Диктаторче во Њујорк

27.09.2013 09:04
Диктаторче во Њујорк

Во какво светло и со какво лице, утре, oд говорницата на Обединетите нации, ќе се претстави последниот диктатор на Балканот, неоспорениот тиранин на една од најмалите и најсиромашни земји во светот? Многу големи и почитувани државници говореле од мермерната говорница и, да бидеме искрени, говореле и уште поголеми диктатори, од Хрушчов со својот чевел, до Кастро и Чавез со нивните екстензивни, антиимперијалистички говори.

Но, што ќе каже нашиот мал диктатор, каква порака тој има да испрати до светот? Или како фарсата што Груевски ја инкарнира, при своето претставување, со уште полош англиски, ќе го парафразира Саша Барон Коен од филмот „Диктатор“ каде вели: Зошто ме викате диктатор, јас сум недемократскиот лидер избран од мојот народ.

Како и при неговото последно обраќање во 2011 година, не се сомневам дека пораките на Груевски ќе бидат вообичаените жалопојки за тоа како една мала земја го бара своето место под сонцето. Како сме жртви на непринципиелноста и притисоците на Грција и како правиме сè што е во наша моќ. Ќе троши суперлативи, ќе врисне дека нашето име е Република Македонија, ќе зборува за нашето име и идентитет, за блокадите на кои наидуваме на секој чекор.

Ќе има сигурно и пораки за домашната јавност, за неговата макотрпна работа, за економските перформанси, но пред сè ќе присуствуваме на еден патетичен говор каде малиот диктатор ќе бара поддршка и сожалување. Ќе биде уште еден тажен и лажен спектакл, овој пат пред светската публика. Настрана тоа, малку што друго може да се очекува од посетата на Груевски на ОН и САД.

Неговиот престој наместо да се искористи за дипломатска офанзива и за политички контакти, повторно се претвори во лажна економска промоција. Недолично и срамно е за еден премиер кој оди во најмоќната држава на светот да се претставува себеси како економски промотор, и тоа како многу лош промотор. Впрочем и бројките не лажат: само 100 милиони евра странски инвестиции оваа година и негативниот примат како последни според инвестиции во регионот. Но, тоа не го спречи Груевски наместо да води државна дипломатија и да се занимава со сериозна надворешна политика, посетата во САД да ја искористи за уште една приватна прошетка маскирана во веќе излитените род-шоуа.

Грчката дипломатија во меѓувреме не мирува, вчера ни испратија самоуверена порака дека Македонија е проблемот во спорот и дека ја прекршуваме Привремената спогодба. Грците впрочем не ни мораат повеќе некого да убедуваат, таа работа одамна ја заврши Груевски за нив. Убеден сум дека Грците не можеа да сонуваат за подобар сојузник од Груевски, човек за кој се молат што подолго да остане на власт.

Како и да е, колкава трагедија е да се гледа Груевски на сцената на ОН, по оние државнички говори на Глигоров и Црвенковски. Впрочем, тогаш бевме ценети и почитувани или како „оаза на мирот“ или како демократска држава која напредува кон Европа и светот. Груевски оди во Њујорк со багаж на прочитан политичар, премиер/промотор на една изгубена држава, како еден од последните диктатори во Европа.

Груевски во ОН оди со багаж на човек кој целосно ја има партизирано државата, премиер кој зборува за принципи, право и демократија, а нè скара со целото соседство и нè подели по сите основи.

Премиер на држава која има политички затвореници, каде не постои слободно судство или правна држава. Груевски треба да застане пред светската говорница додека Кежаровски го поминува и петтиот месец притворен во самица. Треба да ги погледне во очи своите колеги, додека ја задушува секоја слобода во својата земја, додека лови и навредува хомосексуалци, прогласува за непријатели невладини и новинари, се заканува на политичари и бизнисмени.

Пред домот на светската демократија ќе зборува човекот кој го погази македонскиот Устав и со насилство ги исфрли пратениците на опозицијата од македонскиот дом на демократијата. Но пред сè, пред светот ќе застане човекот кој е олицетворение на криминалот и корупцијата, популистот кој го осиромаши сопствениот народ и го доведе до питачки стап.

Светот и Обединетите нации виделе многу диктатори во својата историја, многу од нив им ја украле сцената на демократиите, но никогаш не виделе помизерно, понебитно, просто непотребно и надвор од ова време, надживеано диктаторче. Жално е што Обединетите нации и понатаму ќе ги слушаат угнетувачите на народот, наместо угнетениот народ. Но, уште пожално е што во сета наша небитност, ние самите не знаме да си помогнеме.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото