Антигона или избор

01.10.2013 09:07
Антигона или избор

Антигона или избор - Ѓорѓе Јовановиќ



Антигона беше несреќна или поточно изнервирана поради тоа што разбра дека е лик. Сонуваше дека ако подготви една драмска улога, ако ја одигра успешно, тогаш ќе може да ја види светлината на денот. Кога се разбуди првин помисли дека е некоја будалаштина, но кога немајќи што да прави се реши да провери по аглите само колку да направи нешто, на големо нејзино изненадување пронајде ракопис.

Откако го пронајде ракописот почна да замислува чудни работи. Замислуваше дека е дел од некоја свадба која ќе се раскажува многу години по нејзината смрт. Некогаш кога ќе ги отвореше очите од нив излегуваа човечиња со рогови и ѝ пречеа на некој начин во спремањето на улогата. Свеќите кои ги имаше во сѐ помал број добиваа нозе или ќе им се појавеше гласот, нов глас кој не наликува на ниту еден глас и имитираа гласови на диви животни. Иако до сега не знаеше дали е машко или женско, полека почнуваше да разбира што всушност е и мантијата која ја откопа и од која подоцна испадна половина човек, половина коњ и служеше за покривање на телото. Тогаш прв пат дозна дека нема никогаш да умре ако не ги изговара репликите баш онака како што треба. Јазикот за чудо го знаеше и штом почна да чита од ѕидовите и кога поминуваше со свеќа по нив загледана во испишаните форми, толку заводливи и тешки за разбирање, почна да се рони првиот слој. По некое време ја дозна и таа приказна, но не можеше да поверува дека нема да може да излезе од неа и кога ликот на Фараонот се упати до аголот на ѕидот со кочијата, баш преку него да ја утеши и да ја убеди во мислата дека единствениот спас за неа е играњето улога којашто е сонувана, свеќата згасна и тој повеќе немаше претстава каде треба да оди за да стигне до неа. Кога повторно забележа светлина виде дека е во битка, ранет и полека се освестуваше, секако, не знаејќи дека својата душа може да ја искористи за благородни цели. Тој беше најмладиот Фараон. Во исто време Антигона го мислеше неговото појавување во битката и можеше да си ја воочи сликата конечно. Тој во нејзините мисли живееше и вториот слој од ѕидот повеќе немаше за што да се држи, па се појави и третиот дел. Повеќе не се доближуваше до ѕидот и сѐ повеќе се сомневаше во своето постоење како што било. Воопшто не ѝ беше јасно како треба да се однесуваат живите, а како мртвите. Нејзиниот најголем сомнеж е што мора да игра историска личност која живее неколку века по нејзиното појавување. Имаше само верба во себе, ништо повеќе, можеби не беше доволно само да се мисли во такви услови. Дури и да беше сигурна дека постоела некогаш сега потполно не знаеше што е затоа што толку време поминало и толку промени надвор се имаат случено, а таа сѐ уште нема чувство за време што нејзиното појавување во било која друга форма би значело нејзина потполна трансформација. Беше упорна. Понекогаш додека го туркаше мракот со својата сенка додека со свеќа одејќи првин ги читаше зборовите и мавташе со рацете како да чувствуваше некоја глава во просторијата која лебди над неа. Нејзиното чувствување дека е само лик, а не живо суштество ја доведе до чудно прашање и таа во еден момент се праша: - Дали да сум бездушна, или што?

Нема многу време повеќе. Наеднаш ги отвори очите, чудна светлина ѝ помина преку лицето како света вода и таа за прв пат изговори: - Не сакам да останам. Не можам да останам. Зошто тетрахот гледа во мене, цело време со оние негови очи како крт, под трепкавите очни капаци? Чудно е сопругот на мајка ми да ме гледа така. Знам што значи тоа. Да, навистина знам.


Докторот - Драгица Јорданоска

 

Решив да имам второ дете. Ближев до четириесеттата. Жена ми беше постара. Ми препорачаа доктор специјалист. Одевме редовно. Ни наплаќаше како на ѓаволот. Не се бунев. Ги трпев сите гомненици. Докторот беше мало седумдесетгодишно човече, сосем ќелаво, со дебели очила и лоша смисла за хумор. Еден ден ме повика рано. Сам. Ми правеше еден од опсежните прегледи на пенисот. И покрај уредениот спермограм нешто не чинеше, „веројатно технички проблем“.

Ме фаќаше и фаќаше. Не знам како и зошто, но ми се крена. Се вознемирив и засрамив. Сакав нешто да зборнам, кога осетив заби на него. На мојот пенис. Ги видов тешките пукала крај своите мадиња. Докторот ми го имаше земено во устата! По иницијалниот шок, се прибрав, почнав да врескам и да го пцујам копилето. Ја спраштив низ вратата, неспастрен, со изваден пенис, подуен и полуден.Стасав до колата и се сетив дека треба да го убијам гадот. Туркав и тропав на вратата, но лешинарот заклучил. Отидов дома и ѝ кажав на жена ми дека веќе нема да одиме кај докторот.Само толку.

Сосема случајно , по неколку години, во весник прочитав дека починал. Епитафот беше прекрасен. Рекоа дека бил добар човек кој им помагал на другите.


Внатрешен монолог - Гала Ивановска


- А, ти си од тие - ми велиш.
- Кои се тие?
- Тие од странство.
- Не знам што значи тоа.
- Знаеш де, тие што излегле од овде, тие што знаат како е.

Го игнорирам ова, пробувам да те оставам да уживаш во исфрустрираната илузија во која си ја замоталa мојата персона.
Не ти кажувам дека сѐ уште влечам трауми од стари писма кои сум ги пишувала на осум години.
„Тето, децата овде не ме играат баш.“
И мисли кои се запечатени во мојава глава и се вклучуваат како стара лента во форма на нечија туѓа нарација.
Ситни камчиња кои летаат кон мене и јас како го мавам воздухот со зелен чадор како некој Дон Кихот.
До шесто одделение ми го паметеа тој чадор, се смеевме подоцна.
И кога конечно се пронајдов и створив нешто свое, горе на еден таван под косите прозорци по кои непрестајно лееше дожд, ме вратија назад.
Само што почнав да пуштам корени, ме пресадија.

- Што правиш сега овде?
- Ништо интересно.
- Не ти верувам. Не е можно некој како тебе да не прави ништо интересно.

Кога се вратив сите ме гледаа како да сум некое чудо.
Сите мислеа дека си мислам дека сум некое чудо.
Потоа, се чудеа зошто не се однесувам соодветно на чудо.
Изгледав сосема различно од сите, отскокнував и морав одново да присвојам некоја прифатлива персона.
Почнав да присвојувам стил на шмизла не знаејќи што е шмизла.
Кога сфатив, свртев 360 и присвоив стил на запуштеник повторно без да знам дека таква импресија ќе оставам.
Ама ете да од тие, тие од надвор, да.
Тие што се жигосани да шетаат низ светот и секаде да се чувствуваат како странец.
25 години требаше да поминат, за да сретнам некои луѓе кои ме направија да се чувствувам колку-толку нормално, ми створија некое чувство кое што јас мислам дека е дома.
Некои места, некои моменти кога се чувствуваш дека си таму каде што треба да бидеш, кога можеш да земеш длабоко воздух.

- Сакаш пијачка?
- Може.

Се смешкам и ја шмукам благата напивка, наскоро, ќе ми проделува и нема веќе да ми се буди внатрешниот монолог, со нетрпение го очекувам тој момент.

- Знаеш невообичаено ми изгледаш. Имаш поглед во кој што има цела историја.
- Не би одела до таму - велам.

Наместена насмевка и премолчувам, бидејќи научив како луѓето реагираат на мојот тип на брутална искреност.
Сфаќам дека не знам зошто седам со неа, дека нема потреба.

А, сепак, одново, присвојувам некоја персона која е прифатлива за неа, затоа што мене животот ме направи камелеон и можам да бидам што сакам. За среќа сé поретко имам потреба да ја користам таа своја способност. Некако, се навикнав во својата кожа по години самување и апстиненција. Но, еве во вакви случаи, кога благата напивка почнува да ги зашеметува сетилата и да буди хормони, корисно е.

- Зошто се врати?
- Ја сакам нашава земја. Сакав некако да придонесам да се развие овде некоја алтернативна сцена. Толку е сѐ конзервативно, тоа нé убива, тоа ме убива. Наше е да го отвориме тој простор, тој дијалог. Да смениме нешто.

Ја чувствувам како се топи.
Готова е.
Понекогаш е толку лесно, толку очигледно.
А, лажам.
Јас немам своја земја.
Имам свои луѓе за кои би дала живот и кои по некоја коинциденција се повеќето од оваа земја, имам ќошиња во кои ми е пријатно и единствено нив си ги припишувам за свои. Јас сум вечниот странец. Странец сум во туѓа земја, странец сум во мојата.

- Си одат другиве? - велам.
- Да. Ќе останеш?

Се смешкам, кимам со главата.
Те бакнувам.
Глумиш изненадена.
Ме снемува на момент во некој безвременски простор, во некоја паралелна димензија.
Се враќам.
Пробувам да заборавам како се викаш одејќи накај дома.

Слики: Tran Nguyen

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото