќе треба да погледне и да се уплаши пред да ги најде оние со вистинската приказна? А што ако најпосле и ги пронајде, а тие, вистинските очи, се згадат од нејзините?

Се присети дека тој ја распрашуваше околу очите на почетокот. Првиот пат кога му рече (го праша?) да ја гледа во очи, уште пред да започнат со сексуалната игра. Не можеше да му објасни дека очите зборуваат единствено во љубовната екстаза. Во тој миг и само тогаш.

Но, доста. Некои работи се доволни, зар не? Така викаат луѓето? А Марина? Цело е кога се има сѐ? Ха, преку леб погача, си го замисли коментарот на мајка си. „Среди се веќе еднаш, ееееј.“ Е да, што друго да каже кутрата жена?

Доста беше размислување. Време е за акција. Се врати во собата и почна да го разгледува ѕидот на кој црташе неколку месеци. Облик на очи, само толку. А внатрешноста празна. Не знаеше како да ја пополни. Не се осмелуваше да почне. Не смее да згреши. Кога еднаш ќе успее да ги наслика, тогаш ќе го има вистинскиот поглед засекогаш. Можеби нема да има потреба ниту да го бара во човечка форма. Ќе ги гледа тие очи постојано. Пред спиење. Наутро. Во текот на денот.

Почна да претура по соба, но просторот почна да ја задушува, па набрзина ги навлече синоќешните алишта и истрча од дома. Мирисот на него од претходната вечер ја задушуваше, но се надеваше дека ветерот ќе го раздува.

Дури луташе низ улиците, во правец на ветерот, низ глава ѝ се премотуваа многубројните тела со кои се имаше споено сите овие години и погрешните очи во кои надежно погледнуваше во клучните моменти. Тие болни мигови на согледување на: себичноста, лицемерноста, егоцентричноста, злобноста, малициозноста, одвратноста, самозаслепеноста.

Начепка нешто во џебот. Опа, ливче. А на него број, а до него иницијалот М. Прати порака:

„Се знаеме?“

Одговор за 5 секунди: „Дојди во ‘Рупа’ – те чекам цел ден.“

Доволно интрига за навистина да отиде. Па што? Не ни знаеше дека „Рупа“ работи преку ден.

За десетина минути беше таму. Вратата беше отворена, но внатре темница. Само што сакаше да излезе надвор, зачу женски глас: „Здраво Марина. Јас сум Мила. Се видовме сношти, ама се изгубивме во целата гужва. Мислам дека еден дечко те тегнеше надвор.“

Марина молчи. Збунета, љубопитна, уплашена?

Очите веќе ѝ се приспособија на слабата светлина и тогаш ја здогледа неа и во истиот миг заборави на луцидноста на ситуацијата и почувствува истовремен трепет и душевен мир.

Мила се приближуваше кон неа. Навистина е гола или почнав да халуцинирам? Се тресеше од возбуда. Зошто? Од мистеријата на целата ситуација? Што всушност се случува? Полудувам?

Мила веќе беше пред неа и ја вдишуваше околу вратот и во косата. Ох, боже. Возбудата на Марина се распрснуваше од секоја пора. Немаше потреба од пенетрациски климакс. Доволен беше еден допир. Се разбира, погледна во очите, како и секогаш. Очите на Мила. Ја прочита приказната што ја бараше. Тоа е тоа. Вистината е комплицирана и едноставна. Исто како очите. Сите исти, а различни. Зборовите се излишни, површни, лажни. Само погледот знае да каже.

***

Зјапаше во нацртаните очи на ѕидот. Успеа да ги заврши за неколу часа. Менталната слика ѝ се врежа и тоа беше доволно. Сега знаеше дека не е сама во своето лудило. Дека постојат и други. Сфати која е. Што е. Очите како ничиј фетиш. Очите како само нејзин фетиш.

Пикна неколку маици во ранецот и замина. Во потрага по нов одговор со ново прашање. Оти во часот кога ќе откриеш една вистина, се наметнува друга загатка. Оти во потрагата се крие суштината. Каде, што, како, зошто, со кого...?

Слики: Lee Jin Ju

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото