СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и не треба да биде

28.09.2013 11:58
СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и не треба да биде

Едно е јасно: На Груевски му одговара непопустливоста на Грција. Тоа му го продолжува животот како неприкосновен владетел со Македонија оти, нели, за внатрешна употреба тој е последната линија на одбраната на името и идентитетот. Шансите за Македонија во ЕУ и НАТО со уставното име се намалуваат од ден на ден и тоа е процес кој тече од самитот на НАТО во Букурешт. Какви се позициите на Груевски за надворешна употреба не знаеме. Неговата пропагандна машинерија создава непробојна димна завеса. Дел од таа димна завеса е и прозиводството на домашни непријатели кои, нели, работат за надворешните непријатели со кои Груевски насмеано се фотографира. И, додека се замајуваме со прашањето кое е заковано во ќорсокакот на политичките интереси на Груевски и Самарас, парите се одлеваат од Македонија во џебовите на „патриотите" од професија и интерес.

Наивно е од СДСМ да се обидува да биде конструктивен. Сите обиди за конструктивност Груевски ги торпедира како предавство. Македонските граѓани сега повеќе ги интересираат егзистенцијалните проблеми од ЕУ. Не мислам дека за догледно време е можно решение на спорот. Патот е блокиран од двете страни зашто така им одговара на властодршците од двете страни на границата. И јас не гледам зошто Шекеринска паѓа во стапицата. Сака да го расече Гордиевиот јазол, а нема меч в рака. Мечот е во рацете на Груевски. Сѐ уште. Затоа не се согласувам со Геро дека најважна работа е СДСМ да излезе со предлог како да се реши спорот. Не, тоа треба да го направи Груевски со своите пријатели во Брисел.

Она, пак, во што не се согласувам со Саше Политико е неговата теза дека популизмот на ВМРО—ДПМНЕ може да биде поразен само од популистички СДСМ. Во СДСМ имало и има популисти, но популизмот не оди под рака со социјалдемократијата. Популизмот подразбира, поедоставено кажано, многу демагогија. Тезата на Саше е многу опасна. Две популистички партии се премногу за Македонија!

СДСМ треба да работи на јакнењето на разликите меѓу двете најголеми партии. Подметната теза дека сите се исти треба да се демантира и со зборови и со дела. Секојдневни и секаде! За да се случи тоа треба силна политичка волја.

Одличен пример за тоа даде Бранко Црвенковски кој на дело ги демантира сите внатрешни и надворешни интриги дека тој тоа никогаш нема да го направи. И мислам дека неговото заминување беше резултат од соочувањето со промашувањата на неговта кадровска политика.

Значи, уште еднаш и едноставно кажано, СДСМ треба да се ослободи од вмровското во себе си! Од она што го имал и од она што сега му се нуди како стратегија.

И уште нешто: Линијата на разграничувањето не е спорот за името!

Извор: Мактел
Слики: Свирачиња

Корисни линкови:

Бранко Героски - Заев и Шеќеринска, вие сте „предавници“ по дифолт!

Саше Ивановски - Геро се шета пијан по керамиди и го вика СДСМ да тргне по него