Темплум викенд 27-28 септември

26.09.2013 15:52
Темплум викенд 27-28 септември

27, петок, ГЕМ клуб

17:00 ч.

Промоција на три наслови во едицијата Квир Сквер:

Морис - E. М. Форстер
Збогум, Берлин - К. Ишервуд
Ред за ручек - Уршка Стерле

Морис е приказна за млад човек од средната класа во потрага по сопствениот идентитет во рамки на општество во коешто нема место за остварувањето на неговата љубов кон маж. Најпрвин Морис влегува во хомосексуална врска со припадник на својата класа, соученик во Кембриџ, но врската ќе пропадне. По неуспешните обиди да биде „излечен“ со психотерапија, Морис остварува љубовна врска со младиот и сиромашен ловочувар. Морис се бори со себе, а истовремено и со сопственото опкружување, за да изнајде простор каде што би можел да биде тоа што чувствува дека е, и како таков да биде прифатен.


Романот Збогум, Берлин првпат објавен во 1939 година, е збирка на полуавтобиографски записи водени во почетокот на триесеттите години во велеградот на Вајмарската република. Џорџ Орвел напишал за овој роман: „Брилијантна скица на општество во распаѓање“. Според дел од романов е снимен и славниот филм Кабаре (1972) со Лајза Минели. Одломка од романот може да прочитате овде.

 

 

 

Книгата Ред за ручек на словенечката писателка Уршка Стерле нуди дваесет и еден ангажиран расказ, пишуван во период од повеќе години. Во расказите испреплетени со лезбејска тематика се гледа празнотијата на современото урбано живеење. Без влакна на јазикот, авторката раскажува за досадните семејни собири или пасивната неплодност на современите уметници. Во своите раскази таа искрено и директно ги претставува истополовите љубовни врски. Во нејзините ликови се одвива интензивен внатрешен дијалог, којшто ја проблематизира неизбежната потреба гласно да се искажат скриените чувства, но и неподносливата тегобност на вербализацијата. Расказ од книгата може да прочитатеовде.

Разговор: книжевноста и излегувањето од плакар
Учествуваат: Јасна Котеска, Дејан Илиќ, Петар Стојковиќ, Никола Гелевски


19.00 ч.

Проекција на филмот „Морис“ (1987, 140 минути) на Џејмс Ајвори, снимен според истоимениот роман на Форстер.

28, сабота, ГЕМ клуб

15:00 часот

Претставување на книгоиздателството „Фабрика књига“, Белград
Промотор: Дејан Илиќ

16:00 ч.

Промоција на романот „Стариот пак е пијан“ од словенечкиот писател Душан Чатер; разговор со авторот и потпишување на книгата


17.00 ч.

Проекција на филмот „Кабаре“ (1972, 124 минути), снимен според романот „Збогум, Берлин“ 

19.00 ч., ЕУ Инфо центар во Скопје

Книжевен разговор со Душан Чатер (Љубљана), Дејан Илиќ (Белград) и Никола Гелевски (Скопје)

ВАЖНО!

Во текот на Темплум викендот наградените автори на Окно конкурсот за квир расказ ќе можат да си ги подигнат наградите во ГЕМ клубот.

Во продолжение, може да прочитате едно поглавје од романот „Морис“ на Едгар Морган Форстер, кој е дел од едицијата Квир Сквер

 

44.

„Алек, разбуди се.“

Трзај на рака.

„Мораме да се договориме.“

Се приближи уште поблизу до него, преправајќи се дека сè уште спие, топол, мускулест, среќен. И Морис го преплави среќа. Се обиде да стане, но не можеше бидејќи Алек силно го прегрнуваше, па заборави што сакаше да каже. Низ прозорецот полека се пробиваше светлината од надворешниот свет каде што сè уште врнеше. Чудниот хотел уште некое време можеше да послужи како нивно уточиште од непријателите.

„Време е за станување, момче. Утро е.“
„Стани тогаш.“
„Како би можел кога ме држиш!“
„Премногу мрдаш, ми сметаш.“

Веќе не му беше незгодно пред Морис. Тоа заврши вчера, по посетата на музејот се чувствуваше послободно. Ова беше како одмор, Лондон и Морис, сега сè беше во ред и тој сакаше само да се излежува, да губи време и да води љубов. Морис го сакаше истото, што беше за пофалба, но беше загрижен поради она што ги чекаше во блиската иднина, на што влијаеше и фактот декa сè повеќе се разденуваше, а при светлината на денот и самата помисла за уживање се чинеше нереална. Мораа да разговараат за некои работи, да одлучат што ќе прават понатаму. Се збогува од ноќта, од сонот и од моментите во кои беа будни, од цврстите прегратки и нежноста, од слаткото уживање, од темнината која им пружаше сигурност. Дали некогаш повторно ќе доживее таква ноќ?

„Морис, добар си?“ – го запраша Алек откако го слушна како воздивнува. „Удобно ти е? Слободно потпри се врз мене, онака како што сакаш ти... така. Немој да се грижиш. Сега си со мене. Не грижи се.“

Да, имаше среќа, беше сигурен во тоа. Испадна дека Скадер е добар и нежен. Беше прекрасно да се биде со него, беше преубав, шармантен, еден во илјада, остварување на сонот. Но дали беше и храбар?

„Баш е убаво вака... ти и јас.“ Усните им беа толку близу што тоа повеќе личеше на бакнеж отколку на разговор. „А кој би рекол... Кога те видов прв пат си помислив ’Би сакал јас и тој..’ Туку така... ’Зарем не би можело јас и тој...’ И еве сме сега.“
„Да, и затоа мора да се бориме.“
„Кој сака да се бори?“ – звучеше вознемирено.
„Доста се боревме.“ 
„Целиот свет е против нас. Мора да се прибереме и да направиме план додека сè уште
можеме.“
„Зошто сега зборуваш за тоа, зарем сакаш сè да расипеш?“
„Затоа што мораме да разговараме за тоа. Не смееме да дозволиме работите да тргнат на лошо, како што се случи во Пенџ и пак да завршиме повредени.“

Одеднаш Алек го мавна со раката огрубена од сонцето, и му рече: „Тоа болеше, нели? И треба да боли. Така се борам јас“. Навистина го здоболе, но на Морис му беше јасно дека сето тоа е само обид да се избегне темата. „Само немој да ми зборуваш за Пенџ“, продолжи тој.

„Пенџ каде што бев слуга – Скадер направи го ова, Скадер направи го она, а онаа старана, знаеш што ми рече еднаш? Ми рече: ’Те молам биди љубезен и однеси го писмово до пошта, ти, како се викаше?’ Како се викам! Шест месеци секој ден доаѓав до проклетата предна врата за да ги слушам наредбите на Клајв, а мајка му не знае ни како се викам. Кучка. Реков: ’Како се викаш ти? Да ти го ебам името’. За малку ќе го кажев тоа. Сега ми е жал што не кажав. Морис, нема да веруваш на кој начин им се обраќаат на слугите. Тоа е страшно. И оној твој Арчи Лондон е ист, а ни ти не си подобар од нив. ’Еј ти’ и слично. Немаш поим за колку малку можеше да ме изгубиш. За малку немаше ни да се качам по онаа скала кога ме викаше, си мислев – не ме вика тој мене, а потоа навистина се разбеснив кога не дојде во хангарот за чамци, а баш убаво те викнав. Господинот не сакал да доаѓа! Е па, ќе видиме за тоа! Мене отсекогаш ми било убаво покрај езерцето. Често одев таму, ќе испушев понекоја цигара, пред и да знам нешто за тебе, лесно се отклучува, дури и сега го имам клучот со мене... хангарот за чамци, а покрај него езерцето, толку е мирно... ќе видиш некоја риба понекогаш во водата... и моите перници наместени како што сакам...“

Замолча, веќе не му ни текнуваше што да каже. Кога го започна својот монолог, беше гласен,
весел, па дури звучеше малку извештачено, а потоа гласот полека му стануваше сè потивок, сè додека веќе не можеше да ги издржи тагата и вистината кои испливаа на површината.

„Ќе одиме некогаш и во тој твој хангар“, рече Морис.
„Не, нема.“ Наеднаш се тргна од него, потоа длабоко воздивна, па го привлече кон себе и го прегрна толку силно како да се подготвуваше за крајот на светот. „На ова барем ќе се сеќаваш.“ Стана и го погледна, додека празните раце му висеа опуштени, а зад него низ прозорецот пробиваше сивилото во собата. Како да сакаше токму така да биде запаметен. „Лесно можев да те убијам.“
„Или јас тебе.“
„Каде ми е облеката?“ Изгледаше зашеметено.
„Доцна е. Немам ни брич, не ни претпоставував дека ќе останам ноќва... Треба... Морам веднаш да фатам воз, во спротивно Фред ќе си помисли сешто.“
„Па нека си помисли.“
„Господе, замисли да нè види Фред сега.“
„Не може да нè види.“
„Па, сепак би можел... во секој случај, утре е четврток, да; во петок се пакувам, во сабота Нормандија заминува од Саутемптон и тоа е збогум за Старата Англија.“
„Сакаш да кажеш дека нема повеќе да се видиме.“
„Така е. Добро го сфати тоа.“

И сè уште врнеше! Влажно утро по вчерашниот порој, влажните кровови на музејот, влажно беше дома, но и во шумата. Контролирајќи се и внимателно избирајќи ги зборовите Морис рече: „Токму за тоа сакав да разговарам со тебе. Зошто да не се договориме пак да се видиме?“
„Како мислиш?“
„Зошто не останеш во Англија?“

Алек продолжи да шета по собата, барајќи си ја облеката, целиот преплашен. Така полугол изгледаше речиси како получовек. „Да останам?“ – извика. „Да го пропуштам бродот, дали си ти луд? Од сите глупости на светов... Ако, само ти наредувај ми, тоа и личи на тебе.“
„Какви се шансите двајца луѓе како нас да се сретнат на овој начин? Ова е нашата прилика, ако ја пропуштиме никогаш нема да добиеме друга, ти го знаеш тоа. Остани со мене. Ние се сакаме.“
„Така е, но тоа не е изговор да се однесуваме како будали. Да останам со тебе! Како? Каде? Што би рекла твојата почитувана Мајка кога би ме видела ваков, груб и грд?“
„Таа не мора никогаш да те види. Нема да живеам дома.“
„Каде ќе живееш?“
„Со тебе.“
„А, така ли? Не, фала. Ти на моите воопшто не би им се допаѓал, а можам да сфатам и зошто.
А кажи ми, те молам, што ќе биде со твојата работа?“
„Ќе ја напуштам.“
„Твојата работа во градот, која ти носи пари и позиција? Не би можел да ја напуштиш таа работа.“
„Сè се може ако се сака“, рече нежно Морис.
„Кога еднаш ќе сфатиш што сакаш, после лесно можеш да го постигнеш тоа.“ Гледаше во сивата светлина, која сè повеќе им го отстапуваше местото на жолтите зраци. Ништо не го изненадуваше во овој разговор. Всушност, не ни помислуваше дека некогаш ќе го води. „Би можел да најдам некоја работа со тебе“, рече.
Беше време да го каже и тоа.
„Каква работа?“
„Ќе се снајдеме.“
„Ќе се снајдеме и ќе умреме од глад.“
„Не. Ќе имаме доволно пари за да преживееме на почетокот, додека не најдеме нешто. Не сум будала, а ни ти. Нема да гладуваме. Размислував за ова додека бев буден синоќа, а ти спиеше.“
Алек молчеше неколку секунди, а потоа продолжи, со многу пољубезен тон: „Нема да успее,
Морис. Би пропаднале и двајцата, сфаќаш, и јас и ти.“
„Не знам. Можеби. А можеби не. ’Класата’. Не знам. Знам што би можеле да направиме денес. Ќе заминеме оттука и ќе одиме на убав појадок, а потоа до Пенџ или каде и да сакаш за да го најдеме тој твој Фред. Можеш да му кажеш дека си се предомислил за заминувањето во Аргентина и дека наместо тоа си прифатил да работиш за г-динот Хол. Ќе дојдам со тебе. Не ми е гајле. Ќе се видам со кој било, ќе се соочам со сешто. Па и нека претпостават за што се работи, што ако? Доста ми е од сè. Кажи му на Фред да го откаже твојот билет, јас ќе му ја надоместам загубата и тоа нека биде почеток на нашата слобода. Потоа ќе го решаваме следниот проблем. Ризично е, но сè е ризично. А еднаш се живее.“

Алек цинично се насмеа и продолжи да се облекува. Неговиот начин на однесување наликуваше на вчерашниот, само што овојпат не се работеше за уцена. „Зборуваш како некој што никогаш не морал да заработува за живот“, му рече. „Се обидуваш да ме заробиш со твоето ’те сакам’ и слично, а потоа сакаш да ми ја уништиш иднината. Дали сфаќаш дека ме чека сигурна работа во Аргентина? Иста како твојата овде. Жал ми е што Нормандија заминува баш во сабота, но така е како што е, веќе купив сè што ми е потребно, а и Фред и жена му сметаат на мене.“

Морис лесно ја проѕре скриената беда зад претставата, но зарем сега му беше важна која било проникливост? Нормандија секако ќе исплови, а тој не можеше да го спречи тоа. Изгуби. Уште отсега се подготвуваше за очекуваното страдање кое веројатно ќе трае многу подолго од она на Алек. Кога ќе започне со својот нов живот Алек нема долго да се сеќава на своите авантури со еден господин, а потоа сигурно ќе се ожени. Итриот млад човек од работничка класа кој знае што е најдобро за него, младиот човек кој веќе го наметна тој одвратен син костум врз прекрасното тело. Сега му се гледаа само црвеното лице и темните дланки. Си ја залижа косата. „Добро, отидов јас“, рече, и како тоа да не беше доволно додаде: „Кога подобро ќе размислам, најдобро ќе беше воопшто да не се сретневме.“

„Во ред“, рече Морис, не гледајќи го додека ја отклучуваше вратата. 
„Плати однапред за собава нели? Нема да ме сопрат долу? Не би сакал сето ова да заврши со
некаква непријатност.“

ОкоБоли главаВицФото