Хегемонија на неправдата

27.09.2013 11:07
Хегемонијата на неправдата

Антигеј лобито со помош на власта веќе со години успешно ја одзема платформата за човековите права и уставните гаранции за еднаквост на сите граѓани пред законот, поместувајќи го фокусот кон прашањата за безбедноста, светските завери и одбраната на српството – за што имаат далеку подобра кампања и поблагодарна публика, констатираа учесниците на трибината на „Пешчаник“, одржана во средата вечерта во Културниот центар REX во рамките на „Неделата на гордоста“.

Соговорниците на Светлана Лукиќ се сложија дека делот од општеството кој е заинтересиран за остварување целосна рамноправност на ЛГБТ заедницата, е заробен во „четири ѕида“ во постојано преговарање со државата за условите на сопствената слобода. Оттука, не нè чуди отсуството на солидарност со другите загрозени малцинства или непријатната тишина пред секојдневните изливи на говорот на омраза.

„Правото на ваков собир не го гледам како ’право на различност‘ туку како елементарно човеково право на постоење“, рече Билјана Србљановиќ и додаде дека на властите не треба да им се нуди можност да се изјаснуваат за тоа. „Дачиќ не почитува ништо, не знае ништо за човечките права, многу е одговорен за тоа што човечките права се толку деградирани изминатите две децении. На властите не треба да им се дава да се изјаснуваат за што било освен молчешкум да ја извршуваат својата работа, не зашто тоа го бара Европската унија туку зашто тоа им е уставна обврска. Немам ништо против да го сменат мислењето и да го променат гласачкото тело, но нека го прават тоа на своите партиски собири.“

Билјана Србљановиќ оцени дека прашањето за таканаречената безбедносна проценка се сведува на прашањето дали оваа година властите ќе ги регрутираат хулиганите или не: „Тоа се луѓе што се платени да го прават тоа, тоа е нивна професија која се пренесува од генерација на генерација. Малку одат во војна, малку на натпревари, малку тепаат на улица... проценката за безбедносната ситуација е проценка дали им ја плаќаш дневницата или не.“

Подобрата промоција и подобрата публика за насилните антигеј групи се израз на патријархалното општество, посочи Надежда Миленковиќ: самата замислена слика за односот на двајца мажи веќе е удар врз патријархатот – „зашто си никој кога ја нема жената со која доминираш“. Таа ги предупреди ЛГБТ организациите и активистите дека имаат лоша комуникација со јавноста, дека заостануваат зад антигеј „активистите“ кои наметнуваат свои теми и го извртуваат фокусот на јавноста од прашањата за дискриминацијата и човечките права.

Што ќе постигне групата која бара рамноправност во општеството доколку годинава се одржи Парадата на гордоста? Ништо, зашто прошетката им ја овозможува оној што ги нарекува ненормални, рече Дејан Илиќ кој посочи и дека општеството е навикнато на тешки зборови, додека го занемарува основното прашање за постоење на државата во услови во кои се признава постоењето на некоја помоќна сила. „Државата е приклештена помеѓу две сили посилни од неа, однадвор и однатре. Прашање е што ќе се случи во деновите по Парадата, доколку биде одржана. Едно можно сценарио е дека Парадата ќе биде како во 2010 година – ние ќе го прошетаме својот круг додека наоколу полицијата ќе се пресметува со луѓето кои сакаат да го спречат тоа; друго сценарио е дека оние што сакаат физички да се пресметуваат нема да дојдат, но и тогаш кругот на движење ќе биде заграден од полицијата“, наведе Илиќ и додаде дека тоа нема да значи дека проблемот на рамноправноста ќе биде решен. Во општеството е потребен сојуз кој заедно ќе бара почитување на човечките права за ЛГБТ заедницата, азилантите од Сирија, Ромите, работниците; недостасува хоризонталната солидарност пред која приватното мислење на политичарите ќе стане излишно, истакна Илиќ.

Зборувајќи за отсуството на солидарност Билјана Србљановиќ особено посочи на нормализацијата на секојдневниот прогон на жените во јавниот дискурс. Општеството тоне во неконтролираното насилство над жените, убиствата и претепувањата на жените станаа речиси секојдневна појава, а тие потоа во медиумите се оправдуваат со статусот или однесувањето на жртвите. Општеството е структурирано да произведува „спонзоруши“, старлети, доброволни сексуални работнички – тоа е една од основните функции на жените во патријархатот, а истовремено и оправдување за насилството и прогонот на кои секојдневно се изложени, посочи Билјана Србљановиќ издвојувајќи неколку понови примери како таблоидното изживување над црногорската активистка и групата „Жените од интернет“ кои застанаа во нејзина одбрана, свирепиот прогон на пратеничката во парламентот која е поранешна членка на групата старлети „Моделс“, како и понижувањето на Јованка Броз во кое, освен таблоидите, главен егзекутор беше докторот и директор на болницата во која таа се лекува.

Секој настан во јавноста, секоја личност која станува жртва на јавниот прогон затоа што го потресува патријархатот, мора да биде повод за реакција на сите ЛГБТ организации, особено оние кои ја организираат Парадата, нагласи Билјана Србљановиќ, зашто „нашиот заеднички проблем е хегемонијата што владее со нас“.

Имаме претседател на владата кој не само што е прост, туку е и хомофоб, имаме пасивни цивилни организации во кои има хомофоби, загрозените малцинства не се солидарни меѓусебно... има работа за секој од нас“, рече Светлана Лукиќ и оцени дека решавањето на косовското прашање не може на властите да им обезбеди дозвола за кршење на човечките права.

Извор: http://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото