Рокерски совети

27.09.2013 09:47
Рокерски совети

Откако се појави, рокенролот претставува некој вид огледало во кое се гледа исклучително прецизна слика на општеството и културата. И додека во таа слика на меѓународен план доминираат модата и воопштувањата кои се неопходни за рокенролот да биде прифатлив за сите на Земјината топка, во сликата на национален план често доминираат критичките елементи на бунт и незадоволство кои играат примарна улога во поттикнувањето на рокерската имагинација. Рокенролот, односно неговата главна струја, никогаш не престана да биде глас на совеста отворено реагирајќи на разни неправди. Ако тоа е точно, каква слика за младите во денешна Србија може да се добие врз основа на слушањето на поновата рокенрол продукција? Навистина, заснована е врз мал примерок - преслушав само седум-осум понови компакт дискови на српски рок групи, но верувам дека и значително поголем примерок би дал слични резултати.

Рокерскиот глас често е глас на осаменост, предизвикана од неспособноста на поединецот да се прилагоди на општеството, односно многу почесто, неспремноста на општеството да ја прифати „неприлагодената“ млада личност. Тоа добро се гледа во песната на групата „Репетитор“ која пее, на пример, „Мојот живот не е во мои раце“, „не ми треба никој да ми каже дека ме сака“, или потресното „десет пати неделно чувствувам дека сум жив, но никогаш не знам што со тоа“. Страв од системот се препознава во „орвеловските“ стихови „ќе земат цевче да ти го испијат мозокот“.

Групата „Слаптрап“ на сличен начин укажува на телевизијата како на извор на зло: „на ТВ нешто нудат, баш се трудат да ме полудат“. Во друга песна, иронично го советуваат младиот човек: „Продај се за големи пари, биди убав и глуп, уживај во животот“, но исто така констатираат „не сакам да се спуштам во калта на овој град“. Тоа е истата кал за која, во песната под тој наслов, пее групата „Klopka za pionira“. Тие велат: „Калта е всушност насекаде - калта те гази - калта не си оди - калливо утре - каллив одвнатре“.

Каква млада личност расте во таа духовна кал? Тоа е личност која, не успевајќи да се ослободи од калта, станува деструктивна, неспособна да сака или да биде сакана. За таква личност, верувам, зборува песната „Омраза“ на групата „Klopka za pionira“: „омразата на светот ми го полни срцето, можам да разорам сè, да запалам и да срушам, да почувствувам мир во душата; зашто кога мразам јас постојам, а кога сакам се плашам“. Ова е совршена слика на менталната состојба на младите српски (и сите останати, нормално) јуришници кои сите проблеми сакаат да ги решат со ќотек, насилство и презир, бидејќи се плашат од добрите чувства. Во нивната свест нежноста е симбол за кукавичлук, а љубовта е симбол за пораз.

Во песната „Глутница“ групата „Klopka za pionira“ дополнително го разјаснува тоа: „Во глутница сонувам, во глутница се поклонувам, во глутница не ми е страв, глутницата може да убие“. Таа глутница „мисли место мене, гледа место мене“, и затоа „не ја напуштај глутницата, кој ќе те штити, или си во глутница, или ќе те нема“. За спротивставување на таквата идеологија, непоходно е да се формира свој став, односно да се мисли со своја глава. Тоа го вели и групата „Репетитор“: „гледам со свои очи, полека се ослободувам“.

Без тоа, без личен став, младиот човек е секогаш во опасност да биде злоупотребен. Во времето во кое живееме тешко е да се одржиш на површина и објективно да ја согледаш ситуацијата. Општеството, системот, околината, главно не сакаат поединци кои покажуваат тенденција да бидат поинакви. „Оваа средина го држи под вода“, како што пее групата „Klopka za pionira“, „таа го дави, му дава малку воздух, па вели сега слави ме“. Значи, сè има своја цена и секоја лојалност се плаќа. Впрочем, тегобно ќе заклучи оваа група: „Кога зборот не вреди, пиштолот може да убеди, пиштолот решава недоразбирања, пиштолот може да ја стиши страста“.

Да, тегобен е светот на младите луѓе во Србија денес и тегобен е рокенролот кој тие го создаваат. Тогаш, сосема е природно што групата „Нежни Далибор“ пее „само на маглата ѝ припаѓам“, бидејќи таа непотполно дефинирана зона, тоа магловито подрачје во кое нема цврсто утврдени граници, претставува прибежиште од светот во кој насилството е една од ретките извесности. Но, маглата не е доволна без зборови. Затоа понекогаш треба сериозно да се слушне она што младите настојуваат да го изразат со своите стихови и својата музика. Ако многу млади луѓе, да ја парафразирам групата „Klopka za pionira“, се чувствуваат како странци иако се дома, тогаш тоа е знак дека дошло време таа куќа да се среди и исчисти од разноразни неканети гости, да стане нивен вистински дом.

Извор: Политика
Слика: Marco Machatschke


Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото