На Скопје, со љубов

30.09.2013 06:27
На Скопје, со љубов

Скопје е град на старата добра Европа, Скопје е град на воинствениот и немирен Балкан, Скопје е град во жешката, мала и неразвиена држава — Македонија.

Скопје е стар град, неговите векови на постоење навлегуваат длабоко во историјата на цивилизациите што поминале преку него, за што има материјални и духовни сведоштва за сите оние што во тоа не веруваат или што се сомневаат.

Скопје е своевиден споменик и биограф на Македонија.

Скопје е онаков какви што беа сите негови жители и каков што тие, скопјани, го посакуваа. Скопје има убави и грди нешта, горди и смешни желби, генијални и бесмислени зафати, со настојувања да биде управен, политички, индустриски, културен центар, во што имаше и препотенција и романтична скромност.

Низ Скопје минувале воинствени и природни сили што го уривале и што го пустошеле. Меѓутоа, и од најжестоките налети имаме остатоци во вредни објекти или споменични делови, кои ги среќаваме по улиците, скромните плоштади, парковите и по лапидариумите.

Скопје, по сите светски показатели за развој на градовите, во поново време, требало да се гради и да се уредува по следните определби: функционалистичката, технократската, економистичката и продуктивистичката.

Меѓутоа, поради специфичните историски и политички услови, неговиот развој беше воден и од инструменталистички и квантифицирани визии за уредување на градот во едно тоталитарно или само позитивно општество. Со новите урбанистички проекти и изградени објекти како да се трудевме да го измениме изгледот на градот, а не да ја сочуваме љубовта кон него.

Така, Скопје сè повеќе се оддалечуваше од едноставната идеја за градот како колективна стварност.

Затоа, јас би настојувал понатамошниот развој на Скопје да го вратам кон првичната идеја, преку следниве генерални застапувања:

— отворање на градската администрација кон жителите, со зајакнати форми на контакти со граѓаните преку изложби, аудиовизуелни известувања за градските програми и проекти, формирањето комисии со советодавна функција надвор од градската администрација, признавање на разните стручни здруженија и сојузи како соговорници во управувањето со животот на градот, барање мислења преку референдум од разни слоеви на жителите и сл.;

— враќање кон старите и превреднување на новите градски слики и обичаи што се заборавени и отстранети, врзани за разни свечености, за фолклорот со локална боја; фестивали, дефилеа, разни културни седмици, „музика и изложби на улица“, пазар и распродажби под ведро небо, театарски претстави, игра, улични натпревари и турнири и сл.;

— борба против сегрегацијата и против монофункционалноста, особено во регионите на домување низ населбите, со вклучување на хетерогеноста во станбената изградба од индивидуалната до колективната;

— приоритет на јавниот сообраќај, промена и реструктуирање на сообраќајната мрежа, модернизација на постоечкиот, постапно воведување електрични возила, поттикнување да се употребат јавните средства во сообраќајот (со снижена, па дури и „бесплатна“ тарифа) во централниот градски простор, ограничување и построги прописи за употреба на автомобилите, претворање на улиците во централното градско подрачје во пешачки патеки, сервисни пристапи за снабдување и за локално паркирање;

— афирмација на преостанатите историски делови и објекти во градот како места за идентификација на граѓаните преку нивна реставрација и ревитализација;

— рехабилитација и доизградба на просторите за јавни собирања и нивна опрема со соодветен градски мебел и сигналитет (плоштади, паркови, градската тврдина, излетишта во околината на градот).

Скопје, како и сите други градови, има две дадени вредности — жителите (луѓето) и просторот (земјиштето) — тоа се негови основни богатства. Само со умешна комбинација во ангажирањето на овие две вредности, со здраво и рационално користење на земјиштето и со обмислена творечка работа на луѓето, ќе можеме да дојдеме до профит, до рента или до посакуваната рента за социјален, економски, културен и еколошки напредок.

Моето ангажирање би се потпирало токму на овие вредности, со правилно меѓусебно вреднување во демократските услови на пазарните односи, а не во некакви механизми на псевдослобода. Ќе се ангажирам да се отстранат сите манипулации со прилично големите износи на рентите, од кои на градот му остануваа само трошки.

Скопје како град, пред сè, треба да стане достоен на граѓаните, читлив и прегледен, препознатлив по своите улици и плоштади, домови и жители. За тоа да се постигне, ќе се залагам за следното:

— урбанистичките планови и архитектонски проекти да се ревидираат и да се поправат сè додека не понудат „хомогенизиран простор“;

— точен и одговорен катастар со редовна регистрација на сите промени;

— квалитетна законска регулатива околу регулацијата и користењето на градскиот простор (земјиште), без одземање на правото на поседување на просторот, туку донесување правила како треба да се користи тој со јавно право, со јавно мислење, но и со јавна одговорност на поседувачите;

— ослободување на градот од пренаселеност;

— отстранување или максимална заштита од сите загадувачи, како во самиот град така и пошироко во регионот;

— ревитализација на сите спортски и рекреативни терени и изградба на нови како предуслов за нови вредности во работењето, здравјето, квалитетот во производството и виталност во продукцијата;

— градот да го гледа својот интерес во секој одделен граѓанин и обратно, истиот тој граѓанин да го гледа својот интерес во градот;

— институциите и објектите од областа на културата да бидат места што ќе ги водат граѓаните до творечко и до духовно ослободување и до идентификација на вредностите што лично или колективно ги поседуваат со оние од Европа и од светот;

— зелените површини на Скопје не му се потребни само поради производството на кислород; тие се потребни и за движење и за престој во нив од психолошки и од физички причини;

— Скопје мора да смета на малите секојдневни микроклиматски поволности. Пред сè, тоа е струењето на свежиот воздух од шумата на Водно и од шумите на Скопска Црна Гора, поради физичките законитости од разликата на загреаноста и на притисокот на воздухот. Во Скопје се долги временските периоди на продори на свеж воздух преку ветер од подалечни региони поради природните препреки, особено на оние што доаѓаат од северозапад. Затоа, плански, со обмислени интервенции, треба да се обезбедат слободни зелени продори во зачестен ритам и разумна широчина од шумите Водно и Скопска Црна Гора, кои ќе слезат до градот како „ретки проводници“ на свеж воздух;

— бреговите на реката Вардар без одлагање ќе се залагам да станат густ зелен појас, користејќи ја можноста за природно наводнување, а тоа веднаш ќе мораат да го сторат, делумно од сопствени вложувања, и оние што денес користат делови од тој простор;

— депониите за секаков вид отпад ќе се залагам да се решат максимално безбедно и здраво на регионално ниво со учество на државата како важен еколошки и економски проблем, по углед на развиените земји;

— знам и свесен сум, Скопје како ниеден град во Македонија мора да издвојува средства за разни јавни активности, од културата до социјалата, од разните стручни здруженија до помошта за стари и за изнемоштени лица;

— ќе се залагам за посебни врски на Скопје со другите градови во Македонија; посебно би ги издвоил оние во непосредна близина, како Тетово, Куманово и Велес, кои имаат најнепосредни економски и еколошки влијанија врз Скопје;

— исто така, лично ќе ја поттикнувам соработката на Скопје со градовите во Југославија, на Балканот, во Европа и каде било во светот каде што ќе најдеме интерес во заеднички проекти и настапи во секоја област за која сме доволно подготвени. Веќе воспоставените врски ќе настојувам да се прошират и да се развијат во нови содржини и форми.
Скопје е како турлитава полна со различни национални, социјални, културни и економски содржини. Во неа ќе се „печат“ сите македонски проблеми. Потребна е умешност сè подеднакво да биде „печено“. Не смее ништо да „изгори“ за да не се расипе вкусот на сета тава.

Не прашувајте ме што ќе сторам јас за градот — прашајте се што ќе направиме заедно за Скопје.

Заедно ќе направиме работилница за поправка на нашиот град!

На Скопје, со љубов,
архитект Живко Поповски

Текстот е објавен во списанието „Млад борец“ на 7 ноември 1990 година, кога архитектот Живко Поповски се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Скопје. Овде, тој ги открива своите идеи и визии за тоа како треба да изгледа главниот град на Македонија.