Тапкароши

30.09.2013 11:54
Тапкароши

Деновиве во скопските кина се прикажува филмот „Соба со пијано“ на Игор Иванов Изи, а за мошне скоро време е најавена и скопската премиера на „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. Секое премиерно прикажување на македонски игран филм во оваа средина било означувано како своевиден културен празник. Во таа смисла, колку потажни ни стануваат овие празници, толку потажно ни е и творештвото.

Значи, македонските филмови не се само уште еден повод за ламентирање врз тажната состојба на овдешните кина, туку повеќе врз тажната состојба на македонскиот дух. А таа, ете, можеби најдобро може да се илустрира со изчезнувањето на една опскурна, иако типично урбана, професија – препродавањето, односно тапкањето билети. Веќе одамна, со децении, на скопските улици, пред кино-салите и спортските терени, а за театрите и да не зборуваме, ги нема некогаш препознатливите тапкароши (или за пуританците во јазикот, ќе го формулираме овој збор со типичен македонски суфикс – тапкачи).

Парадоксот на тапкарошите е во тоа дека станува збор за типична капиталистичка професија, нешто што произлегува од потребите на пазарот на културните и творечките вредности, а која беше најразвиена токму во периодот на негирање на пазарните вредности, односно во времето на социјализмот. Токму со службеното воведување на капитализмот, како општествен систем на овие простори, исчезнува оваа капиталистичка придобивка.

Тапкарошите, значи, беа класичен пример на она што денес се нарекува претприемачки дух. Станува збор за индивидуалност во настапот, самоиницијативност, инвестирање на сериозни финансиски средства и сериозно време, соодветна доза ризик што произлегува од проценката на инвестициската вредност на проектот, но и од општите услови во општествениот амбиент (близината на период на примање плата и волјата на властите да воведат финансиска дисциплина во оваа област).

Потребата од појавата на овие неколку самоникнати и специфични културни професии (тука мислиме и на таканаречените аквизитери – трговци-поединци што продаваа книги по претпријатија и по станови) го одразува растечкиот налет на урбаниот дух во паланката, која полека се преобразува во град. Едноставно, покрај автомобилот, телевизорот, машината за перење и телефонот, за најширокиот слој на средната класа во создавање препознатлив знак беше и нивната легитимација во културата – пред сè таканаречените „книги на метар во бојата на регалот и мебелот“, но и потребата да се биде во тек со културните и спортските настани.

За да се покријат овие неопходности за легитимирање на урбаната средна класа, неопходно беше задоволување на повеќе предуслови, од кои најважни беа финансиските средства, слободното време и љубопитниот дух. Се разбира, за да се задоволат овие услови голема е улогата на социјалната држава (киното како најевтина забава, книгите на бескаматен кредит), релативно добриот стандард, организираното време (заштита на правата од работен однос) и медиумската клима, односно медиуми кои, освен информативната и забавната функција, ја имаат и онаа подеднакво важна едукативна улога.

Денес, ете, ниту социјалната држава функционира, „книги на метар“ речиси и не се произведуваат, а камо ли да се продаваат „на бескаматен кредит“, време има сè помалку, а медиумите во оваа прилика воопшто не би ги ни коментирале. Со други зборови, не сме повеќе сведоци на процесот на исчезнување на едвај никнатата урбана средна класа, туку на нејзиното комплетно деструктуирање. Новите технологии, врз кои најчесто (би рекле, на прва топка) се вперува прстот како на единствени виновници за пропаста на овие вредности (пиратирање музика и филмови, бесплатни или евтини електронски книги, лесен пристап до информации) всушност се само едно згодно алиби за систематското и системско уништување на духот како доблест, но и како субверзивна активност во секое општество што подразбира цврсти нормативи во однесувањето на неговите членови.

Во таа смисла, појавата на тапкарошите, иако на некој начин влегуваат во сивата економска зона, во суштина беше предвесник на ентузијазмот и волјата за изградба на сериозно цивилно општество, додека нивното исчезнување, аналогно на ова, е сигурен знак за песимизмот и разочарувањето, односно за изградба на едно поданичко општество, кое повеќе не е заинтересирано ни за сопствените вредности, ако тие веќе не се официјално пропишани.

Некој ќе каже дека како што пазарот ја наложил појавата на тапкарошите, така пазарот и го одредил нивното исчезнување. (Оваа накарадна логика најчесто се користи при образложувањето на исчезнувањето на медиумите од македонскиот медиумски простор). Она што е интересно е дека тоа – не е така. Некаде во средината на август, британски „Гардијан“, на пример, објави една сериозна анализа околу растењето на „тапкарошкиот“ бизнис во оваа земја. Овој текст е само дел од широката расправа за етичкиот карактер на препродавањето билети, пред сè од аспект на авторските и продуцентските права, бидејќи вишокот вредност што една, на пример, театарска претстава го прави не се враќа во театарот туку завршува кај претприемачот, кој со тој театар и нема некоја особена врска. Донесувањето закони против „тапкањето“ е исто така меч со две острици – „тапкањето“ се префрла на интернет, каде што можностите за измами повеќекратно се зголемуваат. Но, како и да е, со што и да резултира оваа дебата – тоа нас едноставно не нè интересира. Во ерата на преживување од ден за ден, далеку сме од тоа дека ќе бидеме сведоци на некоја театарска или филмска продукција за која ќе се бара „билет повеќе“, па тапкарошите повторно да излезат на сцена.

Но, како што рековме, не беше секогаш така. Авторот на овие редови, иако најчесто се служел со услугите на препродавачите, има и сопствено искуство во тапкањето билети. Денес звучи неверојатно, но трите недели, колку што во тогашното кино „Вардар“ се прикажуваше филмот „Кум“ на Френсис Форд Копола, беа доволни да се заработи тромесечен џепарлак. Сепак, гужвата беше толкава, што во еден момент интервенираше и органот на редот и мирот, отелотворен во еден, ајде така да кажеме, крупен милиционер. Мојот грб, во својата не толку долга историја, тогаш го осети првиот пендрек врз себе (за волја на вистината, наменет за некој друг грб, многу повешт во ескивирањето на гумената палка.)

Што се однесува до популарната култура, најпознати препродавачи се лондонските браќа Родни и Дел Тротер од култната телевизиска серија „Only Fools and Horses“, кои можеби најпрецизно ја изразуваат оваа професија – секогаш на работ меѓу легалното и илегалното и секогаш со желба за фаќање приклучок со урбаниот свет.

ОкоБоли главаВицФото