Лондонскиот градоначалник ги штити велосипедистите од таксистите

30.09.2013 12:59
Лондонскиот градоначалник ги штити велосипедистите од таксистите

Градоначалникот на Лондон Борис Џонсон неодамна на таксистите од британската престолнина им упати едно писмо (и една налепница) во кое апелира до нив да обрнат повеќе внимание на велосипедистите.

Инаку, освен по своите контроверзни и остри изјави, Џонсон е познат и како страствен велосипедист. За време на неговиот мандат во Лондон почна да функционира системот на градски велосипеди кој и понатаму се развива. Остана запаметен по тоа што на кралскиот пар - принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, како подарок за венчавката им подари велосипед за двајца, а по раѓањето на нивниот син Џорџ, во име на градот, син трицикл.

Што пишува во писмото?

Градоначалникот Џонсон во писмото укажува на проблемот под име „doorings“ - отворање на вратите од автомобилите и пресекувањето на патот на велосипедистите. Еден од податоците кои ги наведува е и тој дека таксистите сочинуваат еден процент од возилата во сообраќајот во Лондон, а се вклучени со дури 10 проценти во повредите на велосипедистите.

Секако, Џонсон не ја префрли сета вина врз таксистите, бидејќи патниците се тие кои при излегувањето од такси не гледаат пред да ја отворат вратата. Но...

Како пример, првиот човек на Лондон го наведе Њујорк, каде за да се намали бројот на повреди предизвикани на овој начин, на вратите на возилата се ставени натписи кои ги потсетуваат патниците пред да ја отворат вратата да погледнат дали наидува велосипед.

Со писмото, таксистите добија налепница и молба да ја стават на видно место во своите возила.

А што велат таксистите?

„Кампањата за безбедност на патот на лондонските улици е многу силна, не само за велосипедистите, туку и за моторите. 'THINK!' е дел од таа кампања која се спроведува благодарение на лондонскиот градоначалник Борис Џонсон. Со еден збор, чудак, а иако десничар, сакан од сите“, вели еден лондонски таксист.

Сепак, иако овде ни се чини дека по прашањето за велосипедистите Лондон далеку напредувал, таксистот вели дека велосипедистите сѐ уште не се рамноправни учесници во сообраќајот.

„Постои одлична инфраструктура за велосипедисти. Знаци, патеки, ознаки на патиштата, паркинг, што и да посакаш, што би требало да значи дека се рамноправни учесници во сообраќајот. Но, мора да ве разочарам. Ние, лондонските таксисти, не ги гледаме велосипедистите како рамноправни. Но не само ние, туку повеќето моторизирани учесници во сообраќајот. Не сакам да кажам дека ги гледаме како пречка, туку сакам да кажам дека ако сакаш да бидеш рамноправен учесник во сообраќајот, би требало да подлежиш на истите закони како и останатите учесници. Да имаат некој вид ознака, броеви, регистрации. Така што, ако поминеш на црвено, возиш пијан, без светло итн., да подлежиш на исти казни како и ние 'моторизираните'. Е, тогаш ќе бидеме рамноправни. Верувајте ми, така мислат повеќето луѓе во Лондон“, вели таксистот.

Извор: dnevnikjednogbicikliste.rs

ОкоБоли главаВицФото