ДПМНЕ унапреди сто членови од лајкачи во коментатори на сајтови

27.09.2013 11:34
ДПМНЕ унапреди сто членови од лајкачи во коментатори на сајтови

Скопје, 27 септември 2013

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во интернет кафето 24/7 ја промовираше новата генерација членови од подмладокот, кои освен со кликање „лајк“ на Фејсбук на позитивните вести за партијата, ќе се занимаваат и со оставање коментари на интернет страниците.

„Целта е да им се спротивставиме на платеничките сајтови кои создаваат илузија дека во Македонија не тече мед и млеко. На таквите портали ќе им се случи сајбер-народ, а ние само ќе го организираме гласот на народот“, рече истакнатиот член на ДПМНЕ, Илија Спиновски.

Од друга страна, ДПМНЕ сака да регрутира и нови лајкачи на Фејсбук, бидејќи власта си ја врши работата толку добро, што просто тешко се постигнува да се кликне лајк на секоја убава вест.

„Се радувам што ќе станам анонимен коментатор. Мислам дека ја надраснав фазата на кликање лајк. Се надевам дека за неколку години ќе бидам регрутиран и за расправа на форуми, иако сега не се чувствувам подготвен за тоа“, изјави анонимниот коментатор со кој разговараше екипата на Пара вести.

Аналитичарите очекуваат за неколку месеци оваа акција да вроди со плод и македонскиот народ конечно да стане свесен за сите убавини со кои е исполнет неговиот живот.

Текстот е напишан според статија од www.njuz.net